Економија
Кредити за самовработување и отворање мали бизниси
Во вторник се објавeни јавни огласи за невработените лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис и за правните субјекти кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис како и невработените лица кои сакаат да го решат своето вработување.
Владата, преку Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување ги продолжува активностите за континуирано спроведување на Проект за самовработување со кредитирање, со кој на корисниците на кредити им се овозможува да започнат сопствен бизнис во областа на земјоделството, трговијата, преработувачката индустрија, градежништвото, услужните дејности итн, како и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отварање на нови работни места со кои на овие субјекти им се овозможува да ја развијат својата дејност и да напредуваат.
„Сега преку поедноставени услови и за двете мерки се овозможува на сите невработени лица активни баратели на работа кои се на евиденција само еден ден пред објавување на јавниот оглас да аплицираат, да ја искористат оваа поволна мерка и да се самовработат. Додека пак за добивање кредит за микро и мали претпријатија ќе биде доволно фирмите да имаат само еден вработен, а не најмалку двајца како досега. Исто така, лицето кое фирмата планира да го вработи, треба да биде во евиденцијата на Агенцијата за вработување само еден ден“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
За дејности од помал обем за секое новоотворено работно место се доделуваат по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу три работни места, односно до 9.000 евра, а за дејности од поголем обем за кредитобарателот се доделуваат 5.000 евра, а за секое новоотворено работно место по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 17.000 евра;
Рокот на враќање на средствата е три години со вклучен грејс период од една година за кредит до 9.000 евра, односно пет години со вклучен грејс период од една година за кредит над 9.000 евра, со каматна стапка од 1 отсто на годишно ниво.
Дополнителни стимулативни средства до 1.000 евра за лица кои се невработени по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација што имаат користено паричен надоместок најмалку шест месеци и се невработени повеќе од три години.
„Во однос на Мерката кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места би сакал да информирам дека барање за кредит може да достави правен субјект (микро и мало претпријатие) кој е регистриран најмалку една година, кој има најмалку едно вработено лице минимум три месеци. Пријава за учество во оваа мерка можат да достават сите евидентирани невработени лица без оглед на времетраењето на невработеноста, односно лица со статус невработени лица активни баратели на работа кои се на евиденција еден ден пред објавување на јавниот оглас. Секое ново отворено работно место ќе биде кредитирано со 3.000 евра, а ќе може да се аплицира за отворање максимум три нови работни места. Сумата што ќе може апликантот да ја добие изнесува максимум 9000 евра Со рок за поврат на средствата од три години, со грејс период од една година и со каматна стапка од само 1 отсто“, информираше Спасов.
Апелира до сите заинтересирани невработени лица, но и сите микро и мали правни субјекти и сите претпријатија, да аплицираат да ја искористат оваа шанса, да ги искористат поволните мерки кои не само што ќе се обезбедат директни вработувања, туку и ќе обезбедат и дополнителни финансиски средства за развој на својата бизнис идеја и компанија, а со тоа и ке придонесат во развојот на економијата и напредокот на нашата држава.
Директорот на Агенцијата за вработување, Владо Поповски, рече дека условите за аплицирање за кредитите се направени на барање на апликантите.
Со измените смета дека кредитите ќе им бидат подостапни на повеќе луѓе, особено на младите кои имаат добри идеи, а пред скоро време завршиле образование и не се долго време пријавени како невработени.
„Сега со само еден ден пред објавување на огласот можат да се пријават и да ја преточат својата идеја во бизнис“, рече Поповски.
Кај правните субјекти е намален условот од две на најмалку едно вработено лице, а променет и условот за вработување на невработени лица кои веќе не мора да бидат пријавени најмалку една година, туку е доволно само еден ден.
Поповски како успешна ја оцени досегашната реализација на овие две мерки, истакнувајќи притоа дека околу 60 проценти од средствата кои биле земени се навремено вратени.
Тој додаде дека е намален и периодот на чекање на добивање на средствата од кредитот и оти одсега апликантите ќе треба да чекаат најмногу 45 дена додека не добијат повик од банката да склучат договор и да им бидат исплатени средствата./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

