Економија
Во Чикаго претставени можностите за инвестирање во Mакедонија
Со поддршка на американската компанија „Денстон“, во среда вечер, во Чикаго, беше организиран бизнис форум, на која македонскaта делегација ги претстави можностите за инвестирање пред триесетина американски фирми од областа на автомобилската индустрија, медицината, енергетиката, инфраструктурата и бизнисот со недвижности.
„Ваквите настани се исклучително потребни за фирми како нашите. Јас сум во бизнисот со еквити фондови, и на овој начин можеме да ги увидиме и разбереме условите во Македонија. Позитивно е што една земја носи министри за да се сретнат со бизнис лидерите во Чикаго и да разговараат и да се соочат со нив. Нема земја во Југоисточна Европа која прави толку многу за да го обезбеди економскиот развој и да покаже транспарентност за да се промовира како место во кое што сака западните компании да инвестираат“, рече бизнисменот од Чикаго Ендру Магличели од компанијата „Марун капитал груп“.
Премиерот Груевски во своето обраќање пред американските бизнисмени се осврна на поволностите за инвестиции кои ги овозможува нашата земја, а кои се огледаат во услужно ориентираната Влада, во пристапот до пазар од повеќе стотици милиони потрошувачи низ Европа за производите на странските компании кои функционираат во Македонија, на ниските трошоци и едуцираната работна сила.
„Од една страна Македонија е земја која нуди најниски трошоци за водење бизнис во Европа. Од друга страна Македонија поседува млади и добро едуцирани луѓе кои се спремни да работат и придонесат за странските компании. Кога велам најниски трошоци за водење бизнис мислам на сите трошоци, а особено на даноците. На пример, персоналниот данок на доход е само 10 проценти, а данокот на добивка е исто така 10 проценти, и тоа само за компаниите кои ќе ја распределат добивката како дивиденда. Оние кои нема да ја распределат не плаќаат данок, неограничен број на години и за неограничени износ“, изјави премиерот Груевски во своето обраќање.
На бизнис форумот се обрати и познатиот американски бизнисмен со македонско потекло Мајк Зафировски кој е еминентен член на американската бизнис заедница и претседател на одборите на директори на повеќе американски компании. Тој ги охрабри бизнис лидерите од Чикаго да ја вметнат Македонија во своите размислувања и анализи за проширување на бизнисите во Европа, давајќи силна гаранција околу условите за водење бизнис во нашата земја.
„Прво прашање кое бизнисмените го поставуваат е каква е политичката стабилност и дали Владата дава поддршка на бизнисот, кои прашања може да ги поставите до Владата, дали може да очекувате соработка, и што може да очекувате од неа? Од мое лично искуство во последните седум, осум години можам да ви кажам дека Владата има многу голема про бизнис ориентација, многу од старите ограничувачки регулативи се отфрлени, има фискална и регулаторна стабилност и сите макроекономски индикатори, како што се инфлацијата и дефицитот се позитивни“, рече Мајк Зафировски пред бизнисмените од Чикаго.
Вицепремиерот Ставрески се осврна на конкретните полиња на интерес во економијата во кои американските бизнисмени можат да инвестираат. Тој го истакна напредокот на Република Македонија и на меѓународните листи кои ја оценуваат бизнис климата во земјите.
Министерот Веле Самак ги истакна позитивните ефекти од можностите за ангажирање на едуцирани работници кои придонесуваат во продуктивноста и профитабилноста на инвеститорите.
Директорот Висар Фида ги акцентираше можностите кои се нудат во технолошко индустриските развојни зони, и услужната ориентираност кон потенцијалните инвеститори на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Владината делегација денеска ќе присуствува на бизнис форум во Бостон./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

