Економија
Сараќини во Бурса ги претстави можностите за инвестирање во Македонија

Министерот за економија Ваљон Сараќини во вторникот оствари работна средба со градоначалникот на градот Бурса, втор индустриски град во Турција, како и со претставниците на стопанските комори на Бурса и компаниите кои се нивни членки, а реализира и посета на Индустриската зона.
Целта на посетата на Турција е запознавање на турските стопанственици со можностите за инвестирање и најактуелните инвестициски проекти во Република Македонија.Министерот Сараќини на средбата со валијата на Бурса, Ведат Муфтуолу, изјави дека Македонија и Турција имаат одлични политички и економски односи, но дека размената на стоки, која во првите 8 месеци достигнува 500 милиони евра, треба да се зголеми со доаѓање на нови компании од Турција во Македонија. Валијата Муфтуолу го информираше министерот Сараќини дека дури 700 илјади граѓани на Бурса потекнуваат од Балканот и тие претставуваат цврст мост на соработка, а нивното потекло е причина за силната мотивираност да инвестираат во Македонија.Министерот Сараќини во текот на средбата со турските бизнисмени се интересираше за нивните барања и интереси за инвестирање во Македонија.„Ние како претставници на Владата на Македонија сме тука за да слушнеме со кои тешкотии и проблеми се судираат инвеститорите кои сакаат да дојдат во Македонија, по што ќе преземеме чекори тие да се отстранат и да се создадат услови за инвестирање“, изјави министерот Сараќини. Мустафа Езги, потпретседател на Трговската комора на Бурса, изјави дека е неопходно продлабочување на соработката меѓу двете земји и ја прифати поканата на министерот Сараќини, заедно со делегација стопанственици да ја посети Република Македонија.„Проблемот зошто не се инвестира доволно го гледаме и на двете страни. Благодарение на посетата на министерот за економија сега ни се објаснети можностите и условите за инвестирање во Македонија. Ова е период во кој не треба да се чека, туку да се работи на подобрување на соработката“, истакна Езги.Сараќини на средбата со бизнисмените ги претстави предностите на Македонија, како што се местоположбата како мост кон ЕУ, голем избор на квалитетна работна сила и ниските даноци. Во делегацијата од Македонија беше и градоначалникот на Чаир Изет Меџити, кој со својот колега, кој е по потекло од Скопје, разговараа за продлабочување на соработката, која и досега е на високо ниво со огромната помош што Бурса ја дава на оваа скопска општина.„После оваа средба голема делегација на бизнисмени од Трговската комора, каде што сме денеска, како и од Румелиската, кадешто членуваат бизнисмени со потекло од Македонија и имаат посебен мотив да инвестираат, ќе дојдат во Општина Чаир, а ние со министерот Сараќини ќе им помогнеме да ги искористат условите за инвестирање и да ги продолжат своите деловни потфати кај нас“, рече Меџити.Сараќини најави дека очекува Стопанската комора на Бурса да финансира млади од Македонија да работат сезонски во турските фабрики во текот на летниот период, по што своето искуство би го пренеле и во Македонија. Во текот на утрешниот ден министерот за економија Ваљон Сараќини и градоначалникот на Чаир Изет Меџити ќе бидат во Истанбул, каде што исто така имаат ќе ги претстават актуелните инвестициски проекти пред бизнисмените, кои имаат интерес да инвестираат во Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Булмак 2016“ уплати 58,2 милиони денари на државата и на општините Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица за концесија

Компанијата што ги управува рудниците „Злетово“ и „Тораница“, „Булмак 2016“ извести дека во првите девет месеци од 2025 година плати вкупно 58.231.096денари концесиски надоместоци. Од нив 22% одат во државниот буџет, односно 12.810.841 денари, а останатите 78% или 45.420.255 денари одат во буџетите на Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица.
„Нашата одговорност се гледа и во бројки и во доверба. Во првите девет месеци од 2025 година пресметавме 58.231.096 денари за концесиски надоместоци, од кои значаен дел се слеваат во четири локални буџети. Тоа се средства за улици, училишта, спорт и услуги што граѓаните ги користат секој ден. Ќе продолжиме со транспарентна комуникација, инвестиции во безбедност и модернизација на нашите рудници и со цврсто партнерство со заедниците во кои работиме,“ вели Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“.
Општина Пробиштип добива 21.694.615 денари, Крива Паланка – 21.817.460 денари, Кратово – 1.384.763 денари и Македонска Каменица – 523.417 денари.
Од „Булмак 2016“ велат дека остануваат посветени на навремено исполнување на сите законски обврски и на отворена комуникација со јавноста.
Економија
„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

Прехранбениот гигант „Нестле“ денес објави дека ќе отпушти речиси 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.
Компанијата ќе отпушти приближно 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето мерки за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување.
„’Нестле’ мора да се промени побргу за да се приспособи на променливите глобални услови“, рече извршниот директор Филип Навратил додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.
Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.
Во периодот од јануари до септември приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 процент во однос на истиот период минатата година. Кога се исклучуваат флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.
За цела 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 процента, најниска за најмалку 25 години.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска во Вашингтон: Светската банка останува силен партнер во спроведувањето на реформите и забрзувањето на економскиот раст

Во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Шиаокинг Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межевав.
Разговорите беа насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка за поддршка на буџетските и структурните реформи.
Главен фокус на средбата беа проектите кои во моментов се спроведуваат во Македонија и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
„Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и човечкиот капитал“ истакна министерката.
Светската банка го поздрави напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во реализацијата на реформите и проектите од новата рамка на соработка.
Тоа го потврдува и најовиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1% во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози.
Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима.
На средбата се разговараше и за економските проекции и можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании. На средбата присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.