Економија
Иницијативи за прoизводство на биогорива и рурални иновации
Производство на биогорива од отпад, е иднината на енергијата на просторите од Југоисточна ЕВропа, беше речено на работилницата за биогорива.
Централно европската иницијатива (Central European Initiative), Регионалниот Совет за соработка (Regional Cooperation Council) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), денес одржаа национална работилница за унапредување и развој на локалната економија преку производство на биогорива и рурални иновации во рамки на ЕУ проектот „Унапредување на соработката во Jугоисточна Европа со помош на активности за зајакнување на Регионалниот совет за соработка (RCC)“.
Вкупно 28 отсто од вкупната потрошена енергија во Македонија, до 2020 година, треба да биде произведена од обновливи извори на енергија, наметнува една директива на Европската Унија. Таа бара во Албанија 38 отсто од енергијата да биде од обновливи извори. Во Црна Гора овој процент е 33, за Србија 27, Молдавија 17, Босна и Херцеговина 40, Хрватска 20 и Косово 25 отсто од обновливи извори на енергија.
„За да се избегне натпреварот меѓу храната и енергијата, се преминува кон втората генерација биогорива. Производството на биогорива од храна предизвика низа проблеми, како што е зголемување на цената на чинење на храната и нејзина употреба за енергија наместо за прехрана, како и уништување на биодиверзитетот. Затоа, сега преминуваме кон производство на биоенергија од отпаден материјал. Како држави од ЈИЕ имаме две можности: или да (о)станеме енергетски зависни (да увезуваме био-енергија) или сериозно да се позанимаваме со нејзино производство од отпаден материјал и создавање нови работни места“, објасни Мирослав Спасојевиќ, консултант на проектот.
Досега, Факултетот за електротехника и информациски технологии учествувал во проекти за обновливи извори на енергија, а изработил и проект за производство на биогас и енергија од отпад.
На работилницата беше истакнато дека овој вид биоенергија има огромен енергетски интензитет во земјите на Западен Балкан, но за жал, тој потенцијал не се следи со соодветни инвестиции и не е искористен во соодветна мерка. Од друга страна, овие извори на енергија имаат огромно значење за регионалната сигурност и снабдувањето со енергија.
„Со оглед дека потенцијалите на биомасата се огромни, Регионалниот совет за соработка, преку овој проект, сака да посвети внимание на биогоривата во регионот. Со оглед на строгите европски критериуми што ги наметнува Европа до 2020 година, пример, дури 10% од потрошувачката на енергија во транспортот треба да биде биоенергија. Затоа, нашиот проект ги анализира потенцијалите за производство на биогорива“, вели Мирослав Кукобат, сениор-експерт за енергетика во Регионалниот совет за соработка.
Споредбедно, едно истражување спроведено во 2010 година, покажува дека Македонија, на годишно ниво, произведувала околу 200.000 тони биогориво, Бугарија 240 илјади тони, Хрватска 30.000 тони биогориво.
„На денешната работилница на ФЕИТ, на која присуствуваа најважните чинители во енергетиката во Македонија, беа презентирани проекти за обновливи извори на енергија со регионални димензии. По оваа работилница одредени проекти ќе бидат презентирани на следната конференција во Белград, Србија, во јануари 2014 година. На оваа конференција ќе присуствуваат претставници од Европската Унија, донатори и банки кои ќе изразат интерес да ги финансираат овие проекти, но и претставници на институтот Fraunhofer и London Polytechnic School, како раководители на конзорциумот за реализација на еден проект од овие области кој се реализира во рамките на 7-та Рамковна програма, објасни проф. д-р Христина Спасевска, национален експерт на Регионалната иницијатива за енергетски одржлив развој.
Основната цел на овој проектот, финансиран од регионалниот предпристапен фонд – ИПА 2010 (Instrument of Pre-accession Assistance – IPA Multi-Beneficiary Regional Programme 2010), е да се придонесе кон регионална кохезија во Југоисточна Европа, како и во процесот на приклучување на државите од западен Балкан во Европската Унија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

