Економија
Груевски: Ветивме и овозможивме директна врска меѓу Свети Николе и Пробиштип
За време на изборите дадовме ветување кое, не само што го исполнивме, туку и предвреме го реализираме сега, а не како што беше планирано во 2015 година, истакна премиерот Никола Груевски во неделата кога во употреба беше предаден целосно модернизираниот регионален патен правец Свети Николе – Пробиштип во должина од 28 километри кој досега не беше функционален, владин проект во износ од 52 милиона денари што го реализираше Јавното претпријатие „Македонија пат“.
„Многу години ова беше само земјен коловоз и постарите жители, освен по маката да пристигнат до посакуваната локација, го паметат и како ветување дека ќе се изгради од многу претходни генерации политичари“, рече Груевски.
Делницата од патот меѓу селата Мечкуевци и Куково досега беше пробиена, со земјен коловоз, мала широчина и голем број нерамнини и препреки, потсети премиерот, посочувајќи дека доколку порано патот меѓу двата града можел да се мине само со теренско возило а во услови на врнежи патот беше целосно во прекин, сега тој е целосно израмнет, тампониран и асфалтиран во должина од 5,5 километри и широчина на асфалтен коловоз 5,5 метри.
На дел од овој патен правец, од приклучокот кај Свети Николе кон селото Немањица извршена е рехабилитација на досегашниот коловоз со негово проширување за 1,5 метар и е поставен целосно нов асфалтен слој во должина од два километра. За да се зголеми безбедноста на сообраќајот и патниот правец да биде функционален по целата должина од 28 километри, поставени се, рече премиерот заштитени безбедносни огради на постојните мостови и сообраќајни знаци, а е извршено и бележење со хоризонтална сигнализација на коловозот.
„Со изградбата на делницата меѓу селата Мечкуевци и Куково се комплетира регионалниот патен правец и се овозможува директна и најкратка врска меѓу Свети Николе и Пробиштип, како и на сите населени места што гравитираат на овој пат во двете општини. Растојанието меѓу Свети Николе и Пробиштип ќе се скрати за околу 25 километри што освен за жителите, е предност и за развој на економијата во двата града“, додаде Груевски кој потоа замина на пуштањето во употреба и на реконструираниот мост во село Могаевци кај Градско.
Повтори дека Владата посветено работи на изградба на патната инфраструктура и нагласи дека годинава ќе биде заокружена со реконструкција и ревитализација на вкупно 136 километри регионални и магистрални патишта.
„До крајот на 2013 се очекува да бидат завршени уште 54 локални патишта со вкупна должина од 86 километри, вредни 8,53 милиони евра“, прецизираше министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Додаде и дека во наредните 2014 и 2015 ќе бидат изградени стотина локални патишта со вкупна должина од 200 километри, инвестиција којашто чини 20 милиони евра.
„Годинава се изградени 63 локални патишта со вкупна должина од 100 километри, а моментно се градат и до крајот на 2013 треба да се завршат уште 35 со вкупна должина од околу 50 километри или вкупно 150 километри во вредност од 13,5 милиони евра“, информираше директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Дополни дека во 2013 година се завршени и 69 километри регионални патишта, а се работат и треба да бидат финализирани уште 65 километри регионални и магистрални патни правци или вкупно 134 километри во вредност од околу 1,85 милијарди денари. Интензивно се работи и на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица, дел од Коридорот 10, во должина од 28 километри. Набрзо, како што најави Георгиевски, ќе за почне изградбата и на автопатските делници Скопје (Миладиновци) – Свети Николе – Штип во должина од 47 километри и Кичево – Охрид во должина од 57 километри.
„Ако досега се изградени автопати во вкупна должина од 262 километра, со изградбата на новите три вкупно долги 132 километра, должината на автопатската мрежа во Македонија во наредните четири до пет години ќе биде зголемена за повеќе од 50 отсто“, истакна Георгиевски./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

