Економија
Економското закрепнување на ЕУ е стабилно, следи намалување на невработеноста

Европската комисија (ЕК) во понеделникот соопштила дека економското закрепнување на Европската унија (ЕУ) е стабилно и дека ова ќе доведе до намалување на невработеноста во земјите во Еврозоната.
ЕК навела дека очекува стапката на невработеност во 18 земји од Еврозоната кои го користат еврото да опадне на 11,8 отсто во оваа година, а идната година таа стапка да изнесува 11,4 проценти.
Претходните прогнози на ЕК предвидувале стапка на невработеност од 12 проценти оваа година и 11,7 отсто за следната година.
Европската агенција за статистика Eurostat на почетокот од оваа година објавила дека стапката на невработеност во земјите од Еврозоната во ноември 2013 година изнесувала 12,1 процент.
Според соопштението на ЕК се очекува дека невработеноста бргу ќе опаѓа и во останатите делови на ЕУ, што опфаќа и членки како Велика Британија, кои не го користат еврото како своја валута.
Новата прогноза предвидува економски раст од 1,2 проценти во Еврозоната во 2014 година, а за идната година е предвиден раст од 1,7 отсто./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска во работна посета на Турција

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска престојува во тридневна работна посета на Република Турција, каде ќе оствари средби со претставници на турската Влада и ќе учествува на 28. Евроазиски економски самит.
За време на посетата министерката Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби во Министерството за финансии на Турција и Министерството за трговија на Турција, односно со министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек и министерот за трговија Омер Болат.
Димитриеска-Кочоска, исто така, ќе учествува на 28-от Евроазиски економски самит, каде ќе има воведно обраќање. Самитот којшто е посветен на тема „Похуман свет“, претставува место на кое се присутни евроазиски лидери кои годинава ќе зборуваат на актулени теми поврзани со екологија, економија, енергија, вештачка интелегенција, меѓународна соработка во здравствениот сектор и слично. Самитот традиционално го организира Фондацијата Мармара.
Во составот на делегацијата што ја предводи министерката се и државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска, Катерина Антовска, шеф на кабинет и посебен советник во МФ, како и директорите на Управата за јавни приходи Елена Петрова, на Царинската управа Бобан Николовски и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.
Економија
„Тик-ток“ казнет со 530 милиони евра

„Тик ток“ е казнет со 530 милиони евра во Европската Унија поради непочитување на прописите за заштита на податоците на корисниците.
Највисокиот регулатор за заштита на податоци на ЕУ ја казни платформата „Тик-ток“ со 530 милиони евра поради загриженост за тоа како ги заштитува личните податоци на корисниците.
Регулаторот исто така ѝ наложи на платформата да го суспендира преносот на податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави „Ројтерс“. Ирската комисија за заштита на податоците (DPC) соопшти дека „Тик-ток“, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“, не може да докаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ се соодветно заштитени во согласност со законите на ЕУ.
„Тик-ток“ објави дека ќе поднесе жалба на пресудата тврдејќи дека ја користел законската рамка на ЕУ, особено стандардните договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен далечински пристап.
Економија
Народната банка ја додели годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“.
Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјата.