Економија
Од НБРМ одговорија на прашањата на Наумов
Кире Наумов наместо да се соочи со своите противници, повторно се нафрла врз Народна банка и врз гувернерот, а тоа го прави во негов стил, секогаш пред избори.
Ова се вели во реакцијата од Кабинетот на гувернерот на НБРМ по однос на прес-конференцијата на Кире Наумов која што се одржа во вторникот на која побара до НБРМ да истакне колкав е јавниот долг на Република Македонија без долгот на НБРМ и колкав е долгот на централната влада на 30.09.2013.
Од таму велат дека ваквите напади не се случајни бидејќи токму Народната банка е главниот столб на макроекономската стабилност на македонската економија и затоа е цел на сите што сметаат дека би имале корист од нејзиното нарушување.
„Податоците за долгот на централната влада и за јавниот долг во ниедна земја во Европа не се надлежност на централната банка. Овие податоците се јавно достапни на веб-страницата на Министерството за финансии, и во нив се вклучени и податоците произведени од Народната банка за надворешниот долг на централната влада и на јавните претпријатија“, реагираат од НБРМ и додаваат дека од минатата година, покрај основните табели, се објавува и детална аналитичка табела за јавниот надворешен долг за да се постигне целосна транспарентност од Народната банка.
Од НБРМ велат дека единствено разлика во цифрите има поради методолошки разлики поради кои на 30 септември 2013 година се јавува разликата од 21 милион евра.
„Народната банка го пресметува надворешниот долг вклучувајќи ја пресметаната, а недостасана камата, додека Министерството за финансии ја зема предвид само главницата, Министерството за финансии ги објавува податоците 30 дена по завршување на периодот, а НБРМ по 90 дена, поради што се можни разлики кај податоците што се добиени подоцна од единиците за известување и третата методолошка разлика е тоа што НБРМ го пресметува долгот според пазарната вредност, додека Министерството за финансии според номиналната“, се вели во реакцијата.
Од Народна банка додаваат и дека пресметката на бруто домашниот производ, како и секаде во Европа, е во надлежност на Државниот завод за статистика, а Министерството за финансии и Народната банка ги користат ваквите податоци во своите анализи и презентации.
„За 2013 година, прелиминарен податок за БДП ќе има кон крајот на оваа година. Во меѓувреме, Министерството за финансии и Народната банка користат свои проценки добиени врз основа на моделите коишто ги користат, што е вообичаена практика насекаде во Европа. Која проценка ќе биде поблизу до прелиминарниот податок произведен од Државниот завод за статистика ќе се види кон крајот на годината“, велат од Кабинетот на гувернерот.
Кире Наумов на прес-конференцијата изрази сомнеж дека Народната банка не работи независно,а според него тоа би било флагрантно кршење на законот, истакнувајќи дека Народната банка на Република Македонија, според законот, е институција којашто е задолжена да го следи и објавува надворешниот јавен долг и има обврска да биде независна во остварување на нејзините цели и задачи./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

