Економија
Уште една мерка на НБРМ за поттик на кредитирањето на реалниот сектор
Советот на Народната банка на Република Македонија во среда донесе одредени измени на Одлуката за управување со ликвидносниот ризик на банките, со цел да се ослободи повеќе простор кај банките за долгорочно кредитирање на реалниот сектор.
Со одлуката се намалува процентот од орочените депозити за кој се претпоставува дека ќе се одлее од банките, од 80% на 60%. Измената се темели врз утврдената висока стабилност на орочените депозити во банкарскиот систем, се појаснува во соопштението. Истовремено НБРМ ја поедностави постапката при исплатата на ефективни странски пари за тековните потреби на домашните превозници. Советот на Народната банка го разгледа Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во вториот квартал од 2013 година, при што е заклучено дека растот на кредитната активност умерено забрза, а носители на растот беа кредитите на секторот „домаќинства“ и кредитите во денари. Во услови на заживување на домашната економска активност но сеуште присутна неизвесност околу економското закрепнување на глобален план беше утврдено дека конзервативните стратегии на некои банкарски групации имаа одреден ефект врз динамиката на кредитната активност во периодот што следеше. Се очекува дека веќе извесното излегување на европската економија од рецесија, како и намалувањето на учеството на нефункционалните кредити во домашниот банкарски сектор да придонесат за продолжување на забрзувањето на кредитната активност, стои во соопштението.Солвентноста на банкарскиот систем е висока и стабилна, што е потврдено и со стрес-тестирањето на банкарскиот систем со симулациите на екстремни хипотетички шокови. Отпорноста на банкарскиот систем дополнително се зголемува и со неодамна усвоените измени во регулативата за имотот преземен врз основа на ненаплатени побарувања, при што евентуалната ослободена исправка на вредноста нема да се прикажува како приход којшто може да се исплати како дивиденда, туку ќе се намени за зајакнување на капиталот на банките. И на крајот на вториот квартал банките одржуваат висока ликвидност, гледано преку обемот на ликвидната актива, којашто покрива голем дел од депозитите на населението и од краткорочните обврски на банките. Стрес-тестовите сѐ уште покажуваат висока отпорност на симулираните ликвидносни шокови. На крајот од вториот квартал, банкарскиот систем прикажа позитивен финансиски резултат од 351,4 милиони денари (5,71 млн евра). Основни фактори за остварената добивка се порастот на вкупните редовни приходи, пред се на нето-приходите од камати, како и намалените оперативни трошоци. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

