Компании
Силен пад на добивката на Македонски Телеком и Т-Мобиле во 2014 година
Групацијата Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија во 2014 година оствари нето добивка од работењето во висина од 880 милиони денари (14,3 милиони евра), што претставува намалување за 55,8 отсто во споредба со претходната година.
Ова го покажуваат неревидираните консолидирани финансиски резултати согласно со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ), објавени во четвртокот.
Ваквиот пад на нето добивката се образложува со фактот што од 2014 година е применлива нова легислатива, односно донесени се измени во Законот за добивка коишто значително влијаат врз висината на добивката на Групацијата.
Добивката пред оданочување, којашто ги исклучува ефектите од даноците, се намали за 11,6 отсто во однос на 2013 година, што е резултат на намалените приходи коишто се делумно компензирани со намалените оперативни трошоци, се вели во соопшението на компанијата.
Приходите од продажба на ниво на Групација во 2014 година изнесуваат 11 милијарди денари (178 милиони евра), што претставува намалување од 11,3 отсто во споредба со 2013 година.
Оперативните трошоци во изминатата година се намалени за 12,7 отсто во споредба со 2013 година, а вкупните капитални инвестиции во 2014 година изнесуваат 1,8 милијарди денари.
Од Македонски Телеком АД – Скопје и Т-Мобиле Македонија наведуваат деја ја задржале водечката позиција на пазарот во 2014 година и покрај силното пазарно опкружување.
Продолжува трендот на пораст на приходите во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги.
Македонски Телеком во 2014 година остана на лидерската позиција со пазарно учество од 63,8 отсто во сегментот на фиксната телефонија и удел од 50,8 отсто во делот на широкопојасниот интернет, според интерните податоци.
Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 13 отсто во споредба со 2013 година, со бројката од 237 илјади корисници, Македонски Телеком ја задржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги, стои во соопштението.
Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV во 2014 година се зголемија за 6,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година.
Фокусот на double и triple play пакетите го зголеми бројот на интернет корисници за 2,7 отсто, што резултираше со база од 190,5 илјади DSL корисници на крајот од 2014 година. Македонски Телеком постигна одлични резултати со дигиталната телевизија, како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство.
На крајот од изминатата година, бројот на MaxTV корисници е зголемен за 12 отсто во споредба со 2013 година и изнесува 98 илјади корисници на IPTV, се вели во соопштението.
Во мобилната телефонија, приходите од говорни мобилни услуги во 2014 година се намалија за 18,7 отсто во споредба со претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите.
Продолжи трендот на зголемено користење на мобилните услуги, при што во пакетите се опфаќаат сè повеќе минути за истата цена. Тоа придонесе за зголемување на бројот на минути на користење, делумно придвижено од континуираното намалување на тарифите.
Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и на конкуренцијата, просечниот приход по корисник е намален за 17,2 отсто во споредба со 2013 година.
Т-Мобиле Македонија во 2014 година ја задржа водечката позиција со удел од 46,8 отсто на пазарот. Во услови на стабилна пенетрација на пазарот и силна конкуренција, Т-Мобиле успеа не само да го задржи, туку и да го зголеми бројот на корисници. Поточно, на крајот од 2014 година Т-Мобиле имаше 1.197 илјади претплатници, што е за 2 илјади повеќе во однос на 2013 година, се вели во соопштението. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)

