Берзи
Пад на цените на нафтата, OPEC го крена производниот плафон
Цената на нафтата падна во петокот на светските берзи откако Организацијата на држави-извознички на нафта (OPEC) неочекувано го крена производниот плафон и покрај прекумерната понуда.
На лондонската берза цената на барелот попладне беше во минус 47 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 43,37 долари. На американскиот пазар со барелот се тргува по 66 центи пониска цена, од 40,44 долари.
И покрај очекувањата дека на денешниот состанок во Виена нема да се менува производната политика, OPEC неочекувано го зголеми производниот плафон од 30 на 31,5 милиони барели, што се толкува како официјално потврда за реалното ниво на производство.
„Општо гледано, се чини дека ништо позначајно не се промени. Производството мора да се намали надвор од OPEC, па вниманието повторно ќе се насочи на американските производители“, толкува Оле Хансен, од Saxo Bank.
Пред една година OPEC донесе историска одлука за задржување на високото ниво на производство и покрај наглиот пад на цената за да стави акцент на пазарниот удел. Целта беше со тоа во прв ред од пазарот да се истиснат американската конкуренција која нафтата ја произведува од шкрилци.
Посиромашните членки на OPEC побараа од побогатите на чело со Саудиска Арабија да се согласи на намалување на снабдувањето, но Ријад и неговите сојузници повторно покажаа решителност да продолжат со стратегијата за заштита на пазарниот удел. Саудискиот министер за нафта Али ал-Наими изјави во пресрет на состанокот дека растечкото глобално производство би можело да го апсорбира очекуваниот скок на иранското производство.
На страната на побарувачката Кина веројатно ќе го удвои откупот на стратешки резервни на сирова нафта во наредната година за да ја искористи ниската цена. Се очекува Пекинг во наредната година да ги зголеми резервите за 70 до 90 милиони барели.
OPEC на својата интернет страна објави дека цената на барел референтна кошничка негова нафта во четвртокот изнесувала 37,89 долари, што е пад за 57 центи во однос на претходниот трговски ден. /крај/мф/ап/
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите
На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.
Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи
Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.