Компании
„Порше Македонија“ го претстави новиот модел на Volkswagen Tiguan
Компанијата „Порше Македонија“ денеска во салонот на Порше Скопје го претстави новиот модел на Volkswagen Tiguan, спортско возило кое поставува нови стандарди во поглед на дизајнот, комфорот и функционалноста што еден автомобил може да ги понуди.
“Денеска ја претставуваме втората генерација на Tiguan, којшто не е само редизајнирана верзија на првичниот модел, туку нуди целосно нов изглед и концепт. Новиот Tiguan е оптимално дизајниран и произведен за да ги задоволи вкусовите и на најпребирливите љубители на спортско корисните возила (SUV). Совршено обмислен од првиот до последниот милиметар, тој им е достапен на милионите возачи и на нивните семејства како простран и флексибилен придружник за нивните секојдневни приватни или службени потреби. Накратко, новиот Tiguan е возило за сите намени кое е предвесник на една нова ера во автомобилската индустрија”, изјави Александар Цветковски – продукт менаџер на Volkswagen.Токму поради бројните иновации вградени во новиот модел, ова возило веќе ги освојува симпатиите на возачите, но и на стручната јавност. „Пред еден месец Tiguan ја освои наградата „Дизајн трофи 2016“ што секоја година ја доделува специјализираниот германски магазин за автомобили „Авто Цајтунг“ за најуспешните нови развојни решенија во автомобилизмот. Освен со „Дизајн трофи“, новиот Tiguan годинава се закити со уште едно престижно признание. Читателите на угледниот европски автомобилски магазин „Ауто билд“ го избраа Tiguan за „Автомобил на годината со погон на сите четири тркала“, награда што ова возило ја освојува по петти пат од лансирањето на првиот модел во 2007 година”, додаде Владимир Димитровски, бренд менаџер на Volkswagen. Во однос на дизајнот, стручните лица на Volkswagen направиле револуција наместо еволуција. На прв поглед, овој автомобил импресионира со елегантниот спортски дизајн кој зрачи со моќ и авторитет. Новата MQB платформа која се користи ексклузивно само кај возилата на Volkswagen ги подобрува сите аспекти на овој автомобил. Споредено со неговиот претходник, новиот Tiguan е подолг за шест сантиметри, поширок за три сантиметри и понизок за исто толку, но и полесен за 50 килограми. Возилото има значително поширок преден дел од претходниот модел. Тоа се должи на физичкото зголемување на ширината, плус визуелниот ефект на предната решетка за воздух и предните светла кои се поставени хоризонтално. Tiguan е првиот SUV на Volkswagen со ЛЕД светла кои придонесуваат предниот дел да биде особено впечатлив. Дел од новиот дизајн се и бројните аеродинамични подобрувања, како што се на пример новите ретровизори чиј отпор во воздухот е намален за 40 отсто.Џиновски скок напред е направен во однос на внатрешниот простор на возилото и багажниот простор кои се многу поголеми. Багажниот простор на новиот Tiguan има капацитет од 615 литри, а доколку задните задните седишта се преклопени, карго капацитетот достигнува и до 1.655 литри. Зголемена е и моќноста на моторите, која се движи од 115 коњски сили до 240 коњски сили, во зависност од моделот. Иако моторите се помоќни од претходниот модел, сепак тие се за 24 отсто поекономични во однос на потрошувачката на гориво. Oвие карактеристики се дополнети со огромен капацитет за влечење приколка тешка и до 2.500 кг., како и со еден од најдобрите системи за погон на сите четири тркала 4MOTION кој доаѓа како дополнителна или стандардна опрема. Токму овој систем овозможува удобно и безбедно возење, без разлика дали станува збор за on-road или off-road, но и без оглед на временските услови. Системите за помош вградени во овој автомобил нудат совршена удобност на возилото, динамика и безбедност. Овој СУВ на 21 век нуди зголемена безбедност не само за тие што се возат во него, туку и за другите учесници во сообраќајот – други возила, пешаци, велосипедисти. На стандардниот систем за сопирање се додадени неколку нови безбедносни системи, меѓу кои и Front Assist (систем за намалување на ризик од фронтален судар) кој вклучува и итно сопирање во град и детектирање на пешаците. Новата стандардна опција во овој систем е сигнализирање при напуштањето на коловозната лента со систем за предупредување. Заштитна опрема е заокружена со седум воздушни перничиња, вклучувајќи и воздушно перниче за колената на страната на возачот. Новиот Tiguan е еден од најнапредните спортски автомобили во светот со импресивна низа иновации кои го прават електронски совршен. Технологиите вградени во него се целосно дигитализирани и реагираат на допир. Има вграден 12,3-инчен интерактивен информациски дисплеј, како и забавен систем со многу поголеми и подобрени можности за вмрежување. Освен on-road и off-road моделите, Фолксваген неодамна го претстави и Тигуан ГТЕ со хибриден погон и потрошувачка на гориво од 1,9 литри на 100 километри. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Штедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
Резолуција што носи сигурност
Почетокот на годината е период кога многумина прават пресек на досегашните финансиски навики и размислуваат за начини како да внесат поголема стабилност и поголема контрола во секојдневието. Во таков контекст, вниманието сè почесто се насочува кон долгорочно планирање и одговорно управување со личните средства. Меѓу најчестите и најразумни одлуки е штедењето, бидејќи овозможува финансиска сигурност и подобра организација на буџетот на подолг рок. За да прерасне во навика со реални резултати, потребен е јасен план и решение на кое може да се потпрете.
Јасна рамка за стабилен почеток
Кога условите се однапред познати, штедењето станува едноставно и без грижи. Токму во таков контекст, Халкбанк го нуди Промо депозитот како сигурен почеток на финансиската резолуција за 2026 година. Со рок на орочување од 13 месеци и фиксни каматни стапки oд 3,00% за МКД, 2,00% за ЕУР и 2,00% за УСД овој депозит создава стабилна временска рамка што овозможува планирање со јасна насока.
Фиксна камата и јасен принос
Промо депозитот се темели на фиксна каматна стапка, која обезбедува целосна предвидливост на приносот а каматата се исплаќа на крајот од периодот на орочување.
Мал чекор денес, стабилност утре
Додека годината се заокружува, а празничните денови нè потсетуваат на важноста на сигурноста и грижата за иднината, штедењето добива поинакво значење. Тоа станува вредна одлука – подарок што си го даваме сами на себе. Со Промо депозитот на Халкбанк, новата година не започнува само со желби, туку со конкретен чекор што носи стабилност, доверба и чувство на сигурен почеток.
Промо депозитот е достапен во филијалите и експозитурите на Халкбанк, каде клиентите можат да добијат дополнителни информации и професионален совет.
(ПР)
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.

