Економија
Добри шанси за договор меѓу Москва и Киев за гасот
Русија може да се откаже од преминувањето на авансното плаќање на гас за Украина, доколку Киев го отплати долгот и се постигне заемно прифатлив договор за цената, изјави во понеделникот навечер рускиот министер за енергетика Александар Новак на прес-конференцијата по трилатералната средба во Берлин меѓу Русија, Украина и Европската унија, а оптимизам изрази и еврокоемсарот за енергетика.
Според европскиот комесар за енергетика Гинтр Итингер, преговорите меѓу Русија и Украина за доставување на рускиот природен гас за Украина добро напредуваат и според неговата оцена постојат добри шанси да биде постигнат договор до 1-ви јуни.
„Остваривме значителен напредок и имаме добри шанси да се договориме до 1-ви јуни”, изјави Итингер по разговорите во Берлин со рускиот министер за енергетика Александар Новак и со украинскиот Јуриј Продан на заедничката прес-конференција.
Москва и Киев имаат време до среда навечер да ја прифатат спогодбата според која Украина веќе во четврток би му исплатила на рускиот енергетски гигант „Газпром” две милијарди американски долари. Со тоа би се намалил натрупаниот украински долг од 3,2 милијарди долар за испораки на гасот кои не се платени од ноември 2013 година.
Доколку плаќањето биде извршено на време, во петок ќе продолжат преговорите за цените на гасот за идните испораки, а Русија ќе се откаже од најавеното преминување на начинот на однапред плаќање на нарачаното количество природен гас. „Мислам дека и тука (во врска со цената) е можен договор”, рече Итингер.
Потоа, украинската гасна групација „Нафтогаз” на 7-ми јуни ќе му плати на „Газпром” 500 милиони долари, според преддоговорот подготвен во понеделникот. „Украина е подготвена целосно да го исплати својот долг”, изјави украинскиот министер Продан.
Неговиот руски колега Новак, пак, истакна дека Европската унија ја поддржува позицијата на Русија дека Украина е должна да го отплати својот долг за претходно испорачаниот гас.
„Денеска беше остварен значителен напредок во нашите преговори. Руската страна предложи, и нашата позиција не е променета, за отплаќање на долгот. Европската комисија нѐ поддржа, тоа е многу задоволителен момент од спроведените консултации”, истакна Новак. Рускиот енергетски гигант „Газпром” претходните денови се закани дека на 3-ти јуни ќе ги прекине испораките на гас за Украина, доколку таа земја не се согласи да потпише договор однапред да плаќа за нарачаното количество гас и доколку не почне да го намалува долгот кој надминува 3,5 милијарди американски долари.
Претставниците на Русија, Украина и Европската унија за таа ситуација разговараа во германската престолнина Берлин при што било разговарано и за цената, за што сѐ ушт не се обелоденуваат поединост. Киев бара цената на рускиот гас за Украина да биде 268,5 долари за 1.000 кубни метри, додека Русија бара 485 долари.
Русија кон средината на април објави дека го повлекува намалувањето на цената на својот гас за Украина постигнат во договор со сега соборениот украински претседател Виктор Јанукович, ланскиот декември. Според тој договор, цената беше намалена за повеќе од третина и се симна на 268 долари за 1.000 кубни метри гас. Покрај тоа, Украина уживаше и попуст од дополнителни 100 долари за во цената на гасот, според договорот потпишан за користење на базата на руската Црноморска флота на полуостровот Крим кој во меѓувреме, со референдум се присоедини кон Русија. Така сега со укинувањето на сите договори и попусти, цената на рускиот гас за украинските потрошувачи се зголемува на 485 долари за илјада кубни метри.
Привремениот украински премиер Арсениј Јаценјук повеќепати изјави дека „Газпром” ја зголемил цената на гас за Украина за 80 отсто до 485 американски долари за 1.000 кубни метри, што ја смета за неприфатлива и политичка уцена, но руската компанија одговори дека Европејците плаќаат 370 до 380 долари, и дека неговата компанијата всушност не ги зголемила цените, туку дека ги одредува според формула./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

