Компании
ЕЛЕМ: СДСМ манипулира со податоците за производството и увозот на електрична енергија
СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста со тези и податоци за производството на електрична енергија, конзумот и увозот кои немаат врска со реалноста, заради ситни дневнополитички поени и ги извртуваат информациите искажани на денешната прес-конференција на АД ЕЛЕМ за електро-енергетските состојби во Македонија во екстремни временски услови, стои во реакцијата на АД ЕЛЕМ на соопштението на СДСМ од неделата.
Претходно СДСМ презентираше документација за којашто тврди дека покажува оти струја се увезувала веќе три дена, а не само четири часа како што тврди директорот на ЕЛЕМ, и тоа по прескапа цена, соопштија во неделата од СДСМ објавувајќи документи кои според нив ги покажуваат набавките на АД ЕЛЕМ. Според документите струја, ЕЛЕМ барала интервентен увоз на струја не само за самотата, туку и за неделата и за во понеделни, СДСМ тврди дека цената за увоз е скапа и повисока за околу 30 отсто од вообичаеното.
Според компанијата, пак, неосновани се обвинувањата од СДСМ дека АД ЕЛЕМ објавила дека цената на набавената електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи изнесува 40 евра за мегаватчас.
„Напротив, на денешната прес-конференција, АД ЕЛЕМ детално информираше по која цена е набавената електрична енергија, периодот за кој е набавена, како и за постапката која е спроведена согласно сите востановени пазарни правила, утврдени од Регулаторната комисија за енергетика. Впрочем, цените, количините и периодот за набавка уште во текот на вчерашниот ден транспарентно се објавени на веб страната на АД ЕЛЕМ“, се наведува во одговорот на државната компанија.
Потсетуваат дека со Одлука на менаџментот на АД ЕЛЕМ во ноември и декември минатата година, не само што немало увоз, туку била реализирана продажба на вишоци на електрична енергија по повисоки цени, а со додадената вредност што била остварена се набавува електрична енергија во период со екстремни временски услови кога и побарувачката и потрошувачката на електрична енергија во Европа е на највисоко ниво.
„Повторуваме дека станува збор за набавка на електрична енергија по поволна цена, со оглед на фактот што поради екстремните временски услови и проблемите со производните капацитети со кои се соочуваат многу земји од југоисточна Европа, други енергетски системи во регионот набавуваат електрична енергија и по цени од 100 евра за мегаватчас“, се наведува во соопштението.
Воедно, се нагласува дека не станува збор за интервентен увоз, туку за набавка спроведена согласно сите правила и процедури донесени од Регулаторната комисија за енергетика.
Исто така, се отфрла и тезата на СДСМ дека јавноста не била информирана за исклучувањето на ТЕ Битола 3 од електроенергетскиот систем и се наведувајќи дека АД ЕЛЕМ информирал во детали оти станува збор за техничко-технолошки настан, кој е својствен за четиридецениското постоење на РЕК Битола, а не за дефект од поголеми размери.
Ова, е, се посочува, прв застој на ТЕ Битола 3 по речиси половина година со оглед дека овој капацитет во континуитет испорачува електрична енергија од август минатата година, појаснуваат од АД ЕЛЕМ и информираат дека се прават напори до крајот на денот, блокот да биде целосно оспособен и до раните утрински часови да биде синхронизиран во електроенергетскиот систем./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)

