Економија
Американците заинтересирани за инвестиции во македонското здравство
Американските бизнисмени присутни на бизнис форумот во Принстон позитивно ја оценија македонската стратегија за привлекување странски инвестиции и изразија интерес за инвестирање во здравствениот секотер.
„Ова е добра можност да се видат сите поволности кои Македонија ги нуди на странските инвеститори, како човек од бизнисот кој работи бизнис во областа на здравствената заштита согледав извонредни можности, ова е многу пријателски настроена земја и можно е да се насочи дел од нашиот капитал во Македонија“, изјави Хенри Аморосо од компанијата „Невел Кемпбел“.
Во рамките на економскиот дел од работната посета на Соединетите Американски Држави, владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, во вторник, присуствуваше и се обрати на бизнис форум во американскиот град Принстон, Њу Џерси, каде пред триесетина претставници на американски компании од областа на производството, медицината, туризмот, автомобилската индустрија беа претставени поволностите за инвестирање во Македонија.
Премиерот Никола Груевски во своето обраќање се осврна на поволностите кои нашата земја ги нуди за странските инвеститори, а кои, пред сé, се огледаат во најниските трошоци за водење бизнис во Европа.
„Македонија континуирано ја унапредува бизнис климата, и добива позитивни оценки од релевантните меѓународни организации за тоа што го прави. Заради нашите реформи и добра бизнис клима во изминатиов период голем дел на странски компании отворија капацитети во Македонија, или донесоа одлука за отворање на бизнис, и тоа е најдобриот доказ дека има резултати“, рече премиерот Груевски.
Тој ги повика американските компании да ја посетат Македонија и да се уверат во она што се презентира на бизнис форумот.
„Би ве поканил сите вас што сте заинтересирани да инвестирате во Европа да ја посетите Македонија и да разговарате со инвеститори од странство кои веќе инвестираат во Македонија во последните години, да ги проверите сите овие работи за кои зборувавме, затоа што е многу покредибилно некој што веќе инвестирал да зборува за ова отколку Владата, и да ви се потврди дека и самите инвеститори ќе го кажат истото што ние го кажуваме. Да анализирате и да ги споредите поволностите што ние ги даваме со поволностите на други земи во Европа и пред да донесете одлука да ги согледате сите информации за Македонија бидејќи силно веруваме дека ќе видите дека Македонија е вистинското место за вашата инвестиција“, рече Груевски.
Вицепремиерот Зоран Ставрески го објасни нискиот даночен пакет и стабилноста на макроекономските индикатори кои гарантираат предвидливо и добро бизнис опкружување.
„Стартуваме денес од Принстон, па продолжуваме во Чикаго и Бостон, каде што имаме презентација на условите за инвестирање во Република Македонија, со цел да заинтересираме и нови американски компании. Како што знаете веќе во Македонија се присутни некои американски компании како што се „Џонсон Контролс“, „Кемет Електроникс“, но има и некои други компании од други сектори со кои сме во преговори, така да верувам дека имаме доста што да кажеме и презентираме. Интересот е голем кога станува збор за Република Македонија како дестинација со најниски даноци во Европа, со поволна бизнис клима за инвестиции, имаме и макроекономски добри и стабилни услови и сето тоа кај американските компании наидува на интерес“, изјави вицепремиерот Ставрески.
Министерот Веле Самак во својата презентација се осврна на можностите за покривање на поголем пазар со производство од Македонија, што се обезбедува преку договорите за слободна трговија, како и прифатливата цена на трудот кој би можело потенцијално да се ангажира од инвеститорите.
Директорот Висар Фида ги презентираше даночните ослободувања кои постојат во технолошко индустриските развојни зони, и државната помош која се дава на инвеститорите за градење на капацитети и обука на вработените.
Владината делегација денеска продолжува со презентација на поволностите за странски инвестиции на бизнис форум во Чикаго./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

