Компании
„Аустриан ерлајнс“ одбележа 20 години од првиот лет Виена – Скопје
Со церемонијален воден мост за леталото и чоколадни „Моцарт-кугли“ за патниците, „Аустриан“ и „ТАВ“ ги прославија двете децении од 31 март 1996 година, кога авиопревозникот го реализира првиот лет меѓу главните градови на Австрија и на Македонија
Авиокомпанијата „Аустриан ерлајнс“ и операторот на македонските аеродроми „ТАВ“, во четврток, на аеродромот во Скопје „Александар Велики“ ја одбележаа 20-годишнината од првиот лет Скопје-Виена. Со церемонијален воден мост за леталото и чоколадни „Моцарт-кугли“ за патниците, беа прославени двете децении од 31 март 1996 година, кога авиопревозникот го реализира првиот лет меѓу главните градови на Австрија и на Македонија. Компанијата денес опслужува до два лета дневно меѓу престолнините, кои за патниците од Македонија се порта кон Западна Европа, Северна Америка и Азија. „Отсекогаш сме имале многу посебна врска со Македонија поврзувајќи го вашиот главен град со нашиот во Австрија, со што обезбедуваме сигурна конекција меѓу двете земји и превезуваме голем број патници меѓу двата града – без оглед дали патуваат за бизнис или за одмор и за рекреација. Во 2015 година со нашите летови превезовме повеќе од 97.000 патници. Околу 200 македонски компании се членки на нашата корпоративна програма што уште еднаш покажува колку нашите летови ги поддржуваат бизнис-релациите со Македонија“, рече Александер Толвет, регионален директор на „Аустриан ерлајнс“. Изминатите 20 години, „Аустријан ерлајнс“ е сигурен партнер на корисниците кои патуваат за бизнис или за релаксација од и кон Скопје преку виенскиот аеродром. Со своите летови од македонската метропола и со летовите кон останатите дестинации во својата мрежа, компанијата преку виенскиот аеродром нуди идеални врски со околу 130 дестинации во 58 земји во светот. 2Денеска одбележуваме голем јубилеј, 20 години од првиот лет Скопје-Виена. Да се одржи некој лет континуирано толку време и постојано да има голем интерес за него, доволно зборува за неговата атрактивност, но и за квалитетот на услугите што ги нуди компанијата „Аустриан ерлајнс“. „ТАВ“ во оваа компанија гледа сигурен партнер, кој точно, навремено и безбедно ги превезува патниците од Скопје кон европските дестинации. Истовремено, преку виенскиот аеродром им овозможува директна врска и со другите континенти. Искрено се надевам дека ова партнерство ќе трае уште долги години и заедно ќе прославиме уште поголеми јубилеи“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ МАкедонија“. Покрај одличните авионски врски, патниците на „Аустриан ерлајнс“ ги уживаат и придобивките од сигурноста на летовите со оваа авиокомпанија: во првиот квартал од 2016 година, превозникот реализира 28.909 летови со 76 авиони, или просечно по 318 летови на ден. Редовноста во реализирањето на летовите изнесува 98,7 отсто, додека точноста на времето на полетување беше 90,5 отсто. Според FlightStats, „Аустриан“ е второрангирана авиокомпанија во светот според навременоста на пристигнувањата, која во март беше 90,3 отсто. „Многу сме среќни што „Аустриан ерлајнс“ расте и постојано воведува нови дестинации: неодамна ја отворивме линијата до Шангај, од септември ќе почнеме да летаме до Хонг Конг, а со зимскиот распоред на летање ќе воведеме летови и до Хавана. Во моментов ја очекуваме новата флота авиони од производителот „Ембраер“ што гарантира извонредни нови услуги. Дел од нив ќе летаат од и кон Скопје, што е многу добра вест“, вели Толвет. Со својата работа, „Аустриан“ придонесува и за позитивните резултати во авиосообраќајот во земјава. „ТАВ Македонија“ ја заврши 2015 година со 22 проценти пораст на вкупниот број патници на двата македонски аеродроми – скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11отсто, достигнувајќи 15.510. Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите четири месеци од 2016 преку двата македонски аеродроми се превезени 486.968 патници, што е пораст од 28 отсто споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
“Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати, благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
· Оперативната добивка на SEAT S.A. достигна рекордни 625 милиони евра, повратот од продажба достигна 4,4%, а прометот за минатата година се зголеми на 14,3 милијарди евра
· Нова инвестиција во брендот SEAT се новите освежувања на Ibiza и Arona, како и подобрувањето на Leon и Ateca
· Во 2024 година е планирано лансирањето на CUPRA Tavascan и CUPRA Terramar
SEAT S.A. ги претстави своите резултати за 2023 година заедно со својата стратегија за претстојните години. Минатата година, според Меѓународните сметководствени правила (МСФИ), оперативната добивка достигна рекордни 625 милиони евра, зголемувајќи се за 592 милиони евра (2022: 33 милиони евра). Ова претставува подобрување на повратот на продажбата од 4,1 процентен поен, од 0,3% на позитивни 4,4%. Годишниот промет исто така достигна историски 14,333 милијарди евра, 31,0% повеќе од 2022 година (10,941 милијарди). Овие резултати ја потврдуваат силата на компанијата и успехот на нејзината постојана стратегија за трансформација.
