Компании
Групацијата Триглав во 2014 година со одлични финансиски резултати
Групацијата Триглав во 2014 година работеше добро и го задржа високото ниво на финансиска стабилност.
И покрај сѐ посложената деловна средина, групацијата Триглав ја зајакна својата водечка позиција на словенечкиот пазар на осигурување, притоа зголемувајќи го пазарниот удел за 0,3 процентни поени на 36,1%.
Во извонредните околности на пазарите на капитал, коишто овозможија многу висок поврат на финансиските инвестиции, групацијата ја заврши годината со нето профит од 85,7 милиони евра, остварувајќи 23% повеќе споредено со претходната година.
Групацијата забележа поврат на капиталот од 13,4%, надминувајќи ја на тој начин планираната стратешка вредност, којашто е цврсто поврзана со реализацијата на визијата за развој.
Групацијата Триглав, водечка осигурителна и финансиска групација во Словенија и една од најголемите групации во југоисточна Европа, во Словенија го зајакна својот пазарен удел, којшто сега изнесува 36,1% (0,3 процентни поени повеќе споредено со 2013 година).
Во Словенија, во доменот на животно осигурување го зголеми својот пазарен удел за 0,1 процентен поен, на 32,7%, додека пак во доменот на неживотно осигурување пазарниот удел изнесува 37,4% односно 0,3 процентни поени повеќе споредено со 2013 година.
На работењето на Групацијата во 2014 година првенствено влијаеја неповолните деловни услови на осигурителните пазари и вонредните околности на пазарите на капитал, коишто овозможија многу висок поврат од финансиските инвестиции. Групацијата 2014 година ја заврши со нето добивка во висина од 85,7 милиони евра, што е за 23% повеќе споредено со 2013 година и дури 31% над планираното. Нето добивката на Заваровалница Триглав, како матична компанија, изнесуваше 45,6 милиони евра, што е за 6% помалку од претходната година. Матичната компанија постигна поврат на капитал од 8,7%, а групацијата 13,4%.
Споредено со 2013 година, групацијата обезбеди 1% помалку полисирана премија, додека пак Заваровалница Триглав 2% помалку, што е еднакво со падот на целокупниот пазар на осигурување во Словенија. На осигурителниот пазар се уште се чувствуваше влијанието на ослабената куповна моќ на граѓаните и послабата економска активност. Потврда за доброто работење во основната дејност на неживотно осигурување е комбинираниот количник на групацијата Триглав во висина од 96,3%, како и комбинираниот количник на матичната компанија од 94,7%.
Заваровалница Триглав во 2014 година постигна многу висок поврат на финансиските инвестиции, прикажувајќи пораст од 285% споредено со претходната година. Групацијата Триглав имаше 138% повисок поврат од финансиските инвестиции, којшто изнесуваше 132,1 милиони евра (без добивката од вложувањата на осигурениците со животни осигурувања, кои преземаат ризик на инвестиција).
Исплатените бруто штети на Заваровалница Триглав останаа приближно на исто ниво споредено со 2013 година, додека во групацијата Триглав е забележан пад од 2% споредено со 2013 година. Во 2014 година имаше неколку масовни штетни настани. Во Словенија најголема штета предизвика невремето со снег и леден дожд на почетокот на годината, кое предизвика штета од 12,7 милиони евра и повеќе од 1.550 пријавени штети на територијата на цела Словенија.
Консолидираните бруто оперативни трошоци во доменот на осигурување останаа приближно на истото ниво како и во 2013 година. Во матичната компанија беа реализирани 1% повисоки консолидирани бруто оперативни трошоци, првенствено како последица на зголемените трошоци за аквизиција (продажни кампањи и провизии за застапници на осигурување), како и трошоците на работа во основната дејност на осигурување, но од друга страна беа намалени останатите трошоци.
На групацијата Триглав ѝ беше доделена висока оцена за кредитен рејтинг, “А-“, од страна на двете рејтинг агенции, Standard & Poor’s и A.M. Best, како резултат на солидната капитализација, прилагодена на ризиците, добрите оперативни перформанси и доминантната конкурентна позиција на групацијата Триглав на словенечкиот пазар. Standard & Poor’s на групацијата ѝ додели стабилна среднорочна прогноза, додека пак агенцијата A.M. Best ја унапреди среднорочната прогноза за 2014 година од “стабилна” во “позитивна”.
