Економија
Започнува проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании
Проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании е проект кој носи корист за домашниот бизнис сектор. Негова интенција е искористување на знаењата и вештините на еминентни меѓународни експерти кои со својот придонес треба да овозможат подобрување и унапредување на деловните процеси во македонските компании, да ја подобрат продуктивноста и ефикасноста на бизнисот и да создадат додадена вредност на процесот на деловна активност.
Овој проект е поделен во две фази. Во првата фаза беше спроведен јавен и транспарентен процес преку кој сите заинтересирани компании можеа да се пријават до Владата за ангажирање на овие експерти, и на кои се добиени 105 пријави од компании од целата територија на државата и компании со секаква големина во однос на бројот на вработени. По завршувањето на тој процес сите компании беа исконтактирани или посетени и беше утврден точниот профил на експерт кој тие го побаруваат.
Владата сега започнува со втората фаза од овој проект. Првата група на странски експерти кои ќе имаат за цел поддршка на македонските компании кои изразиле интерес за тоа, ќе почне да пристигнува во следните денови и заклучно со крајот на месец април се очекува во рамките на оваа прва група 15 странски експерти да пристигнат и да работат во компаниите од земјата, да го дадат својот придонес во подобрување на деловните процеси во нашите компании и да овозможат корист за истите.
Во однос на индустријата каде што ќе доаѓаат, најголем број на експерти ќе дојдат во домашните компании од преработувачка индустрија, но и во компании од информатичка дејност, и од туризмот, образованието, земјоделската дејност и други дејности.
Експертите ќе работат во компании кои имаат до 50 вработени, компании од 50 до 100 вработени, експерти во компании со 100 до 200 вработени, но и во компании со над 200 вработени.
Она што е значајно да се истакне е дека за сите овие експерти се направени консултации со компаниите кои ги побаруваат и со меѓународните партнери од Холандија и Германија. По првичниот контакт и селекција на експертот во заедничка соработка, на компаниите им беше овозможено директно да исконтактираат со експертот за да го прецизираат конкретниот дел од работниот процес кој треба да биде покриен за на крај да се воспостави и конкретната соработка.
Исто така, значајно е да се истакне дека компаниите во однос на овие експерти ќе имаат минимален трошок и тоа во поглед на неговото сместување. Компаниите ќе немаат обврска во останатиот главен дел од трошоците затоа што тие главни трошоци во поглед на обезбедување на експертот, дневници за надомест за неговата работа, превоз на експертот, се сервисираат во соработка на Владата и меѓународните организации во рамките на билатералната соработка.
По завршувањето на оваа прва група, динамиката предвидува во следните месеци, на секои 45 до 60 денови да доаѓаат нови групи од по 15 експерти кои ќе придонесуваат за домашните компании, при што се очекува покрај експерти од Холандија и Германија листата да се прошири и со експерти кои ќе бидат обезбедувани во соработка со други развиени земји или пак во рамките на соработката со мултилатералните економски организации. Со овие чекори согласно ветувањата отпочнува овој процес за привлекување и ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании. Ова е многу значаен проект за компаниите од нашата земја. Овие странски експерти ќе овозможат унапредување на способностите на самите компании и можности за поголема профитабилност. Тоа е од интерес не само за компаниите и нивните сопственици, туку и за вработените во компаниите и за отворањето на нови работни места, но и за локалниот и општиот економски раст и развој на Република Македонија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Над 600 вработени во ЕСМ стекнаа вештини за стабилен и одржлив енергетски систем
Министерството за енергетика, рударство и минерални во соработка со АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го одбележа завршувањето на два проекти за развој на работната сила кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција. Церемонијата за доделување сертификати се одржа во Битола, со присуство на надлежни претставници од институциите и меѓународните партнери.
Проектите се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта е да се поддржат работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.
Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ учествуваа во структурирани програми за обука кои опфатија технички и менаџерски вештини, вклучително продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.
Поздравувајќи го завршувањето на програмата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави:
„Праведната транзиција не значи само чиста енергија. Таа значи луѓето да имаат место во иднината што ја создаваме. А промените бараат нови вештини, нови пристапи и постојано учење. Затоа вложувањето во знаење е еднакво важно како и вложувањето во нови енергетски капацитети. Модерната енергија започнува токму тука – со луѓето. А модернизацијата не се случува сама — таа се учи, се гради и се води. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. На сите што се стекнаа со сертификаати сакам да им порачам: Ова не е само признание за завршена обука — ова е доверба дека токму вие сте носителите на промените. “
Говорејќи на настанот, раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, ја нагласи важноста од инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција. Тој истакна дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во обезбедувањето на националната енергетска сигурност, и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани додека енергетскиот систем се трансформира.
ЕБОР, исто така, го најави започнувањето на платформата „Women-led Coal Transition“ во вредност од 150.000 американски долари за Северна Македонија, која особено ќе ги поддржи жените вработени во енергетскиот сектор и погодени од транзицијата.
„Како што регионите зависни од јаглен влегуваат во ново поглавје, континуираните инвестиции во вештини, иновации и локален економски развој ќе останат клучни за обезбедување просперитет на заедниците како Битола и Осломеј во услови на енергетска транзиција. Завршувањето на овие програми претставува значаен чекор во патот на Северна Македонија кон праведна транзиција, покажувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е од суштинско значење за изградба на модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем“, соопштија од Министерството.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.

