Економија
Владата ќе субвенционира 150 вработувања на млади од социјалните семејства
Владата свои нова посебна Програма за субвенционирање на вработувањето во приватниот сектор на лицата кои се невработени и активно бараат работа, а се од домаќинства корисници на социјална парична помош.
„Корисници на оваа Програма од една страна ќе бидат членовите на домаќинствата – корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата за вработување и од друга страна работодавачи кои вработиле и склучиле договор за вработување за најмалку 12 месеци со лица од оваа категорија, односно членови на домаќинства – корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата, појасни портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Приоритет при субвенционирањето на вработувањето ќе се даде на младите лица на возраст до 29 години, кои потекнуваат од семејства корисници на социјална парична помош, кои се регистрирани како активни баратели на работа во Агенцијата.
Особен приоритет при субвенционирањето на вработувањето на овие млади лица до 29 години ќе се даде на младите кои потекнуваат од домаќинства приматели на социјална помош, а кои во своето образование го користеле Условниот паричен надоместок за образование кој се дава за оваа категорија лица и кој изнесува 12.000 денари годишно.
На почетокот на следната година ќе биде распишан јавен повик од страна на Агенцијата за вработување на кој од една страна ќе може да аплицираат невработените лица кои се од домаќинства кои се корисници на социјална парична помош и бараат работа активно, а од друга страна ќе аплицираат работодавачи кои се заинтересирани да вработат лица од оваа категорија кои аплицирале на повикот.
Работодавачот кој ќе вработи лице кое аплицирало на овој јавен повик ќе добие субвенција во износ од 17.000 денари месечно по вработено лице, и тоа за период од шест месеци, од кои 14.000 денари за исплата на бруто месечна плата по вработено лице и 3.000 денари месечно на работодавачот за покривање на трошоците за обука и материјали.
По истекот на шесте месеци на субвенцијата, работодавачот има обврска да го задржи работникот вработен врз основа на оваа Програма најмалку дополнителни шест месеци (или вкупно 12 месеци) со цел работникот да покаже резултати и да се стекне со трајно работно место.
Средствата за субвенционирање за вработување на невработени лица – корисници на социјална парична помош ќе се вратат ако се раскине договорот за вработување поради непочитување на одредбите од договорот за вработување, не се почитува договорот за субвенционирање или доколку Агенцијата констатира дека податоците за користење на субвенцијата се невистинити.
За оваа цел Владата ќе издвои и ќе исплати околу 13 милиони денари, со што би можело во оваа прва фаза да се вработат околу 150 лица./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

