Економија
Хрватска влегува во процедурата за прекумерен дефицит

Европската комисија ќе му предложи на Советот на ЕУ Хрватска да влезе во процедурата за прекумерен дефицит (EDP), со оглед дека кусокот во хрватскиот државен буџет е значително над дозволените три отсто, а јавниот долг наредната година ќе надмине 60 отсто од БДП-то.
Како што пренесе агенцијата Hina, Комисијата во петокот во Брисел претставила пакет за буџетски надзор за 13 држави членки на еврозоната и за три држави кои се вон подрачјето на заедничката европска валута.Комисијата наведува дека дефицитот на општата држава во Хрватска достигнал пет отсто во 2012 година, а вкупниот јавен долг 55,5 отсто од БДП-то.„Според плановите на владата и есенските прогнози на ЕК, буџетскиот дефицит ќе остане значително над три отсто во периодот 2013-2015, а јавниот долг би требало да надмине 60 отсто од БДП-то во 2014 година. Следствено на тоа, Комисијата состави извештај во согласност со членот 126 (3) од договорот и го разгледа релевантните фактори. Резултатите од извештајот го поддржуваат заклучокот дека критериумите на дефицитот и јавниот долг не се исполнети“, соопшти Комисијата. Од наведените причини Комисијата има намера на Советот да препорача отворање на процедура за прекумерен дефицит. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.
Економија
Гувернерот Славески се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД: истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки

Во рамките на 95-тото генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, Швајцарија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД (ФЕД), Џером Пауел.
На средбата беше истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки како основа за ефикасна монетарна политика, насочена кон ценовната и финансиската стабилност. Се разменија мислења за светските предизвици и за потребата од соработка помеѓу централните банки, соопшти Народната банка.
Гувернерот Славески ја нагласи важноста на постојаната комуникација со водечките монетарни институции и на размената на искуства како значаен придонес за стабилен и отпорен финансиски систем.