Економија
Промовирано луксузно издание посветено на македонските вина и винарии
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во недела промовираше луксузно издание посветено на македонските вина и винарии.
Книгата насловена како „Вината од Македонија – краток водич за македонските вина и винарии“ е напишана на англиски јазик на над 200 илустрирани страници и е наменета за странските трговци и компании, кои се потенцијални купувачи на македонското вино.
„Книгата е документ, во кој меѓу другото е запишана историјата на производството на вино во Македонија, карактеристичните сорти вино, регионите каде што се одгледува и регистарот на винарски подруми, за кои немаше соодветни податоци“, рече министерот за земјоделство Љупчо Димовски, при тоа додавајќи дека ќе биде дополнителна афирмација на нашето производство на вино.
Во ова издание отпечатени се 1.500 примероци, кои ќе се користат за промоција на македонските вина на меѓународни саеми, а ќе им бидат поделени, на економските промотори во странство и во дипломатските претставништва. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
РКЕ најави паметни броила – граѓаните од телефон ќе може да ја следат потрошувачката на струја
Задолжително тестирање на критичната инфраструктура, воведување на сет на меѓународни безбедносни правила, секоја енергетска компанија да подготвува одделен буџет во кој приоритет имаат инвестициите за сајбер безбедност, назначување на офицер за сајбер безбедност – се дел од сетот на мерки што по налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги имплементираат клучните енергетски компании со цел зголемување на отпорноста од сајбер напади.
Целта на овие мерки е зголемување на отпорноста на енергетскиот систем на сајбер напади, заштита на критичната инфраструктура и обезбедување континуирано и сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството.
„Анализите покажаа дека до 2024 години ниту една компанија немаше имплементирано ниту еден стандард за сајбер безбедност. Некои имаа воспоставено локални политики во оваа сфера, процедури, но тоа не беше доволно за да се следи и паралелно да се надоградува безбедносниот сајбер обрач. Во овој момент две енергетски компании го имплементираа меѓународниот ИСО стандард (систем за управување со безбедноста на информациите), додека три компании се во финална фаза на имплементација. Факт е дека кај приватните компании имплементацијата е полесна, затоа што не се обврзани да распишуваат тендери како јавните претпријатија.“ посочи Апостолчо Рамов, раководител на сектор за информатичка технологија и статистика во РКЕ кој беше учесник на 3 Конференција за дигитализација во организација на Американската стопанска комора.
Со законските измени во 2023 година, РКЕ стана пионер во регионот во воспоставување на правила за сајбер безбедноста, посочи Рамов кој најави дека регулаторната дигитализација ќе продолжи, а следен чекор е воведување на паметни броила.
„Законот е на сила, а операторите на пренос и дистрибуција треба да направат анализа за воведување на паметни мерни системи (smart meters). Целта е секој граѓанин сам, преку свој мобилен уред или он лине да следи како оди потрошувачката. Во овој момент се прави техничка анализа. Дигитализацијата ќе ја зголеми довербата – ќе нема повеќе дилеми дали е сметката реална или претпоставена.“ посочи Апостолчо Рамов, раководител на сектор за информатичка технологија и статистика во РКЕ.
Со цел да се намалат ризиците од нарушување на континуирано снабдување со електрична енергија РКЕ уште во 2023 година во соработка со НАРУК (National Association of Regulatory Utility Commissioners) и УСАИД донесе Правила за сајбер-безбедност. Со нив, за првпат системски се уредуваат обврските на енергетските субјекти во однос на заштитата на мрежите, информациските и оперативните технологии. Во периодот што претстои овие правила ќе бидат усогласени и со новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи што е предуслов за стабилен, сигурен и модерен енергетски систем.
Економија
Штедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
Резолуција што носи сигурност
Почетокот на годината е период кога многумина прават пресек на досегашните финансиски навики и размислуваат за начини како да внесат поголема стабилност и поголема контрола во секојдневието. Во таков контекст, вниманието сè почесто се насочува кон долгорочно планирање и одговорно управување со личните средства. Меѓу најчестите и најразумни одлуки е штедењето, бидејќи овозможува финансиска сигурност и подобра организација на буџетот на подолг рок. За да прерасне во навика со реални резултати, потребен е јасен план и решение на кое може да се потпрете.
Јасна рамка за стабилен почеток
Кога условите се однапред познати, штедењето станува едноставно и без грижи. Токму во таков контекст, Халкбанк го нуди Промо депозитот како сигурен почеток на финансиската резолуција за 2026 година. Со рок на орочување од 13 месеци и фиксни каматни стапки oд 3,00% за МКД, 2,00% за ЕУР и 2,00% за УСД овој депозит создава стабилна временска рамка што овозможува планирање со јасна насока.
