Економија
Сараќини: До крајот на 2014 година очекуваме 350 млн. евра странски инвестиции
Министерот за економија Ваљон Сараќини во четвртокот ја прифати поканата на Советот на странски инвеститори и одржа средба со раководството и компаниите кои се дел од овој совет, кој брои 100 компании.
Целта на средбата беше запознавање со годинешните планирани активности на Советот и изнаоѓање на модули за продлабочување на соработката меѓу домашните и странските инвеститори.Министерот Сараќини изрази задоволство од активноста на Советот на странски инвеститори и компаниите кои се дел од него, бидејќи заеднички придонесуваат за економскиот развој на државата и одиграа особено важна улога во надминување на кризата која го зафати целиот регион. Како што истакна министерот за економија тоа ефектуираше со значително зголемување на БДП во 2010 и 2012 година, а особено во 2013 година за околу 3,2%, кога дојде и до стабилен и значаен годишен пораст на индустриското производство од 3,5% на годишно ниво „Странските инвестиции за економијата имаат повеќедимензионално значење. Тие придонесоа за зголемување на пазарната конкуренција и зголемување на извозот, па во 2013 година од погоните на овие компании во странство завршиле производи вредни 760 милиони евра, што претставува 25 отсто од вкупниот извоз на Република Македонија, а според проекциите, за 2014 година се очекува уделот да се искачи на 33%“, рече Сараќини. Тој го истакна значењето на странските инвестиции и во диверзификација на производите што се извезуваат во странство, потсетувајќи дека листата на донеодамна традиционалните главни производи од домашните металска, текстилна и хемиска индустрија, кои имаа доминантно место во извозот, сега е проширена на производи кои се произведуваат во претпријатија со СДИ, како што се катализаторите, автобусите, автомобилските делови, хомеопатските производи. „Со оглед на состојбите во европската економија, најавите кои ги имаме и подобрената инфраструктура и бизнис клима, очекуваме тенденција на раст на инвестициите, па проекциите се 2014 година да ја завршиме со околу 350 милиони евра СДИ. Имаме најава и од неколку инвеститори, како на пример во зоната во Кичево, која сега, со изградбата на автопатот Кичево-Струга ќе стане уште по атрактивна, но да не ги заборавиме и другите капитални инвестиции најавени од Владата на Република Македонија во патишта, железници, енергетски и инфраструктурни проекти“, најави Сараќини.Министерот Сараќини особено стави акцент на придонесот на странските инвестиции за откривање, односно пласман на нови странски пазари.„Тука посебно би го нагласил значењето на пазарот на Велика Британија, каде се пласираат најголем дел од автомобилските катализатори што се произведуваат во ТИРЗ-овите, но да не ги заборавиме и пазарите на Кина, САД, Русија, Блискиот Исток. Сето ова води кон зголемување на меѓународните рејтинг на земјата, како стабилна и економски исплатлива инвестициска дестинација, што редовно се потврдува и преку извештаите на Светска банка, Фондацијата Херитиџ и др. меѓународни институции и агенции“, рече Сараќини.На средбата беше предложено претставници од Министерството за економија да бидат дел од работата на работните групи кои се дел од Советот на странски инвеститори, а одговарајќи на прашање на компаниите за моменталните состојби на пазарот на трудот во кој се забележува суфицит на економисти и правници, а дефицит на технички кадри, министерот истакна„Во насока на подобрување на сегментот на пазарот на трудот, токму од аспект на суфицит и дефицит на одредени професии, како Влада размислуваме за намалување на квотите за економските и правните науки, а зголемување за техничките науки, кои се моментално најбарани. Покрај ова, во средните училишта се отвараат центри за кариера, во кои се работи со средношколците за квалитетен избор на идните професии, согласно побарувачката, а да не ги заборавиме и субвенциите за професионален развој, кои ги дава Владата“.На барање на Советот, од страна на државниот советник Блерим Златку беше презентирана и Стратегијата на ЈИЕ 2020, преку која се отсликуваат целите и очекувањата на земјите во ЈИЕ на економско-социјален план на патот кон ЕУ. Водечкиот принцип на оваа Стратегија е зголемувањето на економскиот раст и конкурентноста на трајна основа, постигнувањето на повисока стапка на вработеност, подигање на животниот стандард и квалитетот на живот и европска перспектива за земјите од ЈИЕ, преку стимулирање на клучните долгорочни двигатели на растот, како што иновации, вештини и интеграција на трговијата. Имено, меѓу целите на земјите од ЈИЕ, преку спроведување на реформи за интегриран, паметен, одржлив и инклузивен раст, поткрепен со доброто управување се: зголемување на просечниот БДП по глава на жител во однос на просекот на ЕУ од 36,4 % на 44 % во 2020 година; зголемување на вкупната трговска соработка со стоки и услуги во овие земји од 94,4 на 209,5 милијарди евра во 2020 година, како и креирање на 1 милион нови работни места во регионот. Претседателот на Советот Хуан Педро Хименез Наваро, изрази голема благодарност до министерот за економија за прифатената покана за заедничка средба„Нашите цели за 2014 година се дефинирани согласно владините проекции. Со нашето дејствување сакаме да бидеме веродостоен партнер на владините институции, а воедно и преку нашите членови странски компании, да ја промовираме Република Македонија како одлична бизнис дестинација, да ги споделиме нашите позитивни практики. Задоволен сум од презентацијата на Стратегијата на земјите од ЈИЕ, која навистина има интересен структуиран план за овој регион, а веќе во понеделник договоривме заеднички состанок на кој ќе бидат опфатени неколку сектори, со што заеднички ќе можеме да ги лоцираме проблемите со кои се соочуваат инвеститорите, а воедно и да помогнеме кон нивно решавање“, истакна Наваро. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

