Економија
Ќе се градат 30 комерцијални градби долж автопатите, магистралните и регионални патишта
Владата на Република Македонија започна со реализација на проектот за изградба на 30 комерцијални инфраструктурни градби на автопатите, магистралните и регионални патишта.
Овој проект е дел од програмата на Владата и предвидува во следниот 4 годишен период да се воспостават нови придружни содржини на патните делници од типот на бензински пумпи, мотели и слично, кои се во функција на зголемување на квалитетот и на транспортот, но и на економскиот развој.
„Во првата фаза се утврдени девет можни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти и тоа долж следните автопати кои се во градба: Автопат Кичево – Охрид (L=57km) – две погодни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти, една локација во близина на Мешеишта и една во близина на Сливово; автопат Демир Капија – Смоквица (должина од 28,2km) – три погодни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти, две локации во близина на Миравци и една во близина на Милетково и автопат Миладиновци – Штип (L=47km) – четири погодни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти, по една локација во близина на Пеширово, Сопот и две во близина на Свети Николе“, информираше во четврток на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој појасни дека во втората фаза на реализација на овој проект, како што ќе напредува и изградбата на самите автопати, ќе биде извршен дополнителен увид на лице место при што ќе се утврди дали постојат услови за урбанизација на дополнителни локации.
„По изработката на комплетната документација, во соработка со општините овие локации ќе бидат понудени на продажба по пат на електронско јавно надавање, при што за дел од овие локации оваа постапка се чини веројатно дека ќе биде реализирана до крајот на оваа или почетокот на следната година“, рече Ѓорѓиев.
Според него, со овој проект се остваруваат поголем број на корисни цели.
„ Се дава дополнителна вредност и квалитет на системот на транспорт, односно сообраќајот, се придонесува и за овозможување на нови услови за бизнис заедницата за работа, а се поттикнува и се дава поддршка на локалниот економски развој“, нагласи владиниот портпарол. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