Фиксна камата и јасен принос
Промо депозитот се темели на фиксна каматна стапка, која обезбедува целосна предвидливост на приносот а каматата се исплаќа на крајот од периодот на орочување.
Мал чекор денес, стабилност утре
Додека годината се заокружува, а празничните денови нè потсетуваат на важноста на сигурноста и грижата за иднината, штедењето добива поинакво значење. Тоа станува вредна одлука – подарок што си го даваме сами на себе. Со Промо депозитот на Халкбанк, новата година не започнува само со желби, туку со конкретен чекор што носи стабилност, доверба и чувство на сигурен почеток.
Промо депозитот е достапен во филијалите и експозитурите на Халкбанк, каде клиентите можат да добијат дополнителни информации и професионален совет.
(ПР)
Економија
Николоски: Апелирам до ЕУ македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген зоната
Министерот за транспорт, Александар Николоски, упати апел до ЕУ македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген зоната со цел македонската економија да не трпи удари.
„Јас и Владата го разбираме револтот на транспортерите и протестот кој ќе го направат превозниците од понеделник, не само од Македонија туку од цел регион од Западен Балкан поради новите правила за електронска евиденција во земјите од шенген зоната. Новите правила и штетат на домашната економија, драстично ќе ја намалат работата на транспортерите, а на удар директно ќе биде транспортниот сектор и челичната индустрија“, одговори Николоски на пратеничко прашање на собраниската седница.
Тој истакна дека Владата веќе една година разговара со претставници на Европската Комисија за надминување на овој сериозен проблем, но ЕУ заесега нема слух за надминување на проблемот, не само за Македонија туку и за целиот Западен Балкан.
„Повеќе од една година разговараме со ЕУ, но слабо се разбираме и не наидуваме на разбирање. Последно разговарав во декември во Брисел со еврокомесарот за транспорт Цицикостас и со генералната директорка за мобилнoст и транспорт при Европската Комисија, Магда Копцинска, при што се обидов најпластично да им пренесам дека ова што го прават ќе значи смрт за економијата во регионот и ќе значи затворање на бројни странски инвестиции во регионот, а кои доаѓаат од земји членки на ЕУ. Намерно користам регионот, бидејќи се однесува за цел Западен Балкан и не се однесува само за Македонија. Формалниот одговор кој го даде портпаролот на ЕК за кој не се слагам е дека нема разлика меѓу она што до сега биле правила и новите правила, затоа што според него еден патник може да остане 90 дена во рамки на 180 дена во шенген зоните останува и сега. Формално тоа е точно, но практично не е точно, од причина што превозниците не се туристи, не одат за туризам, ниту се луѓе кои одат на посета, туку се луѓе кои што работат. Истите не можат да извадат работни визи бидејќи немаат работодавач во конкретна земја членка на ЕУ, а најчесто проблемот е тоа што само транзитираат” истакна вицепремиерот.
Тој додаде дека во континуитет одржува средби со бизнис коморите, со транспортните асоцијации и странските инвеститори со цел заедничи да се изнајдат најсоодветни решенија и да апелира до ЕУ за промена на правилата. Владата го задолжила и Министерството за надворешни работи да се обрати до ЕУ за одложување на новите правила за влез.
„Проблемот е подлабок. Ова ќе влијае врз извозните компании. Теротески да го уништиме транспортниот сектор и бизнис во Македонија, не само што директно ќе влијаеме врз транспортот, мислам дека ни ЕУ не се свесни со каков проблем се соочуваме. Имаме уште два проблеми, а тоа е со карго сертификатите и вториот е со квотите со извоз на челик. Не може регионот од Западен Блакан да се третира како трети земји, не може за извоз на челик да сме во иста квота со Кина. Квотите кои сега ќе ги постави ЕУ на кои сериозно работат, веројатно од Кина и Индија ќе ги исполнат во првите два месеци од годината. После тоа ќе има 50 % царина и практично ќе значи нема да има увоз на челик во ЕУ затоа што е неконкурентен и тоа значи дека челичната индустрија ќе колабира. Фени се затвори, со вакви линерани политики на ЕУ можеме да заклучиме само што ќе се случува со големи производители на челик од земјава”, додаде вицепремиерот Николоски.
Најави дека Владата сериозно ќе работи на надминување на овој предизвик со цел стабилизација на транспортниот сектор во земјава и регионот.

