Економија
Владата ќе ангажира странски експерти да ги советуваат домашните компании
Владата ќе ангажира докажани странски експерти и ќе обезбеди користење на нивната стручна помош од страна и во функција на потребите на компаниите во Република Македонија.
Денеска започнува првата фаза од тој проект и во текот на денешниот ден Владата ќе објави Јавен повик за пројавување интерес за ангажирање на странски експерти од страна на домашните компании. Повикот ќе трае 45 дена од денот на неговото објавување,“, изјави во вторник на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој додаде дека Владата ги охрабрува и ги поканува компаниите од приватниот сектор да аплицираат на повикот за пројавување интерес за користење стручна помош од странски експерти од различни области како земјоделие, прехранбена индустрија, туризам, градежништво, текстилна индустрија, информатички технологии, финансии и други стопански дејности и сфери.
„Компаниите кои имаат потреба од странски експерт ќе треба да ја наведат конкретната потреба за негов ангажман, во смисла делот од производствениот, услужниот или пак управувачкиот процес во кој е потребна експертиза, предметот за експертиза, интенцијата на користењето на експертизата и слично. Особено се охрабрува пријавување на интерес за користење на експерти од областа и сферата на технологијата на работа на компанијата и техничко-технолошкиот процес, кои би можеле да придонесат за поголема продуктивност, ефективност и ефикасност во деловниот потфат, во обезбедување на подобро производство и повисок принос, подобрување на дел од производниот процес како и повисока вредност и конкурентност на производите или услугите кои ги нуди компанијата“, рече Ѓорѓиев.
Апликациите на оние компании кои ќе ги исполнат условите од огласот ќе бидат проследени до странските организации кои нудат експерти како техничка помош. За оваа цел Владата веќе има договорено соработка со специјализирани и стручни организации кои нудат експертска помош од Холандија и од Германија, а се чини веројатно дека ќе се обезбеди ваква соработка и со други организации од други земји, вклучително и од Соединетите Американски Држави.
„Доколку странската организација во својот регистар има експерт од областа или, пак, за потребата која ја побарува домашната компанија истиот ќе биде ангажиран. Владата на Република Македонија ќе овозможи, во соработка со организациите кои нудат ваков вид на техничка помош, да бидат покриени целосните или значителен дел од средствата потребни за ангажирање на странскиот експерт. Во определени случаи минимален партиципативен надомест ќе може да биде потребен и од страна на домашната компанија која побарала ангажирање на странскиот експерт, но само со претходна согласност на самата домашна компанија и во сооднос на покривање на трошоците за ангажман на експертот кој ќе биде спогодбено дополнително определен. Избраните експерти ќе бидат ангажирани да поминат неколку недели во компаниите, да направат анализа, да дадат совети и мислења, да го контролираат процесот на работа на компаниите, да бидат консултирани за подобрување на работата и да се разменат искуства во сферата која е предмет на интерес“, додаде Ѓорѓиев.
За овој проект се направени првични консултации со стопанските комори кои даваат поддршка на проектот, а во следните денови владини претставници ќе одржат специјализирана средба со коморите за овој проект и во соработка со коморите ќе се обидеме да ја претставиме оваа можност до што поголем број на компании и да обезбедиме повисок одѕив на истите на повикот.
Условите кои компаниите треба да ги исполнуваат за да аплицираат на повикот за пројавување интерес се многу едноставни и тоа:да се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија и да имаат најмалку два последователни финансиски извештаи; да имаат пет и повеќе вработени; да се обратат по писмен пат или електронски пат до Владата на Република Македонија со пополнета апликација за пројавување интерес.
Сите заинтересирани компании своите апликации, кои ќе бидат прикачени на интернет страната на Владата, со назнака „Пројавување интерес за користење стручна помош од странски експерти“ да ги испратат во вид на писмен поднесок на адреса Влада на Република Македонија, бул. „Илинден“ бр. 2, 1000 Скопје, или пак по електронски пат на специјализираната електронска адреса [email protected]. Компаниите ќе може да ги достават своите апликации и со директно пополнување на апликација која ќе биде поставена на интернет страната на Владата vlada.mk и со самото пополнување автоматски во систем ќе бидат генерирани нивните апликации.
„Цениме дека со овој проект значително ќе се придонесе за обезбедување на нови и подобри можности за домашните компании, во насока на подобрување на нивната продуктивност, ефикасност, ефективност и профитабилност, со што ќе се даде поддршка и на економскиот раст на земјата и поддршка на обезбедувањето на нови работни места и нови вработувања“, рече Ѓорѓиев. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

