Економија
На водечките европски банки им недостигаат 70 млрд. евра капитал за усогласување со Базел

Водечките 42 банки во Европската унија имаат потреба од уште 70,4 милијарди евра дополнителен капитал за да се усогласат со новите прописи чија полна примена ќе започне во 2019 година, објави во средата Европската агенција за банки (EBA).
Во најновиот извештај EBA процени дека на крајот на минатата година недостигот на банките во 42-те европски банки бил намален за 29,1 милијарди евра во однос на средината од минатата година.Според новите прописи наречени Базел III, банките мораат на страна да ставаат трикратно поголем износ на капитал отколку пред финансиската криза која го потресе светот од 2007 до 2009 година, поттикнувајќи голем број на влади да ги спасуваат разнишаните заемодавачи со пари од даночните обврзници.Минималната стапка на адекватност на капиталот одредена е на седум отсто. дополнително банките мораат до 2019 година да воспостават и засебни капитални тампони во вид на готовина и државни обврзници за да би можеле до еден месец без помош да ги пребродат евентуалните пазарни шокови.Новите прописи важат за сите банки, но воглавно се фокусирани на оние големите, кои се присутни во повеќе држави.Од EBA исто така известија дека на крајот на декември минатата година ликвидноста во 42-те водечки банки веќе го надминала пропишаното ниво за 2019 година. Преостанатите 128 помали банки, воглавно фокусирани на матичните пазари, имаат недостиг од вкупно 225 милијарди евра капитал за да ја достигнат предвидената ликвидност. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.
Економија
Трипуновски од Прилеп: Заложбата е на нашите полици да се продаваат македонски преработки од земјоделски производи

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, присуствуваше на манифестацијата организирана од Slow Food – Прилеп, која се реализираше со поддршка на Министерството.
„Интенцијата и заложбата на Министерството е преку финансирање на ваков вид настани да се промовираат домашните преработки на земјоделски производи, да се развие локалниот туризам и да се поддржат здруженијата кои постојат на ниво на државата”, истакна министерот Трипуновски.
Министерот објави дека финансиската поддршка кон сите здруженија е зголемена на 200.000 денари по корисник.
„Сточарите на овој настан можат да ги промовираат своите преработки. Кога зборуваме за сточарството, изминативе 15 месеци покажавме дека земјоделството е во фокусот на приоритетите и работењето на Владата”, додаде тој.
Министерот Трипуновски истакна дека оваа година поддршката за македонските сточари од Програмата за финансиска поддршка е зголемена за околу 50%.
„Сакаме на нашите полици да се продава македонско млеко и македонски преработки од земјоделски производи”, појасни министерот.