Компании
ТАВ Македонија: Крстевски назначен за член на бордот, Ерсој е новиот генерален директор
ТАВ Аеродроми, од 1-ви јануари 2017-та година, го назначи Зоран Крстевски како член на бордот на директори на ТАВ Македонија, додека Алп Ер Тунга Ерсој е назначен за нов генерален директор на компанијата која управува со двата македонски аеродроми – скопскиот Александар Велики и охридскиот Свети Апостол Павле.
„Како истакнат професионалец во областа на авијацијата, со неговото долгогодишно искуство во различни авијациски институции, Зоран Крстевски е назначен за член на Бордот на директори на ТАВ Македонија, каде што сме сигурни дека со неговата позиција ќе даде одличен придонес за проектите и новите потфати на ТАВ Аеродроми во регионот. Во исто време, Алп Ер Тунга Ерсој, е назначен за нов генерален директор на ТАВ Македонија, со очекување дека ќе продолжи да ја води компанијата кон нејзин натамошен успех, развивајќи ги македонските аеродроми, како што менаџерскиот тим на ТАВ Македонија и правеше во последните 7 години“, соопштија од ТАВ Аеродроми од Истанбул.
Холдингот ја изрази својата благодарност до менаџерите за постигнатиот успех досега и им посака натамошен успех на нивните нови позиции.
„Би сакал да им се заблагодарам на ТАВ Аеородроми за довербата која ми ја дадоа од нивното влегување на македонскиот пазар, како генерален директор да ја водам компанијата која што во последните шест години успеа да ги развие македонските аеродроми зголемувајќи го бројот на авиолинии од скопскиот аеродром за три пати и зголемувајќи го бројот на патници за повеќе од два пати од 2010 година. Од блиската соработка која што ја имавме во изминативе години, убеден сум дека мојот колега Ерсој ќе продолжи да го развива бизнисот во Македонија, придонесувајќи за општ развој на авиосообраќајот, користејќи го ценетото знаење на ТАВ Аеродроми од областа на аеродромските операции“, изјави Зоран Крстевски, член на бордот на директори на ТАВ Македонија.
Алп Ер Тунга Ерсој, од влегувањето на ТАВ Аеродроми на македонскиот пазар досега беше заменик-генерален директор на ТАВ Македонија. Ерсој има над 17 годишно искуство во авијацијата, а во ТАВ Аеродроми работи од 1999, на повеќе различни позиции – како дежурен службеник на терминалот, а потоа и дежурен менаџер на терминалот на аеродромот Ататурк во Истанбул, позиции на кои е до 2005 година; потоа станал дел од тимот на меѓународниот проект на ТАВ Аеродроми во Грузија, работејќи на позициите – менаџер на аеродромот во Тбилиси, а потоа и заменик генерален директор на меѓународниот аеродром Тбилиси, до 2008 година. Од септември 2008 година, досега, беше заменик-генерален директор за операции на ТАВ Македонија.
„Би сакал да се заблагодарам на ТАВ Аеродроми за новата позиција на генерален директор на ТАВ Македонија и на Зоран Крстевски за неговиот ценет менаџерски придонес во развојот на македонските аеродроми што го постигнавме досега. Соработувавме многу блиску и ќе продолжима да соработуваме многу блиску и во иднина, имајќи ја предвид неговата нова позиција и нашата визија да ги направиме македонските аеродроми главни центри за авиосообраќај во регионот, обезбедувајќи разновидни услуги, привлечни не само за македонските граѓани туку и за патниците од соседните земји“. вели Алп Ер Тунга Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
ТАВ Македонија ги заврши првите 11 месеци од 2016 година со 16 отсто пораст на бројот на патниците, достигнувајќи вкупно 1.661.010 патници. Во истиот период, од јануари до ноември, бројот на летови се зголеми за 10 проценти.
