Компании
Охридскиот аеродром – втор најбрзорастечки во Европа во првиот квартал
Охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ е втор најбрзорастечки аеродром во Европа во првите три месеци годинава во категоријата под пет милиони патници годишно.
Ова признание за аеродромот со кој раководи „ТАВ Македонија“ доаѓа од ACI Europe (Меѓународниот Совет на Аеродроми за европскиот регион), кое во својот последен извештај бележи раст на бројот на патници на „Св.Апостол Павле“ во првиот квартал од 2016 година од 173,9 отсто. „Значителниот пораст од 173,9 отсто на бројот на патници на ,,Св. Апостол Павле’’ во првиот квартал, измерен од страна на ACI, надвор од туристичката сезона во Охрид, се должи пред сè на воведените нови линии минатата година од охридскиот аеродром за Базел, Цирих и Лондон. Очекуваме порастот да продолжи до крајот на годината, со оглед на постоечките чартер-летови во главната туристичка сезона каде што најбројни се патниците од Холандија, но и на новата директна редовна линија Охрид-Белград која во јуни ќе ја воведеме заедно со авиокомпанијата Ер Србија, како и новите чартер-летови – Охрид-Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа и Охрид-Брисел, со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук, кои исто така ќе почнат следниот месец“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.Извештајот на ACI Europe се однесува на сите цивилни патнички летови (регуларни, нискобуџетни и чартер-летови) и вклучува 206 аеродроми преку кои се одвива 88 отсто од европскиот воздушен сообраќај на патници. Според него, европскиот аеродромски сообраќај во првото тримесечје од годинава пораснал за 7,8 отсто.„Аеродромите во Европа постигнаа одлични резултати во поглед на патничкиот сообраќај во првиот квартал од 2016 година. Иако дополнителниот ден во февруари и Велигденските празници во март помогнаа, зголемувањето на магнитудата на сообраќајот на многу аеродроми пркосеше на економската гравитација. До одреден степен, се спротивстави и на сè понеповолното геополитичко и безбедносно опкружување. Се додека овие ризици остануваат под контрола, а горивата се достапни, очекуваме позитивен исход за авиосообраќајот до крајот на годината. Фактот што аеродромите се особено фокусирани на подобрување на нивните конкурентни позиции и се борат да привлечат нов сообраќај исто така игра важна но често занемарена улога во одржувањето на достигнатото ниво на сообраќај“, изјави Оливиер Јанковец, генерален директор на ACI Europe.Најбрзорастечки аеродром во Европа во категоријата под 5 милиони патници годишно е воздушното пристаниште во белгискиот град Лиеж, каде што во првото тримесечје од годинава имало пораст на патници од 275,4 отсто. Зад аеродромите во Лиеж и во Охрид, меѓу првите пет се рангирани и аеродромите во белгискиот град Остенд (136,6%), Санторини (127,1%) во Грција и Орадеа (70,7%) во Романија. Генерално, европскиот аеродромски сообраќај во оваа категорија во првиот квартал од годинава пораснал за 8,9 отсто. ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле’’, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510. Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите четири месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 486.968 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15%./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Штедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
Резолуција што носи сигурност
Почетокот на годината е период кога многумина прават пресек на досегашните финансиски навики и размислуваат за начини како да внесат поголема стабилност и поголема контрола во секојдневието. Во таков контекст, вниманието сè почесто се насочува кон долгорочно планирање и одговорно управување со личните средства. Меѓу најчестите и најразумни одлуки е штедењето, бидејќи овозможува финансиска сигурност и подобра организација на буџетот на подолг рок. За да прерасне во навика со реални резултати, потребен е јасен план и решение на кое може да се потпрете.
Јасна рамка за стабилен почеток
Кога условите се однапред познати, штедењето станува едноставно и без грижи. Токму во таков контекст, Халкбанк го нуди Промо депозитот како сигурен почеток на финансиската резолуција за 2026 година. Со рок на орочување од 13 месеци и фиксни каматни стапки oд 3,00% за МКД, 2,00% за ЕУР и 2,00% за УСД овој депозит создава стабилна временска рамка што овозможува планирање со јасна насока.
Фиксна камата и јасен принос
Промо депозитот се темели на фиксна каматна стапка, која обезбедува целосна предвидливост на приносот а каматата се исплаќа на крајот од периодот на орочување.
Мал чекор денес, стабилност утре
Додека годината се заокружува, а празничните денови нè потсетуваат на важноста на сигурноста и грижата за иднината, штедењето добива поинакво значење. Тоа станува вредна одлука – подарок што си го даваме сами на себе. Со Промо депозитот на Халкбанк, новата година не започнува само со желби, туку со конкретен чекор што носи стабилност, доверба и чувство на сигурен почеток.
Промо депозитот е достапен во филијалите и експозитурите на Халкбанк, каде клиентите можат да добијат дополнителни информации и професионален совет.
(ПР)
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.

