Компании
Пивара Скопје наградена за својот деловен углед и за придонесот во развојот на заедницата
Сојузот на стопански комори на Македонија ѝ го додели во петокот на Пивара Скопје признанието „Златна монета“ за бренд со највисока корпоративна репутација во земјата.
Ваквото признание, кое првпат се воведува оваа година, им се доделува на компании со висок углед во домашната деловна заедница, кои континуирано бележат одличен успех и имаат значајни остварувања во доменот на општествената одговорност и кои се омилени и имаат голема доверба во јавноста, кај потрошувачите, партнерите и останатите бизнис субјекти на пазарот.
„Сите награди и признанија што ги добиваме имаат големо значење за нашата компанија, но ова признание ни дава посебна сатисфакција, бидејќи е резултат на довербата и угледот што со децении го гради Пивара Скопје во јавноста и во деловната заедница на која ѝ припаѓа. Истовремено ваквите признанија за нас претставуваат дополнителен мотив да продолжиме со инвестициите кои обезбедуваат натамошен одржлив развој, како и да бидеме активен и одговорен член на заедницата, придонесувајќи за нејзиниот натамошен просперитет“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ, заблагодарувајќи се за признанието од свое и од името на сите вработени во компанијата.
Дополнително, Пивара Скопје е добитник и на јубилејното признание за особен придонес во стопанството и за севкупниот развој на локалната заедница што ѝ го додели општина Гази Баба на одбележувањето на 40-годишнината од основањето на општината. Ова високо признание ѝ се доделува на Пивара Скопје заради нејзината континуирана поддршка на економскиот развој на општината Гази Баба, од нејзиното основање до денеска, како и за активностите на компанијата во унапредување на стандардите и квалитетот на живеењето во локалната заедница.
„Горди сме што на територијата на нашата општина се наоѓаат некои од најзначајните стопански капацитети за домашната економија, меѓу кои секако се издвојува Пивара Скопје. Нејзиното значење за нашата општина е големо, затоа што таа континуирано со своите добри резултати придонесува за развојот на општината и на целата наша заедница. Истовремено, со своите активности, ангажманот на своите вработени и менаџментот, како и големиот број вложувања и донации, Пивара Скопје докажува дека е вистински пријател и партнер на нашата општина, секогаш подготвена да помогне, да даде иницијатива и да земе активно учество во реализација на голем број проекти од кои полза има целата заедница“, изјави градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски на настанот со кој се одбележа 40-годишнината од основањето на општината.
Соработката и поддршката на локалната заедница е една од клучните стратешки определби и вредности на кои се темели корпоративната култура на Пивара Скопје и на сите нејзини вработени. /крај/мф/би
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Гласот ми откажа“: Кандидати раскажуваат за исцрпувачкиот финален круг за работа во „Амазон“
Вработен во „Амазон“ откри како изгледа нивниот озлогласен завршен круг разговори за работа, последната и најинтензивна фаза од селекцискиот процес во компанијата. Станува збор за вистински маратон – четири до шест последователни интервјуа, од кои секое трае меѓу 45 и 60 минути, а сите се одржуваат во ист ден, пренесува Унилад.
Официјален опис на процесот
На официјалните страници за вработување, „Амазон“ наведува дека кандидатите разговараат со повеќе вработени, при што секој од нив проценува различни вештини и искуства за да се добие целосна слика за тоа како кандидатот би се вклопил во тимот и работната средина.
Сите кандидати се оценуваат според таканаречените „Принципи на лидерство“, интерен сет на вредности и правила, а интервјуерите бараат конкретни примери за тоа како кандидатите ги применувале во досегашната работа.
Компанијата користи прашања засновани на реални ситуации од пракса, со цел да добие конкретни примери од претходното искуство и да разбере како кандидатот пристапува кон предизвици, донесување одлуки и соработка. Пример за такво прашање е:
„Опишете ситуација во која сте презеле ризик, сте направиле грешка или сте доживеале неуспех. Што се случи и што научивте од тоа?“
Искуство од прва рака
Еден вработен во „Амазон“ од Австралија, кој работи во малопродажниот тим, го споделил своето искуство на „Редит“, потврдувајќи дека процесот е исклучително тежок. Тој го опишал како „многу интензивен“ и објаснил дека системот е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед.
„Прво следи 20-минутен телефонски разговор со одделот за човечки ресурси. Потоа доаѓа едночасовен видеоповик со менаџерот кој вработува. По тоа следи завршниот круг – пет едночасовни разговори, еден на еден, со пет различни лица“, појаснил тој.
„Од тие пет лица во завршниот круг, едно е таканаречен ‘bar raiser’, лице задолжено за одржување на високи стандарди; од него се очекува да биде построго кон кандидатот и подетално да го испрашува. По завршниот круг, интервјуерите даваат препорака ‘вработи’ или ‘секако вработи’, односно ‘не вработувај’ или ‘никако не вработувај’. Потоа се состануваат и дискутираат. Мислењето на менаџерот што вработува и на ‘bar raiser’-от има најголема тежина. Кандидатот мора да добие препорака за вработување од сите пет интервјуери“, додал тој.
Исцрпувачко и монотоно
Друг корисник на „Редит“ го опишал процесот како целосно исцрпувачки.
„Никогаш не сум учествувал во толку интензивен, монотон и здодевен процес на вработување“, напишал тој.
„Во еден момент гласот почна да ме издава, бидејќи од мене се очекуваше да зборувам 30 до 45 минути. Повеќето интервјуери ми оставија само десет минути на крајот за мои прашања, а имав многу повеќе што сакав да прашам отколку што времето дозволуваше“, се пожалил.
Слично искуство споделила и вработената Емили Мареј на веб-страницата на „Амазон“.
„Иако и претходно сум одела на интервјуа за работа, ниту едно не било толку ригорозно, долго или темелно како тоа во Амазон. Процесот се состоеше од телефонски разговори со регрутер и менаџерот што вработува, по што следеше петчасовен завршен круг интервјуа со неколку интервјуери од различни делови на компанијата“, навела таа.
Мареј им советува на кандидатите однапред да подготват конкретни примери од своето искуство, да поставуваат прашања, да ги прилагодат одговорите на описот на работното место и своите успеси да ги поткрепат со бројки и податоци.
Економија
„Новата мачка во градот“ – Ексклузивна февруарска понуда за новата Ford Puma Hybrid
Овој февруари, во духот на „месецот на мачките“, Гранд Ауто ја претставува специјалната продажна кампања „Новата мачка во градот“, посветена на новата Ford Puma Hybrid – модел кој комбинира впечатлив дизајн, динамични перформанси и напредна хибридна технологија. Кампањата носи ексклузивни попусти достапни само во текот на февруари, за верзиите со мануелен и автоматски менувач.
Во ограничен временски период, купувачите имаат можност да го добијат овој атрактивен компактен SUV по специјални цени:
Ford Puma Hybrid – мануелен менувач: од 21.500 €
Ford Puma Hybrid – автоматски менувач: од 23.500 €
Понудата важи само до крајот на февруари 2026 година и се однесува на возила од залиха.
Со својата агилност, карактер и урбана енергија, Ford Puma совршено го оправдува слоганот „Новата мачка во градот“ – автомобил создаден за возачи кои сакаат стил, технологија и возбудливо возачко искуство во едно.
Повеќе информации за кампањата и достапните модели: https://ford.mk/puma-hybrid-nova-macka
(ПР)
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)

