Компании
Групацијата Триглав ја задржа цврстата позиција во југоисточна Европа
Групацијата Триглав со своето добро работење во 2014 година уште повеќе го подигна нивото на финансиска стабилност, ја зајакна водечката позиција во Словенија и ја задржа цврстата позиција во југоисточна Европа.
Показатели на успешното работење во основната дејност се добриот комбиниран количник (96,3 %) и профитабилноста на капиталот од 13,4 %. Чистата добивка на групацијата изнесуваше 85,7 милиони евра, што е за 23 % повеќе отколку во 2013 година, а бруто полисираната консолидирана премија од осигурување се намали за 1 %, на 888,2 милиони евра.
Триглав Осигурување, Скопје, како дел од Групацијата Триглав, во 2014 година ја зајакна својата водечка позиција на македонскиот пазар на осигурување (пазарен удел од 17 %). Компанијата во 2014 година обезбеди раст на бруто полисираната премија од 6%, споредено со 2013 година.
Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на вчерашната седница ги потврди годишните извештаи на матичното друштво и на групацијата Триглав за 2014 година и работењето на групацијата го оцени како успешно.
Надзорниот одбор и Управата на Заваровалница Триглав на истата седница формулираа предлог, на акционерите на Заваровалница Триглав да се исплати дивиденда во висина од 2,5 евра бруто по акција. Според наведениот предлог, за дивиденда би се намениле 67% од нето добивката на групацијата Триглав (сопственик на доминантното друштво) за 2014 година.
Групацијата Триглав, како една од водечките осигурително-финансиски институции во југоисточна Европа, минатата година успешно ја играше главната улога на пазарите во Словенија, Македонија и Црна Гора. Во Словенија го подобри својот пазарен удел за 0,3 процентни поени, постигнувајќи удел од 36,1 %. Во Црна гора нејзиниот пазарен удел изнесуваше 38,2 %.
Во Македонија, каде што групацијата работи во доменот на неживотно осигурување, пазарниот удел во овој сегмент се зголеми за 0,24 процентни поени и постигна удел од 17 %. Групацијата најмногу ја подобри својата положба во Србија и тоа за 0,7 процентни поени, а на крајот на третото тромесечје на 2014 година нејзиниот пазарен удел изнесуваше 3,7 %.
Ист удел во пазарот имаше и во Хрватска, додека пак во Босна и Херцеговина достигна пазарен удел од 7,6 %. Во Чешка, каде што зависното друштво на групацијата е во постапка на продажба, пазарниот удел во доменот на неживотно осигурување изнесуваше 0,9 %.
На повеќето осигурителни пазари каде што Групацијата Триглав работи, со исклучок на слаби позитивни сигнали, не дојде до значително подобрување на бизнис климата. Повеќегодишната економска и финансиска криза влијаеше на куповните навики и на стопанството. Поради тоа, се намалија квалитетот и нивото на осигуреност во резидентниот и во корпоративниот сегмент, дури и на добро разиениот словенечки пазар, каде што групацијата во 2014 година обезбеди 82,6 % консолидирана осигурителна премија.
Полисираната консолидирана премија од осигурување на групацијата во 2014 година изнесуваше 888,2 милиони евра, што е за 1 % помалку од претходната година.
На словенечкиот пазар групацијата забележа намалување од 1 % на полисираната осигурителна премија, којашто на крајот на претходната година изнесуваше 700 милиони евра, при што Заваровалница Триглав имаше обезбедено два проценти помалку премија, а Здравствена заваровалница Триглав пораст од 3%.
Пораст на премијата Групацијата постигна и на пазарите во Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Намалување беше забележано во Хрватска, Црна Гора и во Чешка.
Групацијата Триглав во основната дејност работеше добро, за што показател е комбинираниот количник за неживотно осигурување, во вредност од 96,3 %. Групацијата, со чиста добивка од 85,7 милиони евра постигна профитабилност на капиталот од 13,4 % и чистиот деловен резултат од минатата година го подобри за 23 %. На работењето на групацијата најмногу влијаеа два фактора: се уште тешката бизнис клима на повеќето пазари на осигурување на групацијата и извонредно поволните односи на капиталните пазари.
Финансиската стабилност и доброто работење на групацијата Триглав во 2014 година се потврдија со високите бонитетни оценки „А-„ на рејтинг агенциите Standard & Poor’s и A.M. Best. Рејтинг оценката на Standard & Poor’s има стабилна среднорочна прогноза, додека пак A.M. Best ја подобри среднорочната прогноза од стабилна во позитивна. На високото ниво на финансиска стабилност укажуваат и зголемувањето на севкупната вредност на капиталот за 17 %, како и растот на осигурително – техничките резервации на групацијата за 3 %, споредено со 2013 година.
