Берзи
Цените на нафтата растат без менување на динамиката поради инаугурацијата на Трамп

Цените на нафтата на светските пазари продолжија да растат во петокот, без промена во динамиката во атмосферата на очекувањата на вложувачите од насоките од инаугуративниот говор на новиот американски претседател Доналд Трамп, како и очекувањата дека главните произведувачите на претстојниот состанок ќе ја потврдат определбата за намалување на снабдувањето што во втор план ја потисна скокот на американските резервите и наоѓалишта.
На лондонскиот пазар во петокот вечерта цените на мартовските испораки на северноморската мешавина од типот Brent скокна за 2,25 отсто, на 55,38 долари за барел. На американската берза, пак, мартовските испораки скокна за 2,15 отсто, на 53,24 долари за барел. Притоа, цените на нафтата немаа значителна промена во текот на инаугурацијата на 45-от американски претседател.
Во својот говор на инаугурацијата Трамп изјави дека Американците почнуваат да ја обноват својата земја. Порача дека САД ќе ги направи одново силни, богати, горди, безбедни и големи, а спротивностите во американското општество ќе бидат надминати. Трамп, исто така, вети заштита на американските работни места при склучувањето на меѓународните договори…
Според програмата на новата администрација во Белата куќа, САД имаат намера да остварат енергетска независност од Организацијата на за земјите извознички на нафта (OPEC), да ја намалат регулативата во енергетиката и да изведат „револуција“ во производството на јаглеводороди во СAД, вклучително и производството на нафта од шкрилци.
Во вториот план во петокот беа потиснати податоците за скокот на резервите од сирова нафта минатата седмица, за 2,3 милиони барели, имајќи предвид дека рафинериите остро ја забавија преработката, а залихите од бензини скокнале поради слабата побарувачка, покажуваат податоците на владата во Вашингтон, аналитичарите очекуваа значително поскромно зголемување, за 342.000 барели.
Податоците, исто така, покажаа неочекувано голем раст на резервите од бензина на источниот брег на САД, на рекордно ниво за овој период од годината. Оваа област, инаку, бележи најсилна побарувачка на бензини во САД.
Во меѓувреме, американската приватна компанија за процена на резервите од енергенси „ Baker Hughes“ во петокот објави дека податоците на крајот од работната седмица на 20-ти јануари покажуваат дека бројот на бушотините во САД се зголемил за 35, или за 5,3 отсто, на 694. На годишно ниво овој показател се зголемил за 57 бушотини, односно за 8,9 отсто. Бројот на единиците за црпење нафта се зголемило за 29, или за 5,55 отсто, на 551, а за гасот за шест, или за 44,1 отсто, или 142 единци./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи

Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.
Берзи
Азиските берзи пораснаа, а доларот ослабе

На азиските берзи цените на акциите пораснаа бидејќи се очекува забрзување на растот на кинеската економија, но на пазарите нема еуфорија бидејќи централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација. Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, беше во плус 0,7 отсто околу 7 часа.
Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна 1,1 отсто, а цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и vo Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,1 и 0,9 отсто. Во Шангај, пак, тие паднаа околу 0,2 отсто. Растот на индексот главно се должи на забрзувањето на растот на кинеската економија по укинувањето на рестриктивните мерки поради Ковидот, на што укажуваат сите најнови макроекономски податоци.
Кинеските власти најавија дека се стремат кон 5 отсто економски раст годинава. Како резултат на тоа многу аналитичари ги зголемија своите процени за раст. Така, на пример, аналитичарите на швајцарската банка УБС ја зголемија процената за растот на кинеската економија од 4,9 на 5,4 отсто.
Но, кочницата на берзите ја претставуваат најавите на централните банки за натамошно зголемување на каматните стапки. Сите најнови податоци покажуваат дека инфлацијата во САД сè уште е на високо ниво, што значи дека американската централна банка ќе мора да продолжи да ги зголемува каматните стапки.
Така, на пазарот на пари процените за каматните стапки на ФЕД се зголемени, па сега се очекува до септември тие да се подигнат на опсег од 5,50 до 5,75 отсто, а сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто. Затоа, оваа недела во фокусот на инвеститорите ќе биде извештајот на претседателот на ФЕД, Џером Пауел, до Конгресот за состојбите во економијата, како и податоците за вработеноста во САД во февруари.
И на валутните пазари падна вредноста на доларот во однос на кошничката на валути по минатонеделниот раст од 0,6 отсто. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 104,45 поени, а во петокот вечерта изнесуваше 104,60 поени.
Во исто време курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 135,85 на 135,60 јени. Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0645 долар, а во петокот вечерта беше 1,0635 долар.
Цените на нафтата повторно паднаа по минатонеделниот пораст за повеќе од 3 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна 0,64 отсто, на 85,28 долари, а на американскиот пазар барелот падна 0,65 отсто, на 79,15 долари.
Берзи
Пад на Волстрит, акциите на индексите губат најголем дел од добивката

На Волстрит берзанските индекси загубија најголем дел од добивката од претходниот ден бидејќи ентузијазмот на инвеститорите за каматните стапки и инфлацијата се намали.
Dow Jones загуби 0,61 отсто, на 33.949 поени, S&P 500 падна за 1,11 отсто, на 4.117 поени, а индексот Nasdaq падна за 1,68 отсто, на 11.910 поени.
Ден претходно овие индекси силно пораснаа откога претседателот на ФЕД, Џером Пауел, изјави дека инфлацијата почнува да се намалува, но дека борбата против рецесијата ќе биде долга и дека каматните стапки би можеле да се зголемат повеќе од очекувањата на пазарот, доколку економските показатели не се во линија со очекувања.
Иако тој не кажа ништо ново, инвеститорите беа охрабрени од тоа што Пауел не беше построг во својата реторика со оглед на неодамна објавениот неочекувано силен извештај за работни места во САД.
Олеснувањето на инфлацијата во последните месеци ги наведе инвеститорите да заклучат дека ФЕД набргу ќе го прекине циклусот на зголемување на каматните стапки, кој трае од март минатата година и дека конечната каматна стапка, т.е. каматната стапка по која ФЕД би го завршил процесот на зголемување на цената на парите, ќе биде помал од 5 проценти.
Циклусот за зголемување на стапката навистина ќе заврши набргу, но стапките, веројатно, ќе се зголемат над 5 проценти и ќе останат на тие нивоа подолго од очекуваното. Ова се најважните пораки испратени од претставници на ФЕД во последните денови и недели.
Вчера, гувернерот на централната банка, Кристофер Валер, рече дека се чини оти инфлацијата дополнително ќе се намали оваа година, но дека борбата на централната банка со цел да ја намали инфлацијата на приближно 2 процента може да потрае некое време, а монетарната политика ќе остане затегната подолго време од очекуваното.
Поради ова, ентузијазмот на инвеститорите стивна, па цените на акциите вчера паднаа, најмногу во технолошкиот сектор.
Не се охрабрувачки ниту кварталните деловни резултати на компаниите. Досега повеќе од половина од компаниите од индексот S&P 500 го објавија својот извештај, од кои повеќето пријавија подобра заработка од очекуваната. Но, аналитичарите анкетирани од „Ројтерс“ процениле дека заработката на компанијата паднала од година на година.
На европските берзи вчера претпазливо се тргуваше. Лондонски FTSE-индекс зајакна за 0,26 отсто, на 7.885 поени, а франкфуртски DAX за 0,60 отсто, на 15.412 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,18 отсто, на 7119 поени.