Економија
Продажбата на европскиот пазар на автомобили со нов раст во септември
Продажбата на автомобили во Европа пораснала во септември, по падот во претходниот месец август, соопшти во средата Европското здружение на произведувачи на автомобили (ACEA), со што продолжува трендот на заздравување на европскиот пазар на автомобили.
Во септември, според податоците на ACEA, во 16-те земји членки на Европската унија, податоците за Малта не биле достапни а предвид не е земена ниту најновата земја членка Хрватска, регистрирани се вкупно 1,16 милиони нови автомобили, што претставува зголемување за 5,4 отсто отколку во истиот месец минатата 2012 година. Годинешниот септември во просек имал еден работен ден повеќе во 26-те земјите отколку минатата година.
Септемвриските податоци покажуваат и невоедначено опоравување на европскито пазар на автомобили, коешто во претходниот месец забележа пад од 5 проценти, по истиот процентен пад во јули.
Повеќето големи европски пазари минатиот месец тргнаа по нагорен пат. Така, шпанскиот пазар пораснал за дури 28,5 отсто, британскиот за 12,1, францускиот за 3,4 отсто. Од друга страна, пак, Италија и Германија забележале пад на продажбата на нови автомобили од 2,9 односно од 1,2 отсто. Германија, исто така, во септември повторно ја загуби позицијата на најголемиот европски пазар на автомобили, коешто го презема Велика Британија со продадени 403.136 нови автомобили, во споредба со германскиот податок од 247.199 возила.
Во деветмесечниот период од 2013 година, заклучно со крајот на септември, бројот регистрирани нови автомобили во 26-те земји членки на европската унија се намалил за 3,9 отсто во однос на истиот период минатата година. Во тој период единствено позитивен податок е забележан во Велика Британија скок на продажбата од 10,8 отсто. Најголем пад на годишно ниво, пак, од 8,5 отсто е забележан во Франција, а следат Италија со пад од 8,3 отсто, Германија каде што продажбата паднала за 6 и Шпанија со пад од 1,6 отсто. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