„Зад себе оставаме година во која SEAT S.A. ги објави најдобрите финансиски резултати во својата 73-годишна историја, осигурувајќи се дека нашата компанија продолжува на својот пат кон попрофитабилна иднина“, рече Вејн Грифитс, извршен директор на SEAT и CUPRA. „2023 година беше година на огромни контрасти за автомобилската индустрија, како и за нашата компанија, бидејќи продолживме да се движиме низ морето на несигурност додека ја претрпевме најголемата трансформација во нашата историја“.
„Во 2023 година, SEAT S.A. направи голем чекор на своето патување на трансформација: имавме за цел да направиме значително подобрување и тоа е она што успеавме да го направиме. Постигнавме рекорди на сите времиња во промет, оперативна добивка и оперативен готовински тек. Ова совршено ги одразува позитивните ефекти од растот на обемот на марката CUPRA и обновувањето на обемот на марката SEAT, како и важноста на напредокот што го постигнавме со нашата програма за подобрување на перформансите“, рече Дејвид Пауелс, потпретседател за финансии и ИТ во SEAT. С.А.
ИНВЕСТИЦИИ ВО БРЕНДОТ НА SEAT
Гледајќи во иднината, SEAT S.A. ја има поставено вистинската стратегија за да го одржи профитабилниот раст на компанијата. Брендот SEAT ќе игра клучна улога во ова и компанијата ќе лансира подобрени plug-in хибридни и штедливи автомобили на SEAT.
Arona и Ibiza ќе добијат подобрување во 2025 година, а во следните месеци, марката ќе лансира нова и подобрена верзија на SEAT Leon, со технички и технолошки надградби. Понатаму, Ateca ќе биде подобрен и неговиот животен циклус ќе се продолжи.
„Го враќаме брендот SEAT таму каде што припаѓа, продолжувајќи го двоцифрениот раст од минатата година со нови инвестиции во брендот и неговите модели. Исто така, разгледуваме што можеме да испорачаме во електричниот свет под брендот SEAT. Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“, додаде Вејн Грифитс.
(ПР)
Економија
„Зегин онлајн“ е најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина за 2023 година
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија вчеравечер се одржа Ecommerce Awards, избор на најдобрите во македонската е-трговија.
Компанијата Зегин со е-продавницата www.zegin.com.mk беше номинирана во неколку категории, а го освои првото место во категоријата „Најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина“, што претставува уште една потврда дека квалитетот, професионалноста, вложениот труд и љубов секогаш резултираат со успех.
Изборот на најдобрите е-трговци има за цел да ги препознае и награди најдобрите со што ќе придонесе за мотивација и охрабрување за уште подобра работа, да ја крене свеста за потенцијалот и да ја промовира е-трговијата, како и да ја зајакне конкурентноста и да охрабри унапредување на работењето кај постојните и идни е-трговци.
„Оваа награда, трета по ред претстаува уште еден доказ за успешноста на работењето на онлајн продавницата на Зегин- www.zegin.com.mk и е одлична мотивација за уште попосветена работа, поквалитетна понуда, како и позадоволни купувачи во иднина. Ви благодариме за лојалноста и довербата!“, велат од компанијата за наградата.
Манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – E-commerce Awards, се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци.
(ПР)
Економија
Тековните предизвици и можности на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми во фокусот на регионалната конференција за вино
Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари за подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само некои од прашањата за кои се имаше дискусија на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги и ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап користејќи ги искуствата на развиените земји, кои поминале низ оваа трансформација и може да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино, кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите во светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Во рамките на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои реномирани експерти од Универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер говореа за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни нишки во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер, го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.
За најновите движења во интрарегионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан говореше и извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.