Компании
„Дрекслмајер“ донираше гастроскоп за болницата во Кавадарци
„Дрекслмајер“ ја поддржа кавадаречката болница донирајќи најсовремен медицински апарат гастроскоп за преглед на горниот внатрешно дигестивен тракт.
Околу стотина пациенти месечно од регионот на Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман отсега нема да има потреба да се упатуваат на Клиниката за Гастроентерохепатологија во Скопје.
Иако во болницата веќе имаше специјализиран и обучен медицински персонал за вршење на овој тип на прегледи, недостигала медицинска опрема за да можат пациентите соодветно да бидат третирани. Гастроскопот е веќе ставен во функција и
успешно започнаа да се реализираат закажаните прегледи.
„Веќе неколку месеци во одделението за интерна медицина вршиме прегледи со новата
апаратура. Пациентите се информирани дека можат да закажат термин за преглед и на овој начин не само што имаме можност за рано дијагностицирање, туку и работиме на
зголемување на свеста кај нашите сограѓани за важноста од превенција на болестите на
внатрешниот дигестивен тракт“, истакна д-р Еленчо Ридов началник на Интерното
одделение.
„Благодарение на компанијата „Дрекслмајер“ нашата болница е опремена со медицински апарат којшто ни беше многу потребен за вршење на прегледи во интерното одделение. Имаме обучен персонал, одлична опрема и затоа ми е особено драго што пациентите ја имаат можноста овде да закажат преглед и веќе нема потреба да се упатуваат на клиниката во Скопје“, рече д-р Орце Ангеловски, директор на Јавната здравствена установа Општа болница Кавадарци.
„Во „Дрекслмајер“ луѓето се секогаш во центарот на вниманието. Затоа компанијата и
понатаму останува партнер на регионот и во иднина ќе поддржува најразлични проекти кои се од суштинско значење и заеднички интерес на сите“, Лукас Мирингер технички директор на „Дрекслмајер“ Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Штедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
Резолуција што носи сигурност
Почетокот на годината е период кога многумина прават пресек на досегашните финансиски навики и размислуваат за начини како да внесат поголема стабилност и поголема контрола во секојдневието. Во таков контекст, вниманието сè почесто се насочува кон долгорочно планирање и одговорно управување со личните средства. Меѓу најчестите и најразумни одлуки е штедењето, бидејќи овозможува финансиска сигурност и подобра организација на буџетот на подолг рок. За да прерасне во навика со реални резултати, потребен е јасен план и решение на кое може да се потпрете.
Јасна рамка за стабилен почеток
Кога условите се однапред познати, штедењето станува едноставно и без грижи. Токму во таков контекст, Халкбанк го нуди Промо депозитот како сигурен почеток на финансиската резолуција за 2026 година. Со рок на орочување од 13 месеци и фиксни каматни стапки oд 3,00% за МКД, 2,00% за ЕУР и 2,00% за УСД овој депозит создава стабилна временска рамка што овозможува планирање со јасна насока.
Фиксна камата и јасен принос
Промо депозитот се темели на фиксна каматна стапка, која обезбедува целосна предвидливост на приносот а каматата се исплаќа на крајот од периодот на орочување.
Мал чекор денес, стабилност утре
Додека годината се заокружува, а празничните денови нè потсетуваат на важноста на сигурноста и грижата за иднината, штедењето добива поинакво значење. Тоа станува вредна одлука – подарок што си го даваме сами на себе. Со Промо депозитот на Халкбанк, новата година не започнува само со желби, туку со конкретен чекор што носи стабилност, доверба и чувство на сигурен почеток.
Промо депозитот е достапен во филијалите и експозитурите на Халкбанк, каде клиентите можат да добијат дополнителни информации и професионален совет.
(ПР)
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.

