Економија
Условениот увоз на пченица се однесува на сите членки на ЦЕФТА
Условениот увоз на пченица се однесува на сите членки на ЦЕФТА, не само на Србија, а има рок до 31 декември, одговори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, на пратеничко прашање.
„Датумот на укинувањето е всушност клучен фактор во стабилизација на пазарот. Одлуката не сме ја донеле затоа што сакаме да спречиме увоз од друга земја“, рече министерот Димовски, одговарајќи на пратеничко прашање на Ивон Величковски од ЛП, кога ќе се укине условениот извоз.
Димовски појасни дека вчера се шпекулирало дека мерката ќе биде укината на 15 август, според изворот, пак, на Величковски (Државниот секретар на Србија) тоа е крајот на август.
„Ниту на 15 ниту на 30 август нема да се укине мерката. Држаниот секретар на Србија не беше на ниту еден состанок по ова тема, па не може да знае што е договорено. Жал ми е што морам да ја убедувам дел од македонската и дел од политичката јавност, со аргументите со кои излеговме пред српските претставници. Македонија има проблем со енормни количини пченица и брашно увезени од земјите членки на ЦЕФТА. Мерката не се однесува само на Србија, туку на сите членки на ЦЕФТА“, рече Димовски.
Појасни дека во Македонија се увезени 153 илјади тони пченица и 70 илјади тони брашно, што одговара на две годишни реколти од Македонија, што е огромна количина која македонскиот пазар не може да ја апсорбира.
„Мора да го заштитиме откупот на македонската пченица. Која држава може да истрпи четири реколти, а нема да преземе мерки да го заштити своето производство и врз основа на правилата на ЦЕФТА да го стабилизира пазарот. Се соочуваме со исклучително ниски цени на брашно кои влегуваат на македонскиот пазар. Нека ви објаснат како во некои државни резерви недостасуваат огромни количини пченица, кое потоа се преработува во брашно и се увезува во Македонија“, му порача Димовски на Величковски.
Затоа вели, Македонија воведе условен увоз, на еден увезен килограм пченица да се откупуваат три килограми македонска, и на еден килограм увезен брашно да се откупуваат четири килограми македонско брашно.
„Рокот на важење на одлуката е 31 декември. Со нашите аргументи кои ги претставивме пред српските надлежни органи, наидовме на разбирање“, рече Димовски.
На Величковски му одговори на тоа дали имаме условен увоз на пченица, дека имаме, а дали имаме ограничувачка мерка за увоз на зеленчук и овошје од Македонија, дека немаме./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