Високото ниво на финансиска стабилност беше потврденo со зголемувањето на вкупниот капитал на групацијата Триглав за 17% (688,1 милиони евра), како и 9% повисокиот вкупен капитал на матичната компанија (544,0 милиони евра). Бруто техничките резерви на групацијата Триглав се зголемија за 3% споредено со 2013 година (2,333,7 милиони евра), додека во матичното друштво се зголемија за 5% (2,060,0 милиони евра). Двете категории се гарант и основа за урамнотежено работење и обезбедување на долгорочна сигурност на нашите осигуреници.
Групацијата Триглав на 31. Декември 2014 година имаше вкупни средства во висина од 3.275,4 милиони евра (индекс 106), а Заваровалница Триглав 2,721,3 милиони евра, што е 7% повисоко споредено со крајот на 2013 година.
“2014 година беше предизвик, но сепак постигнавме одлични деловни резултати и ја одржавме финансиската стабилност. Во 2015 година имаме амбициозни планови на понатамошно консолидирање и подобрување на резултатите од работењето на осигурителните и останатите компании во групацијата Триглав. Имаме намера да ги искористиме сите можности коишто ќе ги препознаеме на некој пазар, или во некој пазарен сегмент, во согласност со стратешките цели за раст и развој на групацијата. Истовремено, продолжуваме со разумна консолидација на сопственоста на зависните друштва во групацијата, со оптимизација во управувањето со средствата во групацијата и дезинвестирање на инвестициите во сопственичките удели на компаниите, чија дејност не е во согласност со стратегијата на групацијата“, вели Андреј Слапар,Претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав.
Ревидираните резултати на Заваровалница Триглав и групацијата Триглав за деловната 2014 година ќе бидат објавени на 3 април 2015 година, како што е предвидено во финансискиот календар. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
„Реплек“ пробива на строгиот британски пазар: Реконазол, прв лек на компанијата регистриран во Обединетото Кралство
Значаен успех на „Реплек“ во пробивањето на портфолиото на компанијата на строгите странски пазари. Со регистрацијата на Реконазол, производ за третман на дерматолошки состојби во Обединетото Кралство, „Реплек“ го направи својот прв важен чекор за пласман на британскиот пазар. Одобрението за Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е издадено од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), регулаторно тело на Обединетото Кралство кое се смета за еден од најригорозните системи во светот во делот на оценка на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на лековите. Регистрацијата е потврда дека овој лек на „Реплек“, како и производствените процеси на компанијата, ги исполнуваат највисоките меѓународни регулаторни стандарди.
Оваа регистрација ќе важи пет години, а првиот извоз ќе се реализира преку локален партнер кон крајот на овој месец. Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е наменет за превенција и третман на инфекции предизвикани од габата Mallassezia, вклучувајќи состојби како првут, себороичен дерматитис и tinea versicolor.
„Регистрацијата на Реконазол во Обединетото Кралство е важна пресвртница за компанијата и јасна потврда за квалитетот, стручноста и зрелоста на нашите производствени и контролни процеси. ‚Реплек’ има развоен, регулаторен и тим за контрола на квалитетот способни да подготват технички документации, клинички податоци, извештаи за усогласеност со добра производствена и добра лабораториска пракса, како и квалитетни системи споредливи со меѓународни стандарди. Фактот што овој наш производ успешно ја помина строгата евалуација на MHRA дополнително ја засилува довербата во компанијата, и од пациентите, и од нашите партнери. Регистрацијата на лекот е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив раст и континуирано зајакнување на присуството на развиените западни пазари“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Британскиот пазар е многу значаен глобален пазар, кој има јасни регулаторни барања и висока куповна моќ. Регистрацијата на медицински производ во Обединетото Кралство значи дека тој успешно ја поминал оваа ревизија, што ќе отвори врата и за настап на други развиени пазари во Западна Европа. Ова е уште еден доказ дека „Реплек“ располага со високоразвиени системи за контрола на квалитетот, способни да одговорат на барањата и на најпребирливите пазари. Регистрацијата на лек во Обединетото Кралство е силна референца која ја зголемува довербата и кај идните потенцијални партнери и дистрибутери, како и основа за натамошно ширење на портфолиото на меѓународните пазари. Со ова одобрение „Реплек“ уште посилно ја зацврстува својата позиција како сигурен и кредибилен фармацевтски производител, способен да одговори на највисоките регулаторни барања.
Неодамна „Реплек“ по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)

