Економија
Берзата со промет од 9,5 милиони денари
Македонската берза за хартии од вредност денеска оствари вкупен промет од 9.482.473,96 денари
Македонската берза за хартии од вредност денеска оствари вкупен промет од 9.482.473,96 денари.
Индексот на десетте најликвидни компании од официјалниот пазар – МБИ10, го оствари третиот дневен раст по ред кој изнесуваше 0,93%, а неговата вредност достигна 2.865,09 индексни поени. Благ пораст од 0,27% имаше и МБИД, додека неговата вредност при затварањето на пазарот изнесуваше 3.110,25 индексни поени. ОМБ при незначително намалување од 0,08%, оствари ниво од 109,96 индексни поени.
Најликвидна од официјалниот пазар беше Гранит Скопје со промет од 1.720.380,00 денари. Просечната цена од 767,34 денари беше доволна за пораст од 1,02%, што претставуваше трето последователно дневно зголемување. Истргувани беа 2.242 акции кои се реализираа преку 18 трансакции.
РЖ Услуги со промет од 1.201.810,00 денари се пласираше на второ место според ликвидност од официјалниот пазар. Просечната цена од 370,59 денари предизвика намалување од 0,51%. Истргувани беа 3.243 акции кои се реализираа преку 10 трансакции.
Следуваше Алкалоид Скопје со промет од 1.031.385,00 денари. Со порастот од 0,98%, беше остварена растечка низа од три дена, така што просечната цена изнесуваше 4.934,86 денари. Ценовниот распон се движеше од 4.900,00 денари до 4.964,00 денари. Истргувани беа вкупно 209 акции кои се реализираа преку 15 трансакции.
Од редовниот пазар, најтргувана акција беше Тутунска Банка Скопје со промет од 1.504.264,00 денари. При просечна цена од 4.899,88 денари, порастот на дневно ниво изнесуваше 0,39%. Истргувани беа вкупно 307 акции кои се реализираа преку 19 трансакции.
Со акцијата на Македонски Телеком Скопје остварен беше промет од 669.875,00 денари. Просечната цена од 449,28 денари, значеше пораст од 0,83%. Минималната цена изнесуваше 445,00 денари, а максималната 450,00 денари. Истргувани беа вкупно 1.491 акции кои се реализираа преку 13 трансакции.
Делта брокер АД Скопје привремено се исклучува од членство во Берзата поради неисполнување на континуираниот услов за членство пропишан во член 10, став 1, алинеа 5 од правилата за членство на Берзата, согласно кој членката во секое време мора да има вработено најмалку двајца брокери со дозвола од Берзата за пристап до БЕСТ системот во редовен работен однос.
Привременото исклучување од членство во Берзата на членката Делта брокер АД Скопје ќе почне да се применува од ден 01.02.2010 година и истото е со времетраење до целосно исполнување на континуираните услови за членство во берзата. Пет најтргувани хартии од вредност1. Гранит Скопје 2. Тутунска Банка Скопје3. РЖ Услуги Скопје 4. Алкалоид Скопје5. Македонски Телеком Скопје Хартии од вредност со најголем раст1. Раде Кончар Скопје 4,79%2. Арцелормиттал (ХРМ) Скопје 2,69%3. Макстил Скопје 2,00%4. Комуна Скопје 1,67%5. Комерцијална Банка Скопје 1,11%Хартии од вредност со најголем пад1. ОХИС Скопје 6,39%2. ФЗЦ 11 Октомври Куманово 3,54%3. Арцелормиттал (ЦРМ) Скопје 2,46%4. РЖ Услуги Скопје 0,51%5. Р.Македонија – Денационализација 08 0,38%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

