Економија
Македонија 2025 организираше коктел за угледни бизнисмени во Торонто
Организацијата Македонија 2025 во вторникот во Торонто организираше коктел на кој присуствуваа повеќе од 60 македонски и канадски бизнисмени, меѓу нив членови од Одборот на Директори на Македонија 2025, угледни бизнисмени од Канада со македонско потекло како и бизнис делегација од Македонија од различни професионални профили.
Претседател на Одборот на директори на Македонија 2025, Мајк Зафировски, ја отвори вечерта со акцентирање на важноста од постоењето на македонската дијаспора и нејзиното организирано и професионално дејствување со цел да ѝ се помогне на татковината во градењето на посилна економија а со тоа и на посилна држава. „Потенцијалот на македонската бизнис дијаспора е голем, а токму настаните од овој тип нудат одлична можност за луѓето да се придружат и да отпочнат соработка“, рече ЗафировскиЏон Битов, член на Одборот на директори на Македонија 2025 верува дека Инвестицискиот Самит кој Македонија 2025 го организира во Охрид е одлична можност за потенцијалните инвеститори да дознаат повеќе за бизнис можностите во Македонија и воедно ги покани сите присутни да земат учество на Самитот во октомври.Зоран Мартиновски, член на Одборот на директори на Македонија 2025 ја истакна вредноста која студиската програма во Торонто ја има за учесниците од Македонија. Оваа студиска програма ќе го промени начинот на размислување на бизнис професионалците, ќе ги охрабри да бидат поиновативни, ентузијасти и секогаш да се трудат да ги прошират нивните бизниси на глобално ниво.Домаќинот на коктелот, генералниот конзул на Македонија во Канада, Драган Ѓурчевски истакна дека Македонија веќе има имплементирано многу олеснувања со цел да привлече поголем број странски инвеститори. „Бизнис климата континуирано се подобрува, а реформите создадоа поволни услови за отварање и водење на бизнис,“, рече Ѓурчевски. Тој ја истакна важноста од одржувањето на вакви настани кои ги поврзуваат бизнисмените од Канада и Македонија, и напорите да создадат услови за соработка и потенцијални нови инвестиции.Коктелот беше можност за разговори за перспективни бизнис зделки во различни сектори. Канадските бизнисмени со македонско потекло беа воодушевени што запознале подготвени професионалци од Македонија кои можат да водат меѓународни бизниси и да генерираат нови бизнис идеи. Изразена беше надеж дека голем број бизнис зделки кои беа отпочнати ќе стимулираат извезување на македонските производи како и дека ќе привлечат поголем број странски инвестиции во земјата. Учесниците на коктелот организиран од Македонија 2025 имаа можност да уживаат во вината на винаријата Стоби, а храната и сирењето беа обезбедени од Трипл Еј Чиз и Еуро Форте Трејд Канада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.

