Компании
Позитивни реакции од компаниите за новите мерки за вработување
Компаниите членки на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во рамки на Форумот со работодавачи има можност да се запознаат со новите мерки и програми за вработување годинава.
На форумот со работодавачи на тема „Со подобри политики на поддршка до повеќе вработувања во бизнис-секторот“, пред присутните компании се обратија претседателот на ССК, Данела Арсовска, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, како и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски.
За бизнис секторот е од особена важност субвенционирањето и понудата на мерки кои ќе го стимулираат вработувањето.
„Секоја компанија има потреба од кадар кој ќе придонесе во нејзиниот развој, но не секогаш имаат можност тоа да го направат. Знаеме дека трошоците кај компаниите во значителен дел се за плати. Мерките за вработување на млади лица, како и најавените нови сет мерки кои ќе стапат на сила, потоа субвенционирање на директни вработувања во компаниите, обуки за нововработени, се повеќе од добредојдени за компаниите кои имаат план за проширување на својата дејност и имаат потреба од нови вработувања. Веруваме дека мерките ќе ги мотивираат работодавачите да го зголемат капацитетот на човечки ресусри во нивните компании, да се квалификуваат и да придонесат во развојот на компаниите“, истакна Арсовска.
Таа додаде дека целиот сет на мерки со кои ќе се реализираат нови вработувања, се позитивни бидејќи имаат за цел креирање на нови работни места и намалување на невработеноста од една страна, а од друга страна ќе значат олеснување на давачките за компаниите.
Во рамки на работниот дел на Форумот компаниите дискутираа за искуствата од досегашната примена како и идентификување на предизвиците и потребите на бизнис-заедницата во насока на јакнење на соработката во планирање и имплементирање на политиките за вработување на локално ниво и национално ниво. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)

