Економија
Министерот Димовски се сретна со кинеска бизнис делегација
Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, во вторник одржа состанок со кинеска делегација предводена од градоначалникот на градот Намчун, во провинцијата Фичуан, Ксианг Донг и амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија Цуи Зивеи.
Провинцијата Фичуан претставува една од најразвиените провинции во делот на земјоделството, посебно во сточарството и одгледувањето на свилени буби и производство на свила, од каде всушност доаѓа и името на главниот град Нанчун ( Престолнина на свилата).
На средбата, гостите изразија голем интерес за инвестирање на кинески компании во земјоделскиот сектор. Во Македонија се дојдени за поблиску да се запознаат со условите за инвестирање во сточарството, во преработувачката индустрија, во делот на преработки од месо и преработка на ориз, во производството на свила, а секако го истакнаа и македонското вино кое веќе станува препознатливо на нивниот пазар. Поради добрата местоположба на Република Македонија ги разгледуваат можностите за отварање на претставништа на кинески фирми во слободните економски зони.
Министерот Димовски рече дека Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи. Бележиме континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи. Со цел продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.
„Кинескиот пазар е најголем во светот, меѓутоа тоа е и многу пребирлив пазар, за кој е потребен квалитет кој ќе ги задоволи потребите на кинеските потрошувачи. Вашата идеја за присуство на кинески компании, кои ќе отворат свои претставништа во Македонија е одлична можност за вашите бизнисмени, затоа што Република Македонија претставува врата кон пазарот на Европската Унија, за кој сите закони во Република Македонија кои се однесуваат на областа на земјоделството се целосно усогласени со законодавството на Европската Унија. Исто така ја имате мојата поддршка за било која инвестиција во областа на земјоделството“, истакна министерот Димовски.
На крајот на средбата, гостите упатија благодарност до министерот за гостопримството и за исцрпните информации според кои увидоа дека има уште многу области во кои може да се оствари соработка и ја изразија својата желба за повторна средба и инвестирање во земјоделството. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

