Економија
ЕК следните денови очекува договор за гасот меѓу ЕУ, Русија и Украина

Европските комесар за енергетика, Гинтер Итингер изјави во вторникот навечер дека очекува следните денови да биде постигнат договор за рускиот природен гас меѓу Европската унија и министрите за енергетика на Русија и Украина, чии преговори се одложени за среда претпладне.
„Тоа ќе потрае неколку денови, договорот го очекуваме следните денови”, изјави еврокомесарот за енергетика Гинтер Итингер.
Бидејќи руската делегација пристигна во Брисел доцна ноќта во вторникот, трилатералните преговори на Итингер со министрите за енергија на Русија, Александар Новак, и на Украина, Јуриј Продан, ќе започнат во среда претпладне., прецизираше Европската комисија во соопштение. Преговорите требаше според планот, инаку, да започнат во вторникот навечер. Претходно во понеделникот навечер осумчасовните преговори завршија без договор.
Европската комисија во писмената изјава додаде дека пред тристраните преговори ќе бидат одржани билатерални разговори на коишто ќе се бара договор за цената на рускиот гас кој го купува Киев и за враќањето на украинскиот долг на Москва, кој иако делумно е платен, изнесува повеќе милијарди американски долари.
Украина не ја прифаќа цената од 480 долари за 1.000 кубни метри гас, и бара таа да биде 286,5 долари, додека европските потрошувачи плаќаат меѓу 350 и 380 долари за 1.000 кубни метри гас. Според Киев, станува збор за притисок на Москва поради украинското свртување кон Западот, додека Русија го обвинува дека има огромни долгови и дека ги поткраднува испораките кои преку украинскиот гасоводен систем се наменети за европските потрошувачи.
На почетокот од април годинава Русија објави дека го повлекува намалувањето на цената на својот гас за Украина постигнат во договор со сега соборениот украински претседател Виктор Јанукович, ланскиот декември. Според тој договор, цената беше намалена за повеќе од третина и се симна на 268 долари за 1.000 кубни метри гас. Покрај тоа, Украина уживаше и попуст од дополнителни 100 долари во цената на гасот, според договорот потпишан за користење на базата на руската Црноморска флота на полуостровот Крим кој во меѓувреме, со референдум се присоедини кон Русија. Така сега со укинувањето на сите договори и попусти, цената на рускиот гас за украинските потрошувачи се зголемува на 485 долари за илјада кубни метри./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.