Економија
Прв саем за женско претприемништво во ЈИЕ
Прв саем за женско претприемништво во Југоисточна Европа почнува во петок (04 април) во Дубровник, во организација на Gender Task Force (GTF) во рамки на Светската група на меѓународни здруженија на деловни жени FCEM.
Саемот е една од активностите во рамки на тригодишниот проект „Женско претприемништво – мотор за создавање на работни места во ЈИЕ” чиј носител е Советот за регионална соработка. Финансиран е од страна на шведската организација Swedish International Development Agency (SIDA), со цел промовирање на најдобрите пракси во женското претприемништво и изградба на национални и регионални женски мрежи и здруженија.
Саемот за женско претприемништво е форма на собири какви што земјите со напредна економија и развиено женско претприемништво, на пример Шведска, го практикуваат веќе со децении. Целта на овие саеми е зацврстување на претприемничката мрежа, создавање нови контакти, размена на нови знаења и искуства. Саемот е организиран на регионално ниво затоа што во повеќето случаи жените претприемачи од ЈИЕ своите деловни прилики надвор од матичната земја ги остваруваат со соседните земји.
На саемот ќе учествуваат министри од Хрватска и Албанија, претставници од стопанските комори од девет земји, жени претприемачи од цела ЈИЕ. Меѓу учесниците се и македонски претставнички од стопанската комора, Македонската мрежа на ментори и останатите домашни организации кои ја третираат оваа тема.
Мери Ен Рукавина – Ципетиќ, директорка на GTF регионалниот центар за родова еднаквост во интервју за business.hr вели дека факт е дека жените се помалку присутни во светот на бизнисот отколку мажите поради воспоставените општествени модели.
„ Жените во претприемништвото немаат иста стартна позиција како мажите со оглед на отежнатиот пристап на капитал и дополнителни потешкотии со кои тие се сочуваат, како недостаток на социјална инфраструктура, на пример градинки, како и поради фактот дека жените по традиција која е изразена во бројни земји од ЈИЕ вообичаено не наследуваат имот, туку првенствено право на тоа имаат мажите. Жените објективно потешко доаѓаат до средства потребни за развој на претприемништвото иако се позастапени во високообразовниот слој на општеството. Жените во се поголем број имаат високо образование и кога би се отстраниле останатите пречки, би имале дури и предност пред нивните машки колеги. Во екот на светската економска криза, претпријатијата што ги водат жени се покажаа социјално почувствителни, жените се помалку склони кон отпуштање на работници и се помалку склони на ризичен капитал што им обезбедува на нивните фирми отпорност на последиците од кризата. Покрај тоа, факт е дека жените секогаш основаат претпријатија во најголем дел од нужда – поради личен и опстанок на семејството, поради губење на постојана работа и со помош на семејството, а не по сопствена иницијатива”, вели таа.
Рукавина – Ципетиќ истакнува дека Турција и Хрватска се лидери во ЈИЕ во развојот на женско претприемништво.
Токму Хрватска е предводник во стратешкиот пристап на женското претприемништво, првата стратегија ја изготви во 2010 година и со самото тоа е пред повеќето земји во ЕУ.
Во интервјуто Рукавина – Ципетиќ вели дека државните институции во сите земји би требало освен стратешко планирање да обезбедат и систематско следење со база на податоци како и зајакнување на социјалните инфраструктури каде што градинките не покриваат ни близу од потребите на жените претприемачи, на пример работното време од 8 до 4 не е усогласено со потребите на претприемништвото воопшто.
„Жените треба да веруваат во сопствената идеја и да не се откажуваат, да се движат. Имаат нееднаков пристап до капитал и би требало да бидат поупорни и посилни – да не се откажуваат од идеите, да се движат и да не се откажуваат кога ќе наидат на потешкотии”, порачува Рукавина – Ципетиќ.
Таа додава дека жените се помалку склони на ризици, повеќе чувствителни кон работниците, имаат помалку отпуштања во нивните фирми, нивната креативност може и мора да се развие и е побарана, а тоа особено се одразува преку социјалните иновации.
Исто така, потенцира Рукавина – Ципетиќ , жените се повеќе склони кон нови модели на претприемништво нагласувајќи ги социјалните фактори, а не само правење профит, а особено е нагласено нивното адаптирање на новите трендови во ЕУ и светот.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

