Економија
Ставрески уверува дека буџетот е развоен, опозицијата не се согласува
Министерот за финансии Зоран Ставревски образложувајќи го Предлог буџетот за 2014 година пред пратениците рече дека станува збор за развоен буџет и ќе овозможи посилен и позабрзан економски раст, додека опозицијата, пак, смета дека буџетот е непродуктивен.
Ставрески пред Комисијата за финансирање и буџет рече дека со Буџетот за 2014-та година ќе обезбедат подобри услови за сите граѓани, а ќе се реализираат капитални инвестиции за 20 отсто повисоки од оние во буџетот за тековната година„Капиталните инвестиции ќе ја придвижат македонската економија. Она што посебно ќе ја раздвижи економијата е изградбата на двата нови автопати и интензивирањето на изградбата на Коридорот 10, односно Демир Капија-Смоквица. Тоа се три крупни проекти какви што немало во изминатите 22 години. Тие три автопати ќе подразбираат вклучување на македонски компании, работници и градежни материјали од Македонија“, потенцираше Ставрески. Вкупниот износ на капитални инвестиции предвиден е на ниво од 650 милиони евра, од што 370 милиони евра во државниот, а дел во буџетите на јавните претпријатија, како што е јавното претпријатие за патишта, МЕПСО и ЕЛЕМ.Буџетот за следната година, ќе изнесува 176,5 милијарда денари, од каде на приходната страна се планирани 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит 3,5 отсто и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Проекциите за раст за следната година се 3,2 отсто од БДП. Маријанчо Николов од СДСМ оцени дека намерата на власта со пораките испратени деновиве била да се минимизира дебатата за буџетот. Според него ова е „буџетот на поголема сиромаштија“, кој е неразвоен и уште повеќе ќе ги осиромашел граѓаните, а ќе ги збогател богатите„На дневен ред е буџет кој само ќе ги осиромаши граѓаните.Владата предвидува еден куп пари за административни згради, и дали тоа се капитални инвестиции. Наместо да гради скапи театри, владата нека му помогне на малиот и среден бизнис’, изјави Николов.Тој додаде дека владата повторно планирала да потроши повеќе од она што ќе го создаде стопанството“, .„Планирате раст од 3,2 отсто, а дефицитот ќе изнесува 3,8 отсто. Тоа ќе значи и натамошно осиромашување на граѓаните кои ги манипулирате со најавите за зголемување на платите и пензиите, но и натаму го продлабочувате дефицитот на пензискиот фонд или 50 отсто од пензиите и наредната година ќе се плаќаат пари од државниот буџет“, рече Николов./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
Д-р Фатих Шахбаз е назначен за нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. По успешно спроведените законски и регулаторни процедури, Народната банка даде одобрение за назначување на новиот ГИД, кој банката ќе ја води во следниот период. Со оваа одлука Халкбанк продолжува со стратегиски ориентиран и стабилен развој под раководство на искусен професионалец, кој зад себе има повеќе од две децении богато искуство во банкарскиот сектор.
Д-р Шахбаз својата кариера ја градел во рамките на Türkiye Halk Bankası A.Ş., каде последователно извршувал различни значајни функции, од специјалист, внатрешен инспектор, директор и раководител на филијала, до менаџер на оддел и директор на група. На 1 декември 2022 година бил назначен за заменик генерален директор задолжен за Управување со човечки ресурси и Секторот за поддршка, а од 17 јули 2025 година ја извршувал функцијата заменик генерален директор задолжен за Управување со поддршка и Дигитална трансформација.

Неговото академско образование, богато професионално портфолио и долгогодишната експертиза како и искуството во менаџирање со клучни сегменти од банкарското работење, претставуваат силна основа во понатамошниот развој и водење на Халкбанк во Македонија.
Халкбанк АД Скопје е стабилна и високо позиционирана банка на македонскиот пазар, еден од најзначајните двигатели на економијата во државата и стабилен партнер на македонските компании и граѓани, со континуиран раст и силни финансиски показатели. Банката ја заврши 2024 година со актива од 1,852 милијарди евра, кредитно портфолио од 1,17 милијарди евра, депозитна база од 1,325 милијарди евра и нето добивка од над 30 милиони евра. Веќе во вториот квартал од 2025 година активата порасна на 1.922 милиони евра, што е раст за шест месеци од речиси 71 милион евра, депозитната база достигна 1.443 милиони евра, додека кредитирањето вкупно се зголеми за речиси 158 милиони евра, резултати кои ја потврдуваат довербата на клиентите, професионалноста на тимот и стабилната улога на Банката во економијата.
Со поставувањето на Д-р Фатих Шахбаз за Главен извршен директор, Банката продолжува со јасна визија, стратегиски развој и посветеност во унапредувањето на финансиските услуги, дигиталните решенија и поддршката на економскиот раст и развојот на македонскиот пазар.
ПР
Економија
Божиновска во Прага: Македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Економија
Царина со грант од Јужна Кореја ја унапредува контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит
Царинска управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден Систем за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија.
Системот овозможува унапредување на контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит, како клучно во сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси и полнење на Буџетот, како и олеснување и забрзување на легалната трговија.
Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.
Ова беа клучните пораки на денешниот церемонијален настан на кој директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на Корејска Царинска Служба, Ли Мјонг Ку го промовираа системот. Системот беше промовиран со одржување на состанок на највисоко ниво и во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државниот секретар Андриана Матлиоска и амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, по кој директорите на македонска и корејска Царина одржаа прес-конференција.
„Само годинава заклучно октомври, вкупната трговска размена изнесува 18 милијарди долари, што кажува за тежината на секојдневната работа на Царинската управа во олеснување на трговијата, при истовремено спречување на обидите за криминал. Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот се овозможува унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се спречат можни обиди за царинска измама“, истакна директорот Николовски на прес-конференцијата.
Воедно, како што истакнува Николовски се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно и уверен е во истото, системот ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско административен систем, туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.
„Патот на овој проект до денешната церемонија на пуштање во употреба не би бил можен без посветеноста и блиското партнерство меѓу владите на Република Кореја и РС Македонија. Преку континуирана комуникација и соработка меѓу нашите две земји, денес тој конечно дава конкретни резултати. Од 2008 година, Царинската служба на Кореја го воведе нашиот систем за електронско царинење UNIPASS во 16 земји, со вкупна вредност од 329,37 милиони американски долари. Овој ODA проект во вредност од 4,75 милиони американски долари (6,1 милијарди корејски вони) за РС Македонија има особено значење, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион. Воспоставен е интегриран информациски ресурс и систем за управување со ризици, со цел подобрување на оперативната ефикасност и обезбедување непречен проток на стоки во РС Македонија“, истакна директорот Ли.

