Берзи
Пад на индексите во Европа и на Волстрит под притисокот на цените на нафтата
На водечките европски берзи и на њујоршки Волстрит индексите забележаа пад во петокот, завршувајќи ја трговската седмица по двата дена силен раст, што во прв ред е последица на падот на цената на нафтата, како и на акциите на американските гиганти „Apple“ и „Facebook“.
На европските берзи цените на акциите во петокот го завршија тргувањето со пад. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,03 отсто, на 6.909 поени, додека франкфуртскиот индекс DAX се лизна за 0,44 проценти, на 10.626 поени, а парискиот CAC индекс падна 0,47 отсто, на 4.488 индексни поени.
На Волстрит, пак, индексот Dow Jones падна за 0,71 отсто, на 18.261 поен, додека S&P 500 индексот се лизна за 0,57 проценти, на 2.164 поен, додека индексот Nasdaq загуби 0,63 отсто, на 5.305 индексни поени.
Во девет од единаесетте сектори на S&P 500 индексот цените на акциите во петокот паднаа, а најмногу за 1,3 отсто во енергетскиот сектор.
Тоа е последица од падот на цената на нафтата за 4 отсто на крајот од тргувањето, откако се дозна дека Саудиска Арабија и Иран не постигнале напредок во прелиминарниот договор пред состанокот на најголемите светски производители на нафта следната седмица во Алжир, на кој ќе се разговара за можното замрзнување на производството.
Падот на цената на нафтата е главната причина за прекинот на подемот на цените на акциите, кој во среда го поттикна американската централна банка Federal Reserve (Fed) со одлуката да не ги зголемува клучните каматни стапки.
Значително, и тоа за 1 отсто, во петокот падна и технолошкиот сектор, што е последица на падот на цените на акциите на „Apple“ и на „Facebook“ за повеќе од 1,5 отсто. „Apple“ се најде под притисокот поради загриженоста во врска со продажбата на новиот паметен телефон iPhone 7, додека акцијата на „Facebook“ ја потресе веста дека гледаност на видео огласите на оваа социјална мрежа е преценета.
Поради остриот пад на цените на акциите на овие технолошки гиганти, Nasdaq индексот се лизна на крајот од трговската седмица од рекордните нивоа.
„Сметам дека слабоста на енергетскиот сектор, по двата дена силен раст на акциите, ги наведе инвеститорите да повлечат дел од заработките пред викендот“, вели за Reuters Гери Бредшоу, портфељ менаџер во фондот „Hodges Capital Management“.
Меѓутоа, и покрај петочниот пад, во целата измината седмица Dow Jones порасна за 0,8 отсто, додека индексите S&P 500 и Nasdaq зајакнаа за 1,2 отсто./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите
На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.
Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи
Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.