Пресметаните бруто износи на штети на Групацијата Триглав во износ од 615,7 милиони евра се за 2 % пониски отколку во 2013 година. Бројните штетни настани, на коишто беа изложени повеќето осигурителни друштва на Групацијата Триглав, придонесоа побарувањата за исплата на штети да достигнат 35,7 милиони евра, од коишто 27,3 милиони евра потекнуваат од Словенија. Групацијата Триглав има адекватно реосигурување за овој вид штети, бидејќи има конзервативна реосигурителна заштита.
Поради малата пенетрација на осигурување, бројните случувања на пазарите надвор од Словенија не влијаеа значајно на работењето на групацијата, но имаат големо влијание на куповна моќ на граѓаните на овие пазари, поради загубата на приходи, како и поради инвестициите коишто се потребни за обнова.
„Зад нас е година којашто ја обележаа поволни односи на капиталните пазари и се уште тешката бизнис клима во основната осигурителна дејност. Словенечкото стопанство веќе ги покажува првите знаци на подобрување, а повеќето од државите на југоисточна Европа прикажуваат скромен економски раст, но на пазарите на осигурување се уште се чуствуваат последиците од долгогодишната економска криза. Како добар показател го оценуваме фактот, дека во 2014 година ја подобривме позицијата на водечката осигурително – финансиска групација на словенчкиот пазар, која во светски рамки е мала, но спаѓа меѓу подобро развиените. Пазарите на осигурување во регионот Адриа спаѓаат во перспективни подрачја, со потенциал за раст, па поради тоа зајакнувањето на нашата позиција и зголемувањето на обемот на работа на овие пазари за нас се значајна стратешка насока. Групацијата Триглав и во иднина ќе ја спроведува планираната стратегија, во чиј фокус е постигнувањето на што повисок профит, финансиска стабилност и безбедност на работењето. Јадрото на работењето останува во основната осигурителна дејност. На словенечкиот пазар посебна грижа ќе му посветиме на здравственото и пензиското осигурување, а на другите пазари во југоисточна Европа ќе бараме нови можности и доследно ќе ги спроведуваме зацртаните активности за раст и развој“, изјави Андреј Слапар, претседателот на Управата на Заваровалница Триглав.
Триглав Осигурување АД, Скопје минатата година ја зајакна водечката позиција на исклучително конкурентниот македонски пазар, обезбедувајќи пазарен удел од 17 % во доменот на неживотно осигурување (0,24 процентни поени повеќе отколку во 2013 година).
Компанијата обезбеди раст на бруто полисирана премија од 6%, споредено со 2013 година, којашто изнесуваше 18,6 милиони евра (1,14 милијарда денари). Меѓу останатото, компанијата засилено работеше на проширување на сопствената продажна мрежа и на развој на нови производи, особено во доменот на доброволното здравствено осигурување (во септември 2014 година компанијата доби лиценца за здравствено осигурување од Агенцијата за супервизија на осигурување).
„Една од најуспешните деловни години за Триглав Осигурување АД, Скопје е зад нас. Тоа е година во која ја зајакнавме водечката позиција со пазарен удел од 17 % и остваривме раст на бруто полисираната премија од 6%, споредено со претходната година, додека пазарот на неживотно осигурување во земјата оствари раст од 4%. Во 2014 година Триглав Осигурување Скопје оствари профит пред оданочување за 69% поголем од планираниот, во износ од скоро 1,1 милиони евра (66 милиони денари), а во делот на бруто ликвидираните штети, компанијата повторно имаше најголем пазарен удел. Сето ова укажува на финансиската стабилност на компанијата, чиј главен фокус е понатамошниот развој на сопствената продажна мрежа, којашто во 2014 година обезбеди 15% повисок удел во бруто полисираната премија, споредено со 2013 година“, изјави Сања Танчевска, Извршен директор на Триглав Осигурување АД , Скопје. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Гласот ми откажа“: Кандидати раскажуваат за исцрпувачкиот финален круг за работа во „Амазон“
Вработен во „Амазон“ откри како изгледа нивниот озлогласен завршен круг разговори за работа, последната и најинтензивна фаза од селекцискиот процес во компанијата. Станува збор за вистински маратон – четири до шест последователни интервјуа, од кои секое трае меѓу 45 и 60 минути, а сите се одржуваат во ист ден, пренесува Унилад.
