Економија
Ставрески: Македонија е најмалку задолжената земја во регионот
Македонија е најмалку задолжената земја во регионот и не се точни тврдењата на опозицијата дека следува ткн грчко сценариот, рече во вторникот вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на седницата на продолжението од седницата на Собраниската комисија за финансирање и Буџет по општата расправа за ребалансот на Буџетот за 2013 година со кој се додаваат средства на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Министерството за образование и наука.
Пратеникот на најголемата опозициска партија СДСМ, Игор Ивановски, на почетокот од дебатата оцени дека носењето на ребалансот има недостиг од формално-правен аспект, бидејќи според него Буџетот за 2013 година бил донесен на неуставен начин. Рече дека загрижувачки било тоа што не се коригираат стапките на растот, иако се кажува дека економските показатели се добри.
„Тоа е така затоа што тенденциите во македонската економија не се целосно позитивни, а потврда е тоа што во ребалансот на Буџетот не се предвидува зголемување на ниту еден даночен приход’, рече Ивановски и забележа дека македонската економија е зависна од задолжувањата коишто доколку продолжат, според негово мислење, „државата ќе ја снајде грчкото сценарио, а најниски се и странските инвестиции од сите држави во регионот“.
„Сега сте доминантно зависни и од странските и од домашните задолжувања. Странското задолжување е на 260 милиониевра, а домашното на 160 милиони евра што е околу 430 милини евра вкупно, обвини Ивановски, додавајќи дека до крајот на годината треба да се вратат околу 440 милиони евра земени по основ на краткорочни заеми“, рече Ивановски.
Ставрески во репликата истакна дека целта е да не се повторат минатогодишните настани и ги повика пратениците да дискутираат за Буџетот, а да не се занимаваат со личноста на министерот. Во врска со приходите, вицепремиерот и министер за финансии појасни дека на интернет страницата на министерството се прикажани нето приходите.
„Тоа што го гледате се нето приходите, бруто приходите коишто сме ги собрале по основа на даноци минус повратот на ДДВ. Ете, затоа приходите во февруари беа толку. Тогаш се изврши најголемиот поврат на ДДВ и тоа е доказ кој оди контра вашата теза дека стопанството не ги добило парите“, укажа Ставрески.
Во врска со економскиот раст, посочи дека во вториот квартал до 2013 година тој изнесувал 3,9 отсто и е четврти највисок раст во Европа, а во однос на забелешките за ниски странски инвестиции рече дека од 2007 до јули 2013 година вкупните странски инвестиции изнесуваат 1,75 милијарди евра, за разлика од времето на СДСМ кога имало 498 милиони евра инвестиции. Додаде дека вкупно 9,5 милиони денари се дадени државна помош за странските инвеститори кои инвестираат во Македонија.
Ставрески му укажа на Ивановски дека погрешно прави споредби и тврди дека на Македонија, доколку продолжи со задолжувањата, ќе и’ се случи ткн „грчкото сценарио“. Вицепремиерот направи притоа компарација според којашто во Грција од 2007 до 2013 година, бруто домашниот производ (БДП) изнесува минус 25 отсто, додека во Македонија е плус 11,5 отсто. Според Ставрески, вториот показател е во тоа што државниот долг во Македонија во моментов изнесува 33,8 отсто од БДП-то , а во Грција е 178 отсто од нејзиниот БДП.
„Погледнете ги бројките и немојте да излегувате со вакви тврдења. Ниедна земја во регионот нема толку мал долг како Македонија“, посочи Ставрески.
Кога станува збор за невработеноста укажа на податокот дека таа рекордно ниво достигнала во времето на владите на СДСМ кога изнесувала 38,7 отсто, и дека оттогаш сега е намалена на 28,8 отсто.
„Зголемувањето на невработеноста што се случи во вашиот мандат беше во период кога светската економија одеше добро и имаше општи добри услови. Што ќе се случеше ако СДСМ ја водеше економијата во услови на европска или светска криза“, рече Ставрески.
Во однос на забелешките за неповолна бизнис клима, Ставрески рече дека доволен доказ за контра аргумент се извештаите од признати меѓународни организации дека Македонија претставува атрактивна бизнис дестинација./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

