Економија
Американски туристи од мај ќе трошат по 8.000 долари во Македонија
На бизнис форумот во Бостон, претставници на компанијата „Кутурбес травел“, најавија дека од мај и септември 2014 година, планират да организираат патувања за Американците во Македонија, аранжман што чини осум илјади долари.
Кети Кутрубес од компанијата „Кутрубес Травел“ рече дека нејзиниот бизнис проект за реализација на туристички посети на американски граѓани во Република Македонија се одвива добро и е во напредна фаза.
„Работиме на проект од областа на туризмот во соработка со археолошкото друштво на САД, проект кој опфаќа носење туристи за да ги посетуваат туристичките знаменитости. Моментално го развиваме проектот во соработка со Инвест Македонија и се надеваме дека проектот ќе започне во мај и во септември 2014 година. Тоа е еден висок вид туризам при кој туристите трошат и до 8.000 долари по тура и мислам дека е проект на иднината“, додава Кутрубес.
Сопственичката на американската текстилна компанија „Блустон“, Бети Џеко, истакна дека ја разгледува опцијата за ангажирање на македонски текстилни компании во функција на нејзиниот бизнис.
„Што се однесува до мојата компанија, јас сум заинтересирана да обезбедам нови снабдувачи на текстилни производи од Македонија, и јас всушност ја посетив Македонија, ги посетив текстилните компании, и видов дека се многу професионални, искрени и трудољубиви луѓе“, рече Џеко.
На форумот кој се организираше во соработка со бизнис центарот на Масачусетс, присуствуваа претставници на 40 компании од САД, од областа на текстилната индустрија, туризмот, производството, образованието и медицината.
Премиерот Груевски пред бостонските бизнисмени ги истакна најнискиот даночен пакет во Европа кој постои во нашата земја, обезбедените пазари од над 600 милиони потрошувачи преку договорите за слободна трговија, поволностите во технолошко индустриските развојни зони и едуцираната работна сила. Тој ги повика да ја посетат Македонија и да се уверат во презентираните факти, и да согледаат дека постои простор за нивни инвестиции и водење на профитабилен бизнис.
„Практично денеска ги завршивме бизнис форумите, ова беше нашиот трет бизнис форум овде во Бостон. Mожам да кажам дека сите три форуми беа успешни, имавме над сто компании кои присуствуваа на овие форуми, покажаа голем интерес, многу прашања, многу дискусии, со многу од нив имавме и засебни средби, така што имам очекување и постои простор дека со дел од нив ќе ги продолжиме контактите со верба дека со некои од нив ќе успееме да направиме аранжман, односно тие да дојдат во Македонија и да отворат своја компанија и да изградат своја компанија. Тоа е и нашата цел на ова доаѓање, да ги анимираме потенцијалните инвеститори да дојдат на прво соочување со фактите околу Македонија, а подоцна преку продолжени разговори со нив и дискусии и одговори на многу нивни прашања да успееме дел од нив да ги привлечеме да отворат нови работни места во Република Македонија“, изјави премиерот Груевски.
Вицепремиерот Зоран Ставрески изрази очекување дека дел од бостонските бизнисмени сериозно ќе ја разгледаат Македонија како потенцијална дестинација за нивниот бизнис.
„Денеска имавме исклучително успешна презентација на Република Македонија и можностите за инвестирање овде во Бостон, голем интерес од страна на бизнисмените од Бостон за поволностите во даночната сфера, за можностите за инвестирање во разни сектори, за тоа дека Македонија е најниско задолжена земја во регионот, за реформите што ги направивме во бизнис климата, сето тоа ја прави Македонија конкурентна во однос на други земји, ги прави условите во Македонија подобри за заштеда на трошоци за нив, а за нас за отворање на нови работни места. Имаше многу прашања, очекувам да дојдат во Македонија еден добар дел од нив и да продолжиме со оваа дискусија и веруваме дека ќе се материјализираат дел од инвестициите во блиска иднина“, изјави Ставрески.
Со бизнис форумот во Бостон заврши економскиот дел од посетата на владината делегација на САД. Во текот на петокот, премиерот Никола Груевски ќе има обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

