Економија
Европа станува неконкурентна поради обновливата енергија
Поради превисоките трошоци за обновлива енегрија, Европската унија се наоѓа пред „индустриски масакр“, смета европскиот комесар Антонио Тајани.
Кризата на европската индустрија дополнително се влошува поради преценетото евро, додава Тајани, комесар за индустрија и претприемништвото во изјава за британски The Telegraph на економскиот форум во италијанското алпско летувалиште Цернобио.
Европа во својот донкихотовски јуриш на зелената енергија ги зголеми трошоците на електричната енергија до неподносливо ниво, а европската индустрија престанува да биде конкурентна во светот, смета Тајани. Тоа посебно е евидентно во време кога во САД се намалува тамошната цена на гасот за 80 отсто.
„Ние сме за зелена политика, но не смееме да ја сметаме за религија. Потребна ни е нова енергетска политика. Мора да престанеме со позирање, затоа што не можеме да ја жртвуваме европската индустрија на олтарот на климатските промени, кои се нереални и никаде во светот не се спроведуваат со сила“, вели Тајани.
Растечкото чувство на загрозеност го спомнува и европскиот претседател Херман Ван Ромпуј, кој намалувањето на енергетските трошоци го означува како највисок европски приоритет.
„Во споредба со американските конкуренти, европската индустрија денес плаќа за струја двапати повеќе, а за гас четири пати повеќе. На нашите фирми не би им помогнало ни да се поефикасни“, нагласи Ван Ромпуј.
Енергетската криза во ЕУ, којашто се продлабочува, е потисната од европските проблеми со должничката криза. Мајскиот енергетски самит на ЕУ првпат истакна дека енергетската политика, место досегашната насоченост на ограничување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, треба на чело на приоритетите да ја врати достапноста на енергијата.
Губењето на конкурентноста е страшно, рекол во Цернобио, шефот на италијанската фирма „Fondo interbankario“, Пауло Савона. Кога фирмите бираат дали да инвестираат во Европа или во САД, најмногу мислат на трошоците на енергија, укажува тој.
Енергетската консултативна агенција IHS CERA, минатата недела оцени дека брзиот раст на експлоатацијата на нафта и природен гас веќе значително придонесуваат на зголемување на конкурентноста на американската индустрија, што посебно важи за хемијата и гранките со голема потрошувачка на енергија.
Додека продукцијата на американската хемиска индустрија до 2020 година треба да се зголеми за двапати, во Европа ќе се намали за една третина , сметаат од IHS./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