Во 2016, третпат изминативе пет години, скопскиот аеродром ја доби наградата ASQ (Airport Service Quality) од организацијата ACI (Airports Council International), односно беше прогласен за најдобар аеродром во Европа, во поглед на квалитетот на аеродромските услуги, во категоријата на аеродроми под два милиони патници. Како награда што е резултат на независните истражувања што ACI ги прави на аеродромите низ целиот свет мерејќи го задоволството на патниците во различни категории, ова признание од ACI е навистина значаен доказ дека во последните седум години ТАВ Македонија успеа да ги подобри услугите што се нудат во терминалната зграда на аеродромот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
“Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати, благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
· Оперативната добивка на SEAT S.A. достигна рекордни 625 милиони евра, повратот од продажба достигна 4,4%, а прометот за минатата година се зголеми на 14,3 милијарди евра
· Нова инвестиција во брендот SEAT се новите освежувања на Ibiza и Arona, како и подобрувањето на Leon и Ateca
· Во 2024 година е планирано лансирањето на CUPRA Tavascan и CUPRA Terramar
SEAT S.A. ги претстави своите резултати за 2023 година заедно со својата стратегија за претстојните години. Минатата година, според Меѓународните сметководствени правила (МСФИ), оперативната добивка достигна рекордни 625 милиони евра, зголемувајќи се за 592 милиони евра (2022: 33 милиони евра). Ова претставува подобрување на повратот на продажбата од 4,1 процентен поен, од 0,3% на позитивни 4,4%. Годишниот промет исто така достигна историски 14,333 милијарди евра, 31,0% повеќе од 2022 година (10,941 милијарди). Овие резултати ја потврдуваат силата на компанијата и успехот на нејзината постојана стратегија за трансформација.
„Зад себе оставаме година во која SEAT S.A. ги објави најдобрите финансиски резултати во својата 73-годишна историја, осигурувајќи се дека нашата компанија продолжува на својот пат кон попрофитабилна иднина“, рече Вејн Грифитс, извршен директор на SEAT и CUPRA. „2023 година беше година на огромни контрасти за автомобилската индустрија, како и за нашата компанија, бидејќи продолживме да се движиме низ морето на несигурност додека ја претрпевме најголемата трансформација во нашата историја“.
„Во 2023 година, SEAT S.A. направи голем чекор на своето патување на трансформација: имавме за цел да направиме значително подобрување и тоа е она што успеавме да го направиме. Постигнавме рекорди на сите времиња во промет, оперативна добивка и оперативен готовински тек. Ова совршено ги одразува позитивните ефекти од растот на обемот на марката CUPRA и обновувањето на обемот на марката SEAT, како и важноста на напредокот што го постигнавме со нашата програма за подобрување на перформансите“, рече Дејвид Пауелс, потпретседател за финансии и ИТ во SEAT. С.А.
ИНВЕСТИЦИИ ВО БРЕНДОТ НА SEAT
Гледајќи во иднината, SEAT S.A. ја има поставено вистинската стратегија за да го одржи профитабилниот раст на компанијата. Брендот SEAT ќе игра клучна улога во ова и компанијата ќе лансира подобрени plug-in хибридни и штедливи автомобили на SEAT.
Arona и Ibiza ќе добијат подобрување во 2025 година, а во следните месеци, марката ќе лансира нова и подобрена верзија на SEAT Leon, со технички и технолошки надградби. Понатаму, Ateca ќе биде подобрен и неговиот животен циклус ќе се продолжи.
„Го враќаме брендот SEAT таму каде што припаѓа, продолжувајќи го двоцифрениот раст од минатата година со нови инвестиции во брендот и неговите модели. Исто така, разгледуваме што можеме да испорачаме во електричниот свет под брендот SEAT. Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“, додаде Вејн Грифитс.
(ПР)
Економија
„Зегин онлајн“ е најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина за 2023 година
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија вчеравечер се одржа Ecommerce Awards, избор на најдобрите во македонската е-трговија.
Компанијата Зегин со е-продавницата www.zegin.com.mk беше номинирана во неколку категории, а го освои првото место во категоријата „Најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина“, што претставува уште една потврда дека квалитетот, професионалноста, вложениот труд и љубов секогаш резултираат со успех.
Изборот на најдобрите е-трговци има за цел да ги препознае и награди најдобрите со што ќе придонесе за мотивација и охрабрување за уште подобра работа, да ја крене свеста за потенцијалот и да ја промовира е-трговијата, како и да ја зајакне конкурентноста и да охрабри унапредување на работењето кај постојните и идни е-трговци.
„Оваа награда, трета по ред претстаува уште еден доказ за успешноста на работењето на онлајн продавницата на Зегин- www.zegin.com.mk и е одлична мотивација за уште попосветена работа, поквалитетна понуда, како и позадоволни купувачи во иднина. Ви благодариме за лојалноста и довербата!“, велат од компанијата за наградата.
Манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – E-commerce Awards, се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци.
(ПР)
Економија
Тековните предизвици и можности на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми во фокусот на регионалната конференција за вино
Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари за подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само некои од прашањата за кои се имаше дискусија на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги и ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап користејќи ги искуствата на развиените земји, кои поминале низ оваа трансформација и може да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино, кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите во светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Во рамките на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои реномирани експерти од Универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер говореа за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни нишки во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер, го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.
За најновите движења во интрарегионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан говореше и извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.