Економија
Кинески компании заинтересирани за инвестирање во земјоделството

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, во среда одржа состанок со кинеска делегација предводена од заменик гувернерот на провинцијата Сечуан, Гао Фенг и новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија Вен Џеншун.
Провинцијата Сечуан претставува една од најразвиените провинции во делот на земјоделството, посебно во сточарството.
На средбата, гостите изразија голем интерес за инвестирање на кинески компании во земјоделскиот сектор. Во Македонија се дојдени за поблиску да се запознаат со условите за инвестирање во земјоделството, во сточарството, посебно во одгледувањето на овци и говеда, а секако го истакнаа и македонското вино кое веќе станува препознатливо на нивниот пазар.
Министерот Димовски рече дека Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи. Бележиме континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи. Со цел продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.
„Кинескиот пазар е најголем во светот, меѓутоа тоа е и многу пребирлив пазар, за кој е потребен квалитет кој ќе ги задоволи потребите на кинеските потрошувачи. Вашата идеја за присуство на кинески компании, кои ќе отворат свои претставништа во Македонија е одлична можност за вашите бизнисмени, затоа што Република Македонија претставува врата кон пазарот на Европската Унија, за кој сите закони во Република Македонија кои се однесуваат на областа на земјоделството се целосно усогласени со законодавството на Европската Унија. Исто така ја имате мојата поддршка за било која инвестиција во областа на земјоделството “, истакна министерот Димовски.
На крајот на средбата, гостите упатија благодарност до министерот за гостопримството и за исцрпните информации според кои увидоа дека има уште многу области во кои може да се оствари соработка и ја изразија својата желба за повторна средба и инвестрирање во земјоделството. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.