Берзи
На Волстрит пад на цените, деловните резултати анемични

На Волстрит во вторникот индексите Dow Jones и S&P 500 забележаа пад по низата анемични деловни резултати во извештаите на компаниите, додека индексот Nasdaq порасна благодарејќи на најавите за преземања во биотехнолошкиот сектор.
На европските берзи, пак, во вторникот цените на акциите пораснаа. Така лондонскиот индекс FTSE зајакна за 0,15 отсто, на 7.062 поени, франкфуртскиот DAX порасна 0,40 проценти, на 11.939 поени а парискиот CAC 0,10 отсто, на 5.192 индексни поени.
На Волстрит, пак, во вторникот индексот Dow Jones ослабе за 0,47 отсто, на 17.949 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,15 отсто, на 2.097 поени, а индексот Nasdaq зајакна, пак, 0,39 отсто 5.014 поени.
Индексот Dow Jones се најде под притисокот на послабите отколку што се очекуваше деловни извештаи на неколкуте компании, меѓу кои DuPont, IBM и Travelers. Во DuPont и IBM во првиот квартал од годинава оствариле помали приходи отколку што се проценуваше, бидејќи растот на курсот на доларот ги подјаде нивните приходи од странските пазари. Цената на акцијата на DuPont падна за речиси 3, а на IBM за повеќе од 1 отсто. Акцијата на Тravelersa, пак, поевтини за повеќе од 4 проценти, бидејќи оваа компанија остварила помала добивка отколку што се очекуваше.
Од компаниите коишто досега ги објавија своите деловни извештаи за првото тримесечје од 2015 година, речиси 73 отсто оствариле поголема добивка отколку што се очекуваше, што е над просекот од 70 отсто во претходните четири квартали. Меѓутоа, само 42 отсто од компаниите ги натфрлиле очекувањата за прашањето на приходите, што е под просекот од 58 процени, во претходните четири тримесечја. Тоа покажува дек успевале да ја одржат добивката, но не со зголемување на приходите и проширување на делувањето, туку со намалување на трошоците.
Инвеститорите најмногу ги загрижува, како на деловните резултатите на мултинационалните компании ќе влијае високиот курс на американскиот долар, кој само од почетокот на годинава зајакна за 9 отсто во однос на шесте светски валути најголеми трговски партнери на САД.
Поради високиот курс на доларот и ниската цена на нафтата, аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека заработките на компаниите од составот на S&P 500 индексот, вклучувајќи ги и досега објавените извештаи, во изминатиот квартал паднале за 2,2 отсто во однос на истиот период минатата година.
И додека S&P и Dow Jones во вторникот паднаа, индексот Nasdaq порасна благодарејќи на скокот на цените во биотехнолошкиот сектор за 1,8 отсто, откако израелската фармацевтска компанија Tevа најави преземање на производителот на генерички лекови Mylan. Цената на акциите на оваа компанија скокна повеќе од 8,5 отсто, додека цената на акцијата на Teva поскапе за 1,4 отсто.
Обемот на тргувањата и во вторникот беше под просекот, што укажува на претпазливост на инвеститорите. На американските берзи сопствениците ги заменија 5,9 милијарди акции, додека просечниот дневен обем од почетокот на април изнесува 6,2 милијарди акции./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Берзи
„Волстрит“ падна – ни САД ни Кина не попушта

На Волстрит цените на акциите нагло паднаа, губејќи дел од добивките од претходниот ден, бидејќи царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг не покажува крај.
Индексот Dow Jones падна за 2,50 отсто, на 39.593 поени, додека S&P 500 потона за 3,46 отсто, на 5.268 поени, а индексот Nasdaq за 4,31 отсто, на 16.387 поени.
Така, индексите загубија дел од добивките од претходниот ден, кога S&P 500 скокна за историски 9,5 отсто, а Nasdaq повеќе од 12 отсто.
По големите промени во последниве денови, S&P 500 сè уште е во пад од околу 7 отсто од средината на минатата недела, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни, реципрочни царини за американскиот увоз.
Откако Трамп во средата ја одложи примената на тие царини за 90 дена, многу земји вчера изјавија дека се подготвени да преговараат. Меѓу другите и Европската унија, која ги одложи своите контрамерки против царините на Трамп.
Но, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царинска стапка за увоз на кинески стоки на 145 отсто, 125 отсто реципрочни царини и претходните 20 отсто поврзани со кризата со фентанил.
Кина, пак, од вчера применува царина од 84 отсто за увоз на американски стоки, покрај претходните 20 отсто на одредена група производи и вели дека нема да отстапи.
„Тешко е за инвеститорите да одлучат да купат акции со ваква нестабилност и неизвесност. Тие се загрижени за тарифите бидејќи е тешко да се процени како тоа ќе влијае на економиите“, рече Пол Нолте, аналитичар во Марфи и Силвест.
Затоа инвеститорите вчера не ги охрабрија подобрите од очекуваните податоци за ублажувањето на инфлацијата во САД во март. Се проценува дека инфлацијата најверојатно ќе се зголеми во наредните месеци поради воведувањето царини, додека челниците на американската централна банка велат дека нема да брзаат со намалување на каматните стапки, туку чекаат податоци кои ќе покажат како царините влијаеле на економскиот раст и на инфлацијата.
На европските берзи вчера пораснаа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 3,04 отсто, на 7.913 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 4,53 отсто, на 20.562 поени, а париски CAC зајакна 3,83 отсто, на 7.126 поени.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна

На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите

На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.