Официјален опис на процесот
На официјалните страници за вработување, „Амазон“ наведува дека кандидатите разговараат со повеќе вработени, при што секој од нив проценува различни вештини и искуства за да се добие целосна слика за тоа како кандидатот би се вклопил во тимот и работната средина.
Сите кандидати се оценуваат според таканаречените „Принципи на лидерство“, интерен сет на вредности и правила, а интервјуерите бараат конкретни примери за тоа како кандидатите ги применувале во досегашната работа.
Компанијата користи прашања засновани на реални ситуации од пракса, со цел да добие конкретни примери од претходното искуство и да разбере како кандидатот пристапува кон предизвици, донесување одлуки и соработка. Пример за такво прашање е:
„Опишете ситуација во која сте презеле ризик, сте направиле грешка или сте доживеале неуспех. Што се случи и што научивте од тоа?“
Искуство од прва рака
Еден вработен во „Амазон“ од Австралија, кој работи во малопродажниот тим, го споделил своето искуство на „Редит“, потврдувајќи дека процесот е исклучително тежок. Тој го опишал како „многу интензивен“ и објаснил дека системот е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед.
„Прво следи 20-минутен телефонски разговор со одделот за човечки ресурси. Потоа доаѓа едночасовен видеоповик со менаџерот кој вработува. По тоа следи завршниот круг – пет едночасовни разговори, еден на еден, со пет различни лица“, појаснил тој.
„Од тие пет лица во завршниот круг, едно е таканаречен ‘bar raiser’, лице задолжено за одржување на високи стандарди; од него се очекува да биде построго кон кандидатот и подетално да го испрашува. По завршниот круг, интервјуерите даваат препорака ‘вработи’ или ‘секако вработи’, односно ‘не вработувај’ или ‘никако не вработувај’. Потоа се состануваат и дискутираат. Мислењето на менаџерот што вработува и на ‘bar raiser’-от има најголема тежина. Кандидатот мора да добие препорака за вработување од сите пет интервјуери“, додал тој.
Исцрпувачко и монотоно
Друг корисник на „Редит“ го опишал процесот како целосно исцрпувачки.
„Никогаш не сум учествувал во толку интензивен, монотон и здодевен процес на вработување“, напишал тој.
„Во еден момент гласот почна да ме издава, бидејќи од мене се очекуваше да зборувам 30 до 45 минути. Повеќето интервјуери ми оставија само десет минути на крајот за мои прашања, а имав многу повеќе што сакав да прашам отколку што времето дозволуваше“, се пожалил.
Слично искуство споделила и вработената Емили Мареј на веб-страницата на „Амазон“.
„Иако и претходно сум одела на интервјуа за работа, ниту едно не било толку ригорозно, долго или темелно како тоа во Амазон. Процесот се состоеше од телефонски разговори со регрутер и менаџерот што вработува, по што следеше петчасовен завршен круг интервјуа со неколку интервјуери од различни делови на компанијата“, навела таа.
Мареј им советува на кандидатите однапред да подготват конкретни примери од своето искуство, да поставуваат прашања, да ги прилагодат одговорите на описот на работното место и своите успеси да ги поткрепат со бројки и податоци.
Економија
„Новата мачка во градот“ – Ексклузивна февруарска понуда за новата Ford Puma Hybrid
Овој февруари, во духот на „месецот на мачките“, Гранд Ауто ја претставува специјалната продажна кампања „Новата мачка во градот“, посветена на новата Ford Puma Hybrid – модел кој комбинира впечатлив дизајн, динамични перформанси и напредна хибридна технологија. Кампањата носи ексклузивни попусти достапни само во текот на февруари, за верзиите со мануелен и автоматски менувач.
Во ограничен временски период, купувачите имаат можност да го добијат овој атрактивен компактен SUV по специјални цени:
Ford Puma Hybrid – мануелен менувач: од 21.500 €
Ford Puma Hybrid – автоматски менувач: од 23.500 €
Понудата важи само до крајот на февруари 2026 година и се однесува на возила од залиха.
Со својата агилност, карактер и урбана енергија, Ford Puma совршено го оправдува слоганот „Новата мачка во градот“ – автомобил создаден за возачи кои сакаат стил, технологија и возбудливо возачко искуство во едно.
Повеќе информации за кампањата и достапните модели: https://ford.mk/puma-hybrid-nova-macka
(ПР)
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)

