Економија
Продолжува растот на активностите во приватниот сектор во еврозоната

Кревкото закрепнување на активностите во приватниот сектор во еврозоната продолжи во последниот месец од година и не го губи здивот, благодарение на приливот на нови нарачки, покажа во понеделникот најновиот извештај на лондонската компанија Markit.
Прелиминарниот избор на менаџери на набавка (ПМИ), кој ги опфаќа активностите на илјади мали и средни претпријатија во секторот на производство и услуги, зголемен е во декември на 52,1 поен, од 51,7 поени во минатиот месец се наведува во соопштението на угледната компанија. Индексот се држи над 50 поени, што е граница која ги дели растот од падот на активностите, цело второ полугодие и е поголем од прогнозираните 51,9 отсто, од страна на аналитичарите.„Забрзувањето на вкупниот раст на активностите охрабрува. Тоа е смирувачки сигнал дека закрепнувањето продолжува. Не се губи здивот. Меѓутоа, не загрижува тоа што закрепнувањето не е рамномерно“, рече Крис Вилијамсон, главен економист во Markit.Истражувањето повторно го истакна се подлабокиот јаз помеѓу Германија и Франција, двете најголеми економии на еврозоната. Во декември активностите на фабриките во Германија достигнаа највисоко ниво од јули 2011 година, додека оние на француските компании паднаа на најниско ниво за последните седум месеци.Најновите податоците, според оценката на Вилијамсон, сугерираат дека економијата на еврозоната во четвртиот квартал ќе оствари раст од 0,2 отсто.Растот на активностите се припишува на новите нарачки, кои се зголемени веќе петти месец по ред, што упатува на продолжување на закрепнувањето и во следната година. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.
Економија
Дурмиши ја претстави новата мерка за практикантство – шанса за над 1.300 млади невработени

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја презентираше новата мерка за практикантство, како дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2025 година. Со оваа мерка, директно се инвестира во знаењето, капацитетите и потенцијалот на младите лица до 29 години.
„Ова не е само план на хартија – ова е план за иднина. План во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен добива шанса“, порача Дурмиши.
Целта на мерката е 1.352 невработени лица до 29 години, со најмалку завршено средно образование, да стекнат практични работни вештини и искуство. Новина е воведувањето на виртуелно практикантство – онлајн обука за 40 лица, прилагодена на модерните услови на работа. За сите вклучени е обезбеден месечен надомест од 12.000 денари, со платено осигурување и персонален данок, во траење до три месеци.
Мерката е дел од поширокиот Оперативен план за вработување, со кој Владата издвои рекордни 40 милиони евра за над 10.000 граѓани. Преку мерката за субвенционирано вработување, микро, мали и средни претпријатија, социјални бизниси и граѓански организации се повикуваат да отворат нови работни места. Досега се пристигнати 1.133 апликации, за над 1.400 вработувања.
Финансиската поддршка изнесува:
-250.000 денари за вработување младо лице до 29 години;
-220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош;
-160.000 денари за лица над 29 години.
Досега, преку јавните повици за активни мерки според соопштеното, поднесени се 6.026 апликации.
„Интересот за мерките покажува дека дека граѓаните не се откажуваат. Напротив, тие се подготвени да направат чекор напред“, изјави министерот.