Економија
Кина воведе данок за луксузните автомобили
Во Кина е воведен дополнителен данок од 10 отсто за луксузните автомобили со цена над 1,3 милиони јуани ( 189.000 долари ).
Оваа мерка ќе влијае на автомобилите од полуксузнте марки како: Ferarri, Bentley, Aston Martin, Rolls Royce и други. Владата во Кина оваа мерка ја објаснуваат како акција против демострацијата на богатство, што веќе е со зголемено темпо.
Кина е еден од најголемите пазари за производителите на луксузни автомобили. Од министерство за финансии во Кина велат дека оваа мерка ја воведуваат со цел да се одреди насоката кон рационалната потрошувачка и стимулирање на намалувањето на штетните емисии гасови што ги испуштаат автомобилите.
ВладејачкатаКомунистичка партија воведе и нови правила и ограничувања за претставниците на оваа политичка партија, за укинување на раскошот од нивна страна со цел да се одржуваат одредени стандарди./крај/мф/вп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на Народната банка: СЕПА ќе донесе заштеда од 16 милиони евра годишно за иселениците и за нивните семејства
По пристапувањето во Единствената област за плаќање со евра (СЕПА), прекуграничните плаќања ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди, додека во моментов тоа трае три дена, во просек и граѓаните од регионот на Западен Балкан имаат повисоки трошоци за шестпати, во просек, за прекуграничните плаќања од граѓаните во ЕУ. Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“. Таа изрази благодарност до високиот гостин, Масимилијано Паолучи, директорот на Светската банка во земјава и неговиот тим, кои посветено ги поддржуваат напорите на централната банка во трансформацијата на платежната инфраструктура, поставувајќи ги основите во финансиската сфера на патот кон ЕУ.
„Економските врски на нашата земја со членките на СЕПА се силни и постојано растат. Над две третини од нашата надворешна трговија се врши со земјите од СЕПА, што е еквивалентно на 101% од нашиот БДП. Покрај тоа, 87% од нашите вкупни одливи и 77% од вкупните приливи се извршуваат во евра. Со пристапувањето кон СЕПА ќе ги поедноставиме и ќе ги намалиме трошоците за овие плаќања, обезбедувајќи значителни придобивки за нашата економија и зајакнување на нашите врски со Европа“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што порача дека напорите на централната банка резултираа со поднесено барање за пристапување во СЕПА, на 10 јули годинава.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна и дека „поевтиниот, побрз и поефикасен платен систем ќе придонесе за поголема конкурентност на нашиот корпоративен сектор и негова понатамошна интеграција во ЕУ, особено на микро-, малите и средните претпријатија, коишто се столбот на нашата економија и вработуваат околу 75% од сите вработени и создаваат околу 70% од додадената вредност“. Таа нагласи дека нашиот финансиски систем значително се трансформира и ги зајакнува своите капацитети за обезбедување подобра услуга за домаќинствата и компаниите, што се гледа преку постојаното зголемување на финансиското посредување коешто достигнува 89% од БДП.
На работилницата беше истакнато дека придобивките од модернизацијата на плаќањата ќе бидат особено значајни и во делот на дознаките, коишто пристигнуваат преку банкарските канали, како и намалувањето на сивата економија.
„Со оглед на фактот што приливот од дознаки сочинува 3,1 отсто од БДП, намалувањето на трошоците од 3 отсто за трансакциите со дознаки ќе придонесе за годишна заштеда од 16 милиони евра за иселениците и нивните семејства. Студиите на Светската банка покажуваат дека со префрлување на 10 отсто од плаќањата извршени во готовина во дигитални плаќања може да се намали сивата економија за приближно 2 отсто“, истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за земјава и за Косово.
„Со приклучувањето на земјава кон СЕПА не само што ќе се намалат трошоците за трансакции во евра, туку ќе се обезбедат подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции, преку подобрено управување со готовинскиот тек, зајакнат пристап до пазарите во ЕУ, како и подобри односи со деловните партнери, овозможено преку побрзо порамнување на плаќањата“, оцени вицегувернерката Емилија Нацевска, обединувајќи ги заклучоците од дискусиите на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“, при што истакна дека целта на Народната банка е да ги трансформира идеите и стратегиите за коишто се разговара во конкретни акции за натамошна модернизација на платежните системи, усогласувајќи ги со стандардите на ЕУ и обезбедувајќи поинтегрирана иднина за нашата економија.
Работилницата којашто се организира на иницијатива на Народната банка и Светската банка во рамките на проектот за модернизација на плаќањата на Западен Балкан, беше поддржана и од Европската комисија, како и Регионалниот совет за соработка, Секретаријатот на ЦЕФТА, Европската централна банка и од Европскиот совет за плаќања.
Економија
ТАВ Аеродроми: Подготвуваме мастер-план за развој на скопскиот и охридскиот аеродром
ТАВ Аеродроми, меѓународната групација со седиште во Истанбул, најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми.
Мастер-планот, кој интензивно се подготвува со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, француски АДП, се очекува да биде готов во следните два месеци и до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, ќе ѝ го презентира планот на македонската влада.
„Токму во насока на раст и развој на двата македонски аеродрома е мастер-планот кој во моментов го подготвуваме со помош на нашиот мнозински сопственик АДП. Целта е дополнително да ја развиеме авиоиндустријата во Македонија. Анализите ќе покажат што сè е потребно да се направи на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а потоа истиот ќе ѝ го презентираме на Владата. Нашата цел е да ги направиме скопскиот и охридскиот аеродром регионални авијациски центри, конкуретни на останатите аеродроми во регионот“, изјави Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија.
Во првите осум месеци годинава ТАВ Аеродроми опслужи 2,1 милион патници (2.128.981) на двата македонски аеродрома, што е 4% зголемување во однос на лани и 17.196 лета што е за 12% повеќе од истиот период во 2023 година.
Економија
Трипуновски: Со најавените една милијарда денари субвенции опфатени се сите категории на земјоделци
Денеска во општина Битола, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од медиумите беше запрашан за најавените 1 милијарда денари субвенции на што точно ќе се однесуваат.
„Тие средства кои што ги обезбедивме со ребалансот ќе бидат наменети за сите категории на земјоделски производители кои што се со соодветни апликации во Министерството. Тука се опфатени сите сточари, овоштари, лозаропроизводители и градинари“, истакна Трипуновски.
Нагласи дека на страната на земјоделците секогаш ќе биде министерството и владата кои ќе работат во решавање на нивните проблеми и маки.
„Опфатени се сите оние кои што во минатото требало, но не ги имаат земено субвенциите. Со ова сакаме да покажеме дека премиерот пред се, Владата сме цврсто решени навистина земјоделците да почувствуваат дека имаат вистински партнер од другата страна кој што ќе ги слушне и нивните маки, но и ќе работи и на решавање на нивните проблеми. И исто така ќе се гради еден добар однос кој што ќе значи Македонија да биде повторно земјоделска држава“, заклучи Трипуновски.