Економија
Пешевски: Големо промашување е предлогот на Заев за ДДВ-то
Целосно промашување претставува денешниот предлог на Зоран Заев на секој краен потрошувач да му се враќаат 15 отсто од платениот ДДВ., рече во вторникот вицепремиерот Владимир Пешевски коментирајќи го првиот предлог од новата партиска програма што го претстави лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ.
„Очигледно под притисок на јавноста СДСМ излезе со предлагање на мерка која по којзнае кој пат е необмислена, паушална, неаргументирана, нерационална, неодржлива и очигледно направена без анализа и проценка“, вицепремиерот Пешевски на прес-конференцијата во вторникот попладне.
Пред да ја објасни поентата одговорот од Владата, со којашто, како што рече ќе се докаже дека мерката предложена од Заев е „тотално промашување“, потсети дека Влада изврши намалување на даноците, на персоналниот данок од доход и на данокот на добивка на 10 отсто
„Тоа беа даноци коишто претходно СДСМ ги имаше зголемено, и оваа Влада изврши и намалување на стапките на ДДВ кои СДСМ ги зголеми, односно Владата ги префрли голем број на стоки кои се оданочуваа со ДДВ од групата која се оданочува со поголема стапка во групата која се оданочува со пониска стапка“, рече Пешевски.
„Дури 60 отсто од субјектите кои се обврзници на данокот на додадена вредност (ДДВ), се големи компании и како такви немаат никаков контакт со граѓанинот како краен потрошувач. Што значи дека 60 отсто од приходите по основ на ДДВ од старт се исклучуваат од оваа мерка која ја предложи Заев, што ја прави мерката тотално нефункционална и без никаков бенефит за граѓаните. Повеќе од 90 отсто од субјектите со кои граѓанинот е во однос на краен потрошувач, како што се колонијали, фризерски салони, трафики и слично, спаѓаат во групата компании каде што не се плаќа ДДВ, односно за нив оваа мерка не би била применлива, бидејќи не се обврзници по основ на ДДВ. Затоа повторно се докажува дека оваа предложена мерка од страна на Заев не само што е погрешна, туку и не е базирана на анализа и соодветно на тоа не е применлива“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.
Оцени дека мерката што ја предлагаат опозициските социјалдемократи е паушална, неаргументирана, нерационална, неодржлива и направена без доволно ниво на анализа и проценка.
Пешевски потсети дека Владата го зголеми прагот за компаниите кои се обврзници на ДДВ, од 1,3 на два милиона денари годишно, што според него значи дека кај овие компании данокот на додадена вредност изнесува нула отсто. Токму поради погоре наведените причини, како што рече Пешевски, со ова не само што нема да има повеќе приходи во Буџетот, како што според него неосновано тврдел Заев, туку во државната казна ќе има големи загуби.
„И хипотетички ако се спроведе оваа мерка на Заев не само што граѓаните нема да добијат средства по основ на оваа мерка туку ќе нема средства ниту за пензионерите, ниту за социјалната помош, ниту за платите, ниту за болници, за училишта, за војската, за полицијата, и за други суштински потреби и затоа оваа мерка за нас е неприфатлива“, предупреди Пешевски и вели дека со мерката што ја предложи лидерот на СДСМ и Буџетот ќе се испразнил и истовремените намеле да си вратат никакви средства.
Заклучи дека поради сите презентирани факти, аргументи, докази и конкретни анализи докажуваат дека мерката на Заев е покрај тоа што целосно е неиздржана покажува и дека тој што ја предложил никакво искуство со економијата, со Буџетот порачувајќи дека тој што ја презентира не може да води држава./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

