Економија
ЕК го изнесе планот за механизмот за гаснење на потклекнатите банки

Европската комисија(ЕК) во среда изнесе детален предлог за европскиот механизам за гаснење на потклекнатите банки во рамки на процесот на воспоставување на банкарска унија, која предвидува и можност за заобиколување на регулаторот во земјите членки, а на банките им поставува построги услови за помош.
Главна цел на механизмот е преку посилен надзор да гарантира ефикасно гаснење на банките, со минимални трошоци за даночните обврзници и реалната економија, истакнуваат во ЕК.
Во првата фаза Европската централна банка(ЕЦБ) како супервизор би сигнализирала дека одредена банка е во сериозни финансиски проблеми и дека треба да се угасне.
Потоа новоформираниот европски одбор за ликвидација, составен од претставници на ЕЦБ, Комисијата и регулатори од земјата во која банката работи, ќе подготви предлог за нејзино гаснење, вклучувајќи и инструменти и ангажман на Европскиот фонд за гаснење на банките.
Врз основа на препораката на одборот или на сопствена иницијатива Комисијата потоа би одлучила дали треба банката да се угасне и кога да се покрене таа постапка. Од правни причини, конечниот збор за тоа не би можел да го има одборот, истакнуваат во Брисел.
Регулаторите на земјите членки потоа под надзор на одборот би спроведувале план на гаснење на банката. Во случај да не ја почитуваат европската одлука, одборот би можел да ги заобиколи и да упати налози директно до потклекнатите банки, предлага Комисијата.
Брисел замислил и воспоставување на европски фонд за гаснење на банките кој би бил контролиран од новоформираниот одбор, а би гарантиралч среднорочна финансиска поддршка на банките во процесот на преустројување. Би го финансирале банките и би ги заменил соодветните фондови од одделни земји членки.Доколку биде одобрен, новиот механизам би можел да стапи на сила во јануари 2015 година, напомнуваат во ЕК.
Во меѓувреме, оваа работа и натаму ќе ја вршат регулаторите на земјите членки, но таа би требало сè повеќе да се прилагодува на начелата договорени на ниво на ЕУ, кои најпрво предвидуваат префрлање на товарот на загубата на банките од даночните обврзници на акционерите и кредиторите, предупредуваат во Комисијата. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.