Економија
Трет саем на турски извозни производи во Македонија
Третиот Саем на турски извозни производи во Македонија ќе се одржи од 6. до 9. ноември во Скопје.
Саемот е поддржан од Министерството за економски прашања на Република Турција, Трговската комора на Ескишехир и Агенцијата за развој од Тракија, а ќе биде организиран од страна на Меѓународната саемска организација „Меридијен“ и Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО).
На саемот ќе учествуваат околу 50 турски компании кои сакаат да инвестираат во Македонија и кои ќе остварат билатерални бизнис спогодби. Саемот има за цел да ја прошири постоечката комерцијална соработка меѓу двете земји и се очекува да го посетат голем број на посетители од Република Македонија.
На саемот ќе бидат претставени следните производи, материјали и услуги: козметички производи, храна, земјоделство, амбалажа, пластика – гума, подароци, стакларија, логистика, играчки, образование, туризам, системи за безбедност, градежни материјали, мебел, добавувачи за индустријата за мебел, текстил за домаќинство и апарати за домаќинство.
Како резултат на интензивните напори за проширување и пораст на билатералната економска и комерцијална соработка, бројот на турските компании кои работат во Македонија започна да се зголемува во текот на последните години. Земајќи ги во предвид блискоста во културата и историското пријателство, заедничките иницијативи на македонската и турската влада постојано ги зголемуваат билатералните трговски односи.Трговскиот обем меѓу Турција и Македонија достигна до 400 милиони долари во 2012 година. Турските компании имаат инвестиции во разновидни области во Република Македонија со вредност од околу 180 милиони долари. Во следните неколку години се очекува инвестициите да пораснат над 500 милиони долари.
Мисијата на Меѓународната саемска организација „Меридијен“ е воспоставување на мали и средни претпријатија (МСП), како главни столбови на турската економија на меѓународните пазари, проширување на хоризонтите и придонес за зголемување на извозните капацитети. „Меридијен“ има реализирано до денес групни и национални учества на повеќе од 150 меѓународни специјализирани саеми и има донесено илјадници извозни компании кои се лидери на своите сектори во меѓународната арена. „Меридијен“ си презема за цел малите и средни претпријатија да ги постави како камен темелници на турската економија на меѓународната сцена на најефикасен и продуктивен начин, а по пат на планирање на процесот на брендирање, да ги постави блиските соседни земји како примарни целни подрачја со свои можни карактеристики на пазарот.
МАТТО – Стопанската комора на Македонија – Турција започна со целата операција во 2008 година и го поддржува развојот на меѓусебната соработка помеѓу компаниите од Турција и Македонија. Целта на МАТТО е зголемување на трговијата, развојот и економската соработка помеѓу двете земји и реализирање на успешни проекти со разни здруженија, институти, индустриски и трговски комори како во Турција така и во Